Лицата со посебни потреби и нивните родители повторно кампуваат во Жена парк: Повикуваат на прегратки и дружење

Лицата со попречености и нивните родители по трети пат поставија шатори спроти Собранието на Република Македонија, за да им порачаат на политичарите дека како што велат, продолжува борбата за нивните права. Почнувајќи од денеска па до четврток тие ќе кампуваат во Жена парк.

-Ве покануваме на гушкање, на дружење и на забава. Ги поканувам сите филантропи и сите навидум големи луѓе да дојдат тука и да бидат еднакви со нас. Време е сите пратеници, министри и бизнисмени да дојдат и да ги споделат проблемите, а не да остане само на хартија – ова се зборовите на радовишанецот, Суларет Алишан. Тој има оштетен вид и е еден од лицата со посебни потреби кои по трети пат кампуваат во Жена Парк.

Оттаму, претставниците на граѓанската иницијатива „Пет до дванаесет“ порачаа дека собирот го организираат за да го задржат фокусот на надлежните.

Сузана Стојановска, мајка на дете со даунов синдром сподели дека имале средба со министерката за труд и социјала Мила Царовска, на која ги истакнале нивните барања.

„Првото барање е границата од 26 години да се избрише, бидејќи тогаш престанува посебниот додаток и се додава туѓа нега, а тоа е за лицето што се грижи за лицето со посебни потреби.  Бараме посебниот додаток да продолжи до крајот на животот“, изјави Стојановска. Таа додаде дека имаат потреба и од нови дневни центри, кои како што рече, од особено голема помош ќе им бидат на самохраните родители.

„Ние сме способни да работиме, но нема кој да ги чува нашите деца“, потенцираше Стојановска.

Министерката Царовска, исто така го посети кампот спроти Собранието.

„Тоа што итно може да го направиме е разгледување на Законот за социјална заштита во делот на отстранување на технички бариери. Ќе се тргне административната бариера за посебниот додаток, кој директно ќе премине во додаток за туѓа нега. Нашата веб страна ќе биде овозможена за користење од страна на лица со оштетен вид. Веќе функционалните дневни центри ќе се обидеме да ги унапредиме за да бидат поголема поддршка на родителите кои треба своите деца да ги остават таму“, нагласи таа.

Родителите на децата со посебни потреби порачаа дека ќе организираат вави собири се’ додека не бидат исполнети нивните барања.

Додади коментар

Би те интересирало и

Струшката депонија повторно гори

Откако минатата недела депонијата во Струга беше покриена со земја и песок со цел да ...

Хан: Сите одговорни актери да се сконцентрираат на задачите што претстојат

После сите настани што ги посведочив во оваа земја, драго ми е што можам да ...

Close