Локални Избори 2017 – Лајв блог

Детали за денешните избори: Кој може да гласа, што е дозволено, а што забрането?

Се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Кој може да гласа?

Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош. Гласањето се врши лично.

По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка ученичка и студенска легитимација и друго.

Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личнот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.

Доколку утврдат дека избирачот го нема во изводите од Избирачкиот список, членовите на ИО се должни да го упатат во надлежното подрачно одделение на ДИК и да ја посетат интернет страницата https://izbirackispsiok.gov.mk/ за да се провери дали тој е запишан во Избирачкиот списоки и доколку е во кое избирачко место може да гласа.

Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од Избирачкиот список.

Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во Избирачкиот список.

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата на кандидати и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Дококу гласачот погреши нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. Лицата со физички недостаток и неписмените според Изборниот законик имаат право со себе да повикаат лице кое ќе им помогне при гласањето.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело во Република Македонија. Со Уставот на Република Македонија се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

Член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

Гласањето завршува во 19:00 часот

Гласачкото место се затвора во 19 часот, а на лицата кои се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.

Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот се додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.

Доколку гласањето биде прекинато пократко од еден час тоа не продолжува по 19 часот, но ако е прекинато подолго од три часа не продолжува истиот ден.

Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придружува кон оваа забрана.

ДИК бара исклучување на видео-надозорот во институциите каде ќе се одвива гласањето

ДИК исто така преку Општинските изборни комисии (ОИК) побара во институиците, како средни, основни училишта, градинки и слично, каде се сместени гласачките места, од 6:00 до полноќ на 11 декември да биде исклучен видео надзорот. Притоа исто така е побарано камерите кои го опслужуваат видео-надзорот да бидат насочени кон ѕидот на кој се монтирани за да се овозможи тајноста на гласачите и изборниот процес во целина. ДИК од ОИК побара тие да бидат писмено известени од соодветните институции дека се гарантира исклучување на видео надзорот. Во случај на доставени приговори од гласачи по овој основ, ДИК ќе преземе соодветни законски мерки против овластеното лице од соодветната институција, ОИК и Избирачкиот одбор.

На избирачкото место никој не смее да дојде вооружен освен припадници на полицијата. Полицајците можат да влезат на гласачкото место само во случај кога се повикани од Избирачкиот одбор и кога ќе забележат сериозно нарушување на редот и мирот.

Броење на гласовите

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Жалби

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК, гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија, кој пак по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Вториот круг за локалните избори е закажан две недели, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот, по што следи изборен молк за вториот круг кој почнува на 27 октомври на полноќ.

Вања Мицевска 15/10/201719:13

МВР: Обид за физичка пресметка во Горно Седларце и фотографирање гласачки ливчиња

Министерството за внатрешни работи соопшти дека попладнево е
приведен член на изборачки одбор. Соопштението ви го пренесуваме во интегрална
верзија:

Денеска во 15.25 на гласачкото место 2052 во село Горно Седларце, тетовско, регистриран е обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на изборачки одбор.И.М (71) од Горно Седларце дошол да гласа, и откако ја приложил личната карта во тој момент С.С. (34) член на избирачкиот одбор, поради нарушени меѓусебни односи, му ја фрлил личната карта по што И.М. физички го нападнал.

По ова известена е полицијата, а И.М. е приведен.

Канал 77 15/10/201718:32

ЛИ2017/ДИК: Излезноста на изборите до 17 часот 49,14 проценти

Излезноста на гласањето до 17 часот на територија на Република Македонија според податоците што ги објави ДИК изнесува 49,14 проценти.

Највисока излезност на ниво на Македонија е во Вевчани 72,05 проценти, а највисока во Скопје во Гази Баба 58,02 проценти. Најниско на ниво на Република македонија е во општина Маврово-Ростуше со 31,19 проценти, а најниска на ниво на Скопје во Шуто Оризари 33,83.

Вања Мицевска 15/10/201718:01

ЦИВИЛ: Комбе носи гласачи во битолски Баир

Мониторниг тимот на ЦИВИЛ испрати фотографии од населбата Баир во Битола, каде во текот на денот на неколку пати со комбе се превезуваат групи на гласачи.

