Лицата со попречености и нивните родители се враќаат во Жена парк: Преку собир ги бараат своите права

Децата со попречености и нивните родители од утре се враќаат во „Жена парк“, каде ќе кампуваат за да ја зголемат свеста кај надлежните за нивните права. Минатиот месец кога таму поминаа две ноќи и три дена, ги посети министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, но оттогаш Министерството нема преземено никакви мерки.

Четириесетина шатори распоредени во скопски „Жена парк“ во следните три дена ќе бидат привремен дом на лицата со посебни потреби и нивните родители, кои преку собир, повторно ќе се обидат да ја зголемат свеста кај надлежните за нивните права.

Од иницијативата „5 до 12“ денеска информираа дека нивните барања се ревидираат и се припремаат во форма на законски и подзаконски акти, кои потоа ќе ги достават до Собранието и до новата Влада кога таа ќе биде формирана.

Зоран Мијалков од Здружението „Сплотени срца“ најави и формирање на правно тело Сојуз 5 до 12:

„Во Сојузот ќе бидат вклучени сите здруженија кои се занимаваат со проблематиката деца и возрасни со посебни потреби, инвалидитет или хендикеп“.

Тој сподели дека имаат и меѓународна поддршка:

„Нашата иницијатива им се допадна и на луѓе надвор од Македонија, бидејќи и останатите балкански земји минуваат низ турбулентни периоди. На нас ни треба обединување и се надеваме дека од следниот месец ќе има кампови пред нивните собранија. Ние не протестираме, ова е мирен собир. Дојдоа претставници и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ, но ние веруваме на дела, а тие нека си кажуваат што сакаат. Има закони кои се мртви букви на хартија, но за нашите деца во реалноста ги нема. На оној што сака да ни помогне ќе му бидеме благодарни, а за оној што не сака ќе се молиме да не ја доживее нашата судбина“.

Родителите на лицата со попречености минатиот месец исто така, во Скопје и во повеќе градови од внатрешноста поставија книги за поддршка за да може до Собранието да поднесат иницијатива за законски измени. Иако бројката на потребите потписи беше 10 000, во книгите за пет дена се потпишаа 30 000 граѓани.

Би те интересирало и

Бејли: Јас не го почнав случајот со ДИК

На денешното предавање за корупција пред студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“  во ...

Штитеничка од Велес од неделата го напуштила Домот за стари лица во Прилеп

Од неделата попладне четириесет и деветгодишната Каролина Арсова од Велес, која од 2013-та година била ...