Луѓе пред пензија бараа работа на Саемот за вработување во Штип

Луѓе пред пензија се најдоа на денешниот настан кој требаше да ги привлече младите штипјани. Агенцијата за вработување на Република Македонија по втор пат организира Саем за вработување во Штип, кој како најатрактивен се покажа за оние кои десетина години се без работа, иако како што велат, редовно се пријавуваат во Заводот.

„Убаво ти е и без работа“ – со овие зборови вработена во Агенцијата за вработување во Штип му се обратила на шеесетгодишниот, Камче Василев кој неколку пати се обидел да добие грант за самовработување, откако останал без работа во 1995 година.

Веќе 22 години неговото семејство преживува од платата на неговата сопруга, што таа ја заработува во една од локалните конфекции. Василев е еден од луѓето, кои иако се пред пензија, денеска го посетија Саемот за вработување во Штип. Вели дека на настанот дошол случајно и со скептицизам, бидејќи како што тврди, досега редовно се пријавувал во Заводот, но никој не го вработува.

„Редовно се пријавував  од 95 година и случајно наминав тука, не ни знаев дека има ваков настанот. Неколку години одев на сезонска работа во Црна Гора, доаѓав овде да ги платам сметките и повторно се враќав таму“, раскажува Василев.

Слична е приказната и на шеесетгодишниот Владе Маџовски, кој 13 години бил градежен работник, но веќе со години е невработен:

„Потребни ми се уште 2 години за да имам стаж од 15 години и да се пензионирам. Егзистирам со социјална помош, а земам и додаток за нега бидејќи имам преживеано мозочен удар, тоа се 8000 денари месечно. Нон стоп се пријавувам во Заводот, еве сега во јули повторно треба да се пријавам“.

На своите двајца сограѓани се надоврза и шеесет и едногодишниот, Ванчо Тиквешански. Триесет години работел во фабриката Македонка, а потоа уште уште десет на градските гробишта.

„Можам да работам во која било струка, што ќе најдам преку Заводот…веќе две години живеам со по 2800 денари месечно“.

Работодавачите кои имаат свои штандови на Саемот велат дека се задоволни од заинтересираноста.

„Доколку не носат CV, заинтересираните може да пополнат формулар на самиот штанд“, изјави Марија Ордева, претставничка на една од компаниите.

И покрај тоа што Саемот денеска беше најпривлечен за повозрасните, според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски целта на овој настан е да ги мотивираат младите луѓе да ја изберат вистинската професија која ќе им даде работно место.

 

„Имаме презаситеност од млади кои се заинтересирани за општествени науки, па се јавува суфицит на пазарот на труд.  На Саемот во Скопје минатата недела имавме помала посетеност, но поквалитетни CV-ја. На саемите од 2014 и 2015 година имавме над 79 000 посетители, а компаниите вработиле околу 2 ипол илјади лица кои ги посетиле нивните штандови и ги оставиле своите податоци“, потенцира Поповски.

Саемот за вработување во Штип, Агенцијата за првпат го организираше во 2014 година, а годинава се претставија 25 компании.

Би те интересирало и

Работниците се плашат да пријавуваат злоупотреби на минималната плата

Три месеци откако законски е регулирано исплаќањето на минимална плата во износ од 12.000 денари, ...

Со минимален гарантиран доход до искоренување