Според набљудувачот на терен гласачите се носат во училиштето Ѓорѓи Сугарев. Покрај белото комбе се користат и неколку автомобили за превоз на гласачи.

Вања Мицевска 15/10/201716:52

МВР: До 14 часот без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир

Заклучно со податоците до 14 часот, може да констатираме
дека нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на
изборите – соопшти МВР.

Соопштението во продолжение ви го пренесуваме во интегрална
верзија:

Сумарно, во периодот до 14 часот примени се уште 19 пријави
по однос на изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на
избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг) што севкупно
со пријавите заклучно до 11 часот изнесуваат 26 пријави, додека пак
евеидентирани се и уште 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде
што после консултации и краток застој од по 15 до 20 минути гласањето е
продолжено.

Исто така од досегашните активности по пријави од граѓани –
осум пријави се веќе расчистени (две во радовишко, четири во валандовско и две во струмичко) и тие се отфрлени како неосновани.

Потоа, во два случаи идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави. Во еден случај, во Струга, идентификувано е лице по однос на пријава за поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен Јавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода (гласал и во име на неговата сопруга) и се работи на расчистување на случајот.

Во врска, пак, со нарушениот јавен ред и мир во близина на ОУ “Петар Здравковски Пенко” – и овој случај е расчистен, а против лицата Г.Н. (32) и Г.Т. (48) ќе бидат поднесени прекршочни пријави согласно член 11 (“тепачка”) и член 6 (“нарушен ЈРМ со оддавање на пијанство”) од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Покрај ова, денеска (15.10.) НККР Кочани поднесе кривичнапријава против лицето С.А. (36) од Скопје, поради постоење на основано сомнение
дека сторила кривично дело – “поткуп при избори и гласање” предвидено
по член 162 ст.1 од КЗ на РМ. Пријавената на ден 14.10.2017 година околу 13,00
часот отишла во домот на В.Р. од Кочани и и понудила 1.000 денари за да гласа
за одредена политичка партија на локалните избори, ветувајќи и и друга лична
корист со образложение дека имала добри врски во Скопје и луѓе на функција, со
намера да ја придобие да го изврши избирачкото право во полза на политичка
партија.Инаку, евидентирана е и една кражба на избирачко место во Шуто Оризари
во ОУ “26 Јули”. Имено во периодот од 06,00 до 09,30 часот на избирачко место бр.2957 непознат сторител од чанта на оштетената Ј.И. (службено присутна на тоа избирачко место) одзел паричник во кој имало 1.200 денари и други лични документи и платежни картички на оштетената.

Се работи на расчистување на случајот.

Вања Мицевска 15/10/201716:49

Цивил: Регистрирани партиски штандови со списоци на гласачи во Шуто Оризари

Партиски штабови на кандидати за градоначалници од две политички партии се забележани во општина Шуто Оризари речиси на секоја улица – соопшти невладината организација „Цивил“. Набљудувачите на „Цивил“ успеале да снимат и фотографираат штандови на кои партиски активисти имаат и списоци на гласачи.

Во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ пак, граѓаните го оствариле своето гласачко право носејќи партиски маици и капи.

Во објавата на „Цивил“ пишува: „Покрај родителите, партиски обележја носат и нивните малолетни деца“.

Канал 77 15/10/201716:30

До 14 часот без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир

Како што соопштивме на претходната прес конференција, и сега, заклучно со податоците до 14 часот, може да констатираме дека нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на изборите.

Сумарно, во периодот до 14 часот примени се уште 19 пријави по однос на изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг) што севкупно со пријавите заклучно до 11 часот изнесуваат 26 пријави, додека пак евеидентирани се и уште 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде што после консултации и краток застој од по 15 до 20 минути гласањето е продолжено.

Исто така од досегашните активности по пријави од граѓани – осум пријави се веќе расчистени (две во радовишко, четири во валандовско и две во струмичко) и тие се отфрлени како неосновани. Потоа, во два случаи идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави. Во еден случај, во Струга, идентификувано е лице по однос на пријава за поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен Јавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода (гласал и во име на неговата сопруга) и се работи на расчистување на случајот.

