Локални Избори 2017 – 07.10.2017 (Сабота)

Вања Мицевска 07/10/201713:38

Богоев: Го враќаме сјајот на Нерези, обединуваме, не делиме

Нерези е место на стари скопјани, карпошани и тука мора да има подобар и поубав живот за сите, нагласи Стефан Богоев, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Карпош на средбите со граѓани во Нерези.

„Во 21 век граѓаните се соочуваат со елементарни проблеми. Немаат вода за пиење, канализација, осветлување, нема безбедни улици“, изјави Богоев.

„Покрај основните инфраструктурни решенија, Богоев напомена дека Нерези ќе добие и детско игралиште, како и Културно – едукативен центар сместен во просториите на
урбаната заедница на Нерези. Нерези е типичен пример како треба да функционира мултиетничка средина на локално ниво. Без разлика на верска или национална припадност граѓаните сакаат да продолжат да живеат заедно, без поделби и
етикети. Затоа што сите имаме исти проблеми, сите сакаме локален економски развој и младите да ги задржиме во својата земја. Ветувам дека ќе креираме политики кои обединуваат, овозможуват развој на мултикултаризмот во Карпош и
Скопје и намалување на младинската невработеност преку поддршка на бизнис идеи и отворање на старт ап центри“, рече Богоев.

„Затоа ги предвидуваме и едномесечните средби со граѓаните, ние не сме најпаметни и за голем број од проектите (особено од вашата урбана заедница) ќе црпиме решенија
од граѓаните. Всушност, овие денови ги поставуваме и контурите на новата локална власт која започнува да работи од 16-ти октомври“, потенцира Богоев.

Вања Мицевска 07/10/201712:41

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Прилеп

Преостануваат само уште неколку дена до 15-ти октомври и одлуката по кој пат ќе тргне Македонија. Дали ќе продолжи слободниот пад или тој ќе биде сопрен, и ќе започне новата ера. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори – ова синоќа од Прилеп го порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој најави поголем дел од проектите од програмата ,,Нова ера“ за Прилеп, но и ја обвини владеачката партија за како што рече помрачувањето кое го донела по преземањето на власта:

„Нивната политика е политика на навреди, на креирање на тензии и заплашување, политика на насилство на многу афери, корупција, криминал. Тие знаат само да палат, укинуваат и уништуваат. Сите мора да знаат дека ние не се плашиме од никого. Ние сме ВМРО и ВМРО не се плаши од никого“.

„Денес ќе соопштам што е причината за ова економско фијаско кое ни го приредува неспособниот тим на противникот. Расходите за капитални инвестиции се преполовени. Во првите 5 месеци од оваа година, во многу полоша ситуација и во период кога функционираше техничка влада, на месечно ниво во капитални инвестиции од буџетот се инвестираа во просек по 25 милиони евра. Откога се овие некадарни луѓе во владата, во јуни, јули и август, капиталните инвестиции
во просек месечно изнесуваат по едвај 14 милиони евра. Тоа е најголемата причина за економскиот пад. Ако порано на секои два дена слушавме добри вести во економијата, денес секој ден слушаме лоши. Како извозот паѓа, колку индустриското производство оди надоле, како платите опаѓаат, Бруто домашниот производ опаѓа. Жива странска инвестиција не доаѓа, а тие што се тука размислуваат да си заминат. Девизните резерви продолжуваат да се топат, нови 4 милиони евра во август се потрошени, а бројката помина над 180 милиони евра откога се на власт. Во секое поле неспобност и аматеризам“, изјави Груевски.

„Ние имаме визија за Македонија. Ние имаме решенија за Македонија. Ние, ја нудиме новата ера за Македонија. Нова ера на 150.000 нови работни места, односно пад на невработеноста под 10 %. Нова ера на двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом. Нова ера на 2,5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12.000 илјади долари. Тоа значи 2,5 пати побогати граѓани, но и 2,5 пати повеќе пари во државата за капитални проекти, нови патишта, нови водоводи, болници, канализации, нови училишта, улици, паркови. Нова ера на најниски даноци, поголеми плати, пензии субвенции. Нова ера на големи вложувања во екологијата“, додаде поранешниот премиер.

Актуелниот и канадидат за четврти градоначалички мандат, Марјан Ристески осврнувајќи се на сработеното најави бројни проекти за граѓаните доколку ја добие нивта доверба:

„Во наредните 4 години ќе продолжиме со носење на нови домашни и странски инвестиции и дооформување на индустриските парцели. Ветувам во наредните години 5 до 7.000 нови вработувања. Во наредните 4 години ветуваме гасификација на Прилеп, продолжување на фабриката за секундарна селекција на отпад и компостара со крајна цел производство на електрична енергија и биогас – прва од таков вид во Македонија. Ќе отвориме 4 нови градинки и ќе го зголемиме нивниот капацитет за 600 деца. За првпат на историјата на Прилеп партерно ќе биде уредено речното корито по целата негова должина. Нови кружни текови и реконструкција на мостовите, комплетна реконструкција на старата чаршија. Доградба на градскиот стадион Гоце Делчев, за 2 години Прилеп ќе го има новиот храм на фудбалот“.

„Ќе се изгради центар за туризам Крали Марко во населбата Варош, најстарата населба“, порача Ристески повикувајќи ги своите сограѓани да излезат сложно и да ја поддржат и советничката листа на коалицијата „За подобра Македонија” предводена од носителот Петар Ристески.

Би те интересирало и

Мануши Чилар од Индија е Мис на светот 2017

Индиската убавица, Мануши Чилар денеска е избрана за Мис на светот за 2017 година. Во ...

УНИЦЕФ: Јемен ќе остане без гориво и вакцини за еден месец

Портпаролката на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во Јемен, Маритксел Релањо, денеска предупреди дека резервите ...