Кучиња искасаа луѓе, трујачите ги фати беснило – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Кучиња искасаа луѓе, трујачите ги фати беснило

Под влијание на вестите за каснати луѓе, последниве денови се поголем е бројот на несовесни граѓани кои расфрлаат храна во која има отров по јавните површини, притоа загрозувајќи го здравјето и безбедноста на животните и на луѓето.

Во два дена, две различни кучиња на различни локации во Скопје нападнаа деца и повозрасни жители. Куче, кое најверојатно е домашен миленик ротфајлер, во четвртокот вечерта кај паркот со авионот во Ново Лисиче „искасапи“ 8 граѓани, а веќе следниот ден во Гази Баба, куче скитник нападнало мајка и шестгодишно дете.

Крвавата драма која се случувала во Ново Лисиче дополнително ги разбранува страстите поради фактот што куче кое има сопственик нападнало толку многу граѓани во урбаниот дел на градот.

Вардариште новиот дом на кучето „касап“

Опасниот ротфајлер е заловен и однесено во Стационарот „Вардариште“ каде што е најавено дека ќе се следи во наредните неколку дена за да се испита неговата здравствена состојба како и да се утврди можноста за постоење на беснило.Освен официјален ветеринар, во надзорот на кучето вклучени се и членови на невладината „Анима Мунди“. Се уште никој не се јавил дека е сопственик на кучето.

– Станува збор за напуштен миленик или милeник кој бил неодговорно чуван. Кучето засега се води како бездомно, интензивно се трага по сопственикот, зошто кучето не е чипирано, ниту е регистрирано на било кој начин. Ќе инсистираме на контрола на сите идентификуани и регистрирани кучиња во државата. Најцрното сценарио е што луѓето тргнуваат сами да ги решаваат проблеми, а тоа расфрлање на отров, што е казниво дело, не е решение за бездомните кучиња – вели Столе Велковски од Анима Мунди.

Родителите на нападнатите деца, со слики од раскрвавените тела на децата, на социјалните мрежи повикаа надлежните да најдат решение за овој проблем со кучињата. Тие најавија тужби за Град Скопје и за невладината „Анима Мунди“.

Затворска казна за сопственикот на ротфајлерот

Од Министерството за внатрешни работи пак изјавија дека случајот со напад од куче бил пријавен од страна на шест лица и тврдат дека се преземаат мерки за да се најде сопственикот на кучето, против кого ќе биде покрената кривична постапка.

– Доколку Министерството за внатрешни работи утврди дека кучето што ги напаѓало граѓаните има сопственик, по утврдувањето на идентитетот на сопственикот против него ќе се поведе кривично дело за „предизвикување општа опасност” според членот 288 од Кривичниот законик на Република Македонија – велат од МВР.

Доколку се утврди вина, сопственикот на кучето кое дивееше во Лисиче може да добие казна затвор од 6 месец до 5 години.

Труење како одмазда?

Викендов значително е зголемен бројот на отруени кучиња по скопските улици. Расфрлана храна со отров по јавните површини, освен опасност за за животните, претставува сериозна закана и по здравјето на децата.

Според градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој својот став за овој проблем го сподели на својот Фејсбук профил, расфрлањето на отров не е решение и дека таквото однесување на некои граѓани, најостро го осудува.

– Расфрлањето отров, не е решение за справување на проблемот со кучињата во Скопје. Тоа е опасно, особено за децата. Затоа ова најостро го осудувам и заедно со надлежните ќе преземеме чекори за откривање и казнување на несовесните граѓани. Веќе разговарав со командирот на ПС Центар и договоривме да се засилат патролите и контролите.Во исто време апелирам и сопствениците на кучиња да ги чуваат и шетаат врзани и со заштитна маска. Ќе иницирам средба со градоначалникот на Град Скопје и градоначалниците во општините во Скопје за да се преземат најитни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници, кои се реална опасност за граѓаните – напиша Богдановиќ.

Инаку, проблемот со кучињата скитници во Скопје се провлекува со години наназад. Единственото место каде што откако тие ќе бидат заловени можат да бидат однесени е стационарот Вардариште кој нема доволен капацитет.На територија на Скопје има над 10 000 кучиња скитници, а капацитетите на Вардариште се за 100 животни.

Бројни тужби за бројни каснувања

Само оваа година стотина граѓани го тужат ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје и бараат отштета од околу 1.500 евра, поради напад од куче. Само до октомври годинава речиси 300 граѓани побарале да се вакцинираат на Инфективната клиника поради истата причина.

Градот Скопје се уште не соопштил конкретен став за тоа како да се решат проблемите со нападите на кучињата врз населението, но и како да се заштитат животните од се почестото труење.

Извор: Слободен Печат

Би те интересирало и

Економскиот раст и развој во стапицата на медиокритетската средина

доц. д-р Марјан Николов Загрижува што и новата Влада продолжува со програма за економски раст ...

Што е аерозагадување и кои се најголемите причинители?

Денес, сѐ почесто во јавноста го сретнуваме терминот „аерозагадување”. Но не само во јавноста, туку ...