Во врска, пак, со нарушениот јавен ред и мир во близина на ОУ “Петар Здравковски Пенко” – и овој случај е расчистен, а против лицата Г.Н. (32) и Г.Т. (48) ќе бидат поднесени прекршочни пријави согласно член 11 (“тепачка”) и член 6 (“нарушен ЈРМ со оддавање на пијанство”) од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Покрај ова, денеска (15.10.) НККР Кочани поднесе кривична пријава против лицето С.А. (36) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – “поткуп при избори и гласање” предвидено по член 162 ст.1 од КЗ на РМ. Пријавената на ден 14.10.2017 година околу 13,00 часот отишла во домот на В.Р. од Кочани и и понудила 1.000 денари за да гласа за одредена политичка партија на локалните избори, ветувајќи и и друга лична корист со образложение дека имала добри врски во Скопје и луѓе на функција, со намера да ја придобие да го изврши избирачкото право во полза на политичка партија.

Инаку, евидентирана е и една кражба на избирачко место во Шуто Оризари во ОУ “26 Јули”. Имено во периодот од 06,00 до 09,30 часот на избирачко место бр.2957 непознат сторител од чанта на оштетената Ј.И. (службено присутна на тоа избирачко место) одзел паричник во кој имало 1.200 денари и други лични документи и платежни картички на оштетената. Се работи на расчистување на случајот.

Вања Мицевска 15/10/201716:17

Неколку пријави до Јавното обвинителство за изборни нерегуларности

Неколку пријави за изборни нерегуларности има доставено во основните јавни обвинителства – соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во соопштението појаснуваат дека надлежните основни јавни обвинителства преземаат дејствија за овие пријави во насока на утврдување на фактите за постоење елементи на сторени кривични дела предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија информира дека будно ги следи сите случувања за време на изборниот процес и денеска за време на гласањето.

Наведуваат дека во сите јавни обвинителства во Република Македонија, покрај редовните дежурства, организирани се и дополнителни дежурства од јавни обвинители со цел приоритетно, итно да се постапува по предмети поврзани со изборниот процес.

Комисијата за следење на изборни нерегуларности, како што наведуваат, продолжува да ја координира работата на јавните обвинителства во врска со откривање и гонење на сторители на кривични дела поврзани со изборите, за што во континуитет јавноста ќе биде известувана.

Канал 77 15/10/201715:27

МОСТ објави неправилности до 13 часот

Набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ во досегашното гласање на изборите денеска регистрираа непочитувања на постапката на гласање од страна на избирачките одбори, проблеми со изборниот материјал, проблеми предизвикани од неовластени лица, непочитувње на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи.

Ова го соопшти на прес-конференција извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.

Непочитување на постапката на гласање од страна на избирачките одбори, Алексов ги посочи на гласачко место 0001 во општина Берово каде откинати биле 5 гласачки ливчиња заедно со серискиот број. ИО направил записник за тоа и гласањето продолжило.

На гласачкото место 2753 во општина Аеродром, на скоро 60 гласачи им биле дадени гласачки ливчиња заедно со серискиот број. По реакција на гласач, ИО започнал да ги откинува ливчињата без серискиот број. Дополнително, претседателот на ИО не соработувал со набљудувачот на МОСТ

На гласачкото место 0866 во село Мојанци, општина Кочани, регистрирани се три случаи на семејно гласање во кои биле злоупотребени шест гласови. Избирачкиот одбор не реагирал.

На гласачкото место 2273 во општина Штип, седум гласачи не биле проверени со УВ ламба. Дополнително, ИО ги чита на глас имињата на гласачите.

На гласачкото место 1375 во општина Прилеп, гласач не можел да гласа зашто во избирачкиот список веќе имало потпис на негово место. Откако гласачот си заминал ИО увидел дека друг гласач со слично име по грешка се потпишал на неговото место. ИО не направил записник за ова.

На гласачкото место во 2653, Бардовци во општина Карпош, четири гласачи не биле проверени со УВ ламба.

На гласачкото место 2715 во општина Аеродром, еден гласач бил испрскан со невидливиот спреј пред да биде проверен во избирачкиот список. Гласачот на бил во Избирачкиот список зашто не гласал на тоа гласачко место, па ИО не му дозволил да гласа. Гласачот отишол на гласачкото место каде што треба да гласа, но тамошниот ИО не му дозволил да гласа.

На гласачкото место 2699, општина Аеродром, до гласачките кутии пронајдено е заокружено ливче кое не било ни превиткано. Откако ИО го забележал, го прогласил за неважечко и го ставиле кај неискористените ливчиња, бидејќи немале посебни пликови за да го спакуваат.

На гласачкото место 2902 во општина Чаир, на еден гласач му било издадено едно ливче повеќе бидејќи било залепено со претходното. ИО побарал инструкција од ДИК по што ливчето било ставено во посебен плик.

На гласачкото место 2645, општина Карпош, на гласач му биле издадени 2 ливчиња за избор на градоначалник на град Скопје по што реагирал кај ИО, кој по проверка на кочанот со гласачки ливчиња приметил дека им недостигаат две ливчиња за градоначалник на општина и две ливчиња за градоначалник на град Скопје. Гласањето е прекинато, повикан е претседателот на ОИК Карпош и полицијата и направен е записник.

Вооднос на регистрирани проблеми со изборниот материјал, Алексов нагласи дека на гласачкото место 1718 во општина Струмица, во кочанот со гласачки ливчиња за градоначалник имало ливчиња за избор на градоначалник и совет на општина Велес. Гласањето било прекинато 15 минути.

На гласачкото место 2581/1 во општина Ѓорче Петров, гласањето било прекинато 1 час и 45 минути поради тоа што во кочанот со гласачки ливчиња за избор на градоначалник имало и ливчиња за избор на совет. ИО ќе го продолжи гласањето за онолку време колку што траел прекинот.

На гласачкото место 0962 во село Жидилово, општина Крива Паланка, гласањето било прекинато во период од 15 минути поради тоа што УВ ламбите не работеле.

Во гласачките места во ОУ Браќа Миладиновци во општина Аеродром има проблеми во функционирањето на УВ ламбите.

Што се однесува до шаблонот со Брајова азбука, алексов рече дека во општина Тетово и во општина Боговиње избирачките места не добиле ваков шаблон.

За проблеми предизвикани од неовластени лица рече дека на гласачкото место 828 и 828/1, село Грешница, општина Кичево партиски активист со уште 2-3 неовластени лица агитираат во објектот пред просториите во кои се сместени гласачките места.

На гласачкото место 1455 во општина Прилеп, имало вербална расправија меѓу активисти на политички партии. Реагирала полицијата и ја смирила ситуацијата.

На гласачкото место 1471, во село Дебреште, општина Долнени имало присуство на неовластени лица пред гласачкото место. Полицијата реагирала и ги отстранила и пред ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ имало конфликт помеѓу неовластени лица. Полицијата навреме реагирала и ги отстранила од местото.

непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи регистрирани се на гласачкото место 1720/1, општина Струмица, гласач го фотографирал гласачкото ливче, била повикана полиција, а ливчето не било ставено во кутијата. На гласачкото место 2829, општина Чаир, гласач ги фотографирал ливчињата. ИО му ги одзел ливчињата и ги прогласил за неважечки. На гласачкото место 2728 во општина Аеродром, гласач заборавил едно гласачко ливче позади параванот, а во кутијата ставил три ливчиња. ИО забележал дека позади параванот има останато едно ливче, ја повикал ОИК, направиле записник, а ливчето го прогласиле за неважечко и го ставиле во посебен плик. Поради ова гласањето било прекинато 15 минути. На гласачкото место 2686, општина Аеродром, еден гласач ги ставил двете ливчиња за избор на градоначалник и совет заедно во една гласачка кутија. ИО повикал ги повикал ОИК и полицијата и направиле записник. Гласањето било прекинато околу 30 минути, по што продолжило. На гласачкото место 0307, општина Виница, најмалку 10 лица откако гласале, пред гласачките кутии ги отвориле гласачките ливчиња за да видат во која гласачка кутија да ги стават и јасно можело да се види за кого гласале.

Алексов соопшти дека во околината на ОУ „Браќа Рамиз Хамид“ во општина Шуто Оризари, се делеле прехранбени продукти од различни политички партии. Дополнително, бил лепен пропаганден материјал.

Од МОСТ апелираат до граѓаните нерегуларности во гласањето да пријавуваат на бесплатната телефонска линија 080 080 080.

Вања Мицевска 15/10/201714:17

Излезноста до 13 часот е 27,11 %

На ниво на Република Македонија, излезноста на гласачите до 13 часот е 27,11 % – соопшти на прес конференција портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Според неа, излезноста на ниво на Град Скопје до 13 часот е 29, 17 %.

Вања Мицевска 15/10/201714:13

Во општина Ресен до 13 часот гласале 26,99 отсто избирачи

Општинската изборна комисија во Ресен потврди дека до 13 часот на подрачјето на тамошната локална самоуправа гласале 26,99 отсто од гласачите со право на глас.

„Се гласа на 50 избирачки места, а право на избор на градоначалник и членови на општинскиот Совет имаат 17.113 граѓани евидентирани во единствениот избирачки список“, посочи претседателот на ОИК-Ресен, Кирил Тански.

Вања Мицевска 15/10/201713:29

МВР: Гласањето без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир

На денешното гласање на Локалните избори нема посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Забележан е еден инцидент во општина Бутел, кој не е поврзан со изборите. МВР
има пријава и за седум случаи за поткуп – соопшти портпаролот на Министерството,Тони Ангеловски на прес конференција на која додаде дека полицијата е присутна на терен.

Тој информираше дека имало регистрирано привремен прекин или доцнење на гласањето на дваесетина гласачки места од технички причини и гласањето е продолжено.

Вања Мицевска 15/10/201713:24

ДИК: Излезеноста до 10 часот 8,98 проценти

Излезеноста до 10 часот според податоците добиени од општинските изборни комисии (ОИК) на територијата на Македонија е 8,98 проценти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.

По општини најмала излезеност е забележана во Врапчиште 3,51 процент, а најголема во Демир Капија од 19,15 проценти.

На територија на Град Скопје излезеноста изнесува 9,56 проценти. Најмала излезеност во скопските општини има во Чаир 5,76 проценти, а најголема во Ѓорче Петров 11,53 проценти.

Во општина Аеродром на гласање излегле 10,62 проценти, во Бутел 10,61 процент, во Гази Баба 11.01 процент, во Карпош 10,99 проценти, во Кисела Вода 10,22 проценти, во Сарај 6,87 проценти, во Центар 9,96 и во Шуто Оризари 7,79 проценти.

– На сите 3.480 избирачки места гласањето е започнато и тече без неправилности. На некои места има доцнење од најмногу половина час од причина што избирачките одбори работеле на отстранување на пропаганден материјал, рече Гугучевска.

ДИК ја соопшти излезеноста и во сите општини во Македонија до 10 часот.

Во Аеродром излезеноста е 10,62 проценти, во Арачиново 8,14 проценти, Берово 13,91 процент, Битола 9,57 проценти, Богданци 11,39 проценти, Боговиње 4,08 проценти, Босилово 5, 25 проценти, Брвеница 5,54 проценти, Бутел 10,61 процент, Валандово 9,97 проценти, Василево 7,18 проценти, Вевчани 9,48 проценти, Велес 10,72 проценти, Виница 10,17 проценти, Врапчиште 3,51 процент, Гази Баба 11,01 процент, Гевгелија 13,53 проценти, Ѓорче Петров 11,53 проценти, Гостивар 4,41 процент, Градско 11,57 проценти, Дебар 5,78 проценти, Дебрца 10 проценти, Делчево 12,87 проценти, Демир Капија 19,15 проценти, Демир Хисар 12,76 проценти, Дојран 11,3 проценти, Долнени 4,82 проценти, Желино 4,77 проценти, Зелениково 10,02 проценти, Зрновци 31,21 процент, Илинден 8,05 проценти, Јегуновце 5,39 проценти, Кавадарци 12,56 проценти, Карбинци 10,35 проценти, Карпош 10,99 проценти, Кисела Вода 10,22 проценти, Кичево 7,4 проценти, Конче 7,70 проценти, Кочани 12,2 проценти, Кратово 11,34 проценти, Крива Паланка 14,86 проценти, Кривогаштани 8,15 проценти, Крушево 12,32 проценти, Куманово 8,10 проценти, Липково 3,84 проценти, Лозово 14,73 проценти, Маврово-Ростуше 5,11 проценти, Македонска Каменица 15,44 проценти, Македонски Брод 11,51 процент, Могила 4,74 проценти, Неготино 11,74 проценти, Новаци 11,63 проценти, Ново Село 7,93 проценти, Охрид 7,19 проценти, Петровец 9,38 проценти, Пехчево 14,28 проценти, Пласница 10,72 проценти, Прилеп 13,83 проценти, Пробиштип 11,26 проценти, Радовиш 7,8 проценти, Ранковце 17,29 проценти, Ресен 11,2 проценти, Росоман 8,06 проценти, Сарај 6,87 проценти, Свети Николе 13,32 проценти. Сопиште 10,37 проценти, Старо Нагоричане 9,28 проценти, Струга 6,64 проценти, Струмица 9,26 проценти, Студеничани 5,53 проценти, Теарце 5,45 проценти, Тетово 4,83 проценти, Центар 9,96 проценти, Центар Жупа 6,87 проценти, Чаир 5,46 проценти, Чашка 10,81 процент, Чешиново- Облешево 10,24 проценти, Чучер-Сандево 10,58 проценти, Штип 13,61 процент и Шуто Оризари 7,79 проценти.

Државната изборна комисија информира дека има воспоставено кол-центар кој е во постојана комуникација со сите ОИК. Досега нема податоци за инциденти на избирачки места.

Следната прес-конференција ДИК ќе ја одржи во 14:00 часот.

Канал 77 15/10/201711:43

Полиција интервенирала на гласачко место во Аеродром

Со полициска интервенција на избирачкото место 2686 во општина Аеродром е прекинато гласањето.

Гласач добил четири избирачки ливчиња, а кога тргнал да ги внесува во избирачките кутии имал само три. Му недостасува ливчето за советничка листа на Аеродром.

По реакција на Избирачката комисија, полицијата го прекинала гласањето, гласачот е задржан во избирачкото место. Полицијата чека налог за претрес.

Се очекува гласањето да продолжи нормално и непречено.

Канал 77 15/10/201710:20

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 2.500 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.100 набљудувачи кои покриваат околу 50% од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Дополнително, 81 набљудувач ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи.

• Гласачките места 1565, 1566, 1566/1, 1567 кои се наоѓат во ОУ “Кирил и Методиј“ во село Злетово, општина Пробиштип се отворени со 15-минутно задоцнување поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.

• ГМ 0887 во општина Чешиново-Облешево е отворено со 20-минутно задоцнување исто така поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.

• ГМ 0249 во општина Македонски Брод е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што избирачкиот одбор доцнел со уредувањето на гласачкото место.

Досега, забележано е:

 На ГМ 1860 во општина Струга, на почетокот од гласањето избирачкиот одбор откинал 3 гласачки ливчиња од кочанот заедно со серискиот број, по што гласачите ги ставиле во гласачките кутии.

 На ГМ 0689 во општина Кавадарци, гласачко ливче е откинато заедно со серискиот број од кочанот. Ливчето било ставено во плик кој бил затворен, а на гласачот му било издадено ново гласачко ливче. Направен е записник за случајот.

 На ГМ 1076 во општина Куманово гласањето било прекинато половина час поради тоа што не работела УВ ламбата.

 На ГМ 1117 во општина Липково УВ ламбата не се користи во сите случаи. Избирачкиот одбор не реагира.

 На ГМ 1859/1 во општина Струга гласач ги фотографирал гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија, по што избегал од гласачкото место.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на уште три конференции за јавност и тоа во 13:30 часот, во 17:30 часот и во 20:30 часот.

Би те интересирало и

Невладините се’ уште немаат официјален одговор за завршницата на истрагите за нивната работа

Дваесетината невладини организации чија работа беше предмет на истрага, се’ уште немаат официјални информации за ...

Македонец од Мелбурн потрошил 300.000 долари од донации на алкохол и на гаќи

Пензионерот Борис Трајков (76), поранешен новинар во македонската редакција на австралиското државно радио за националностите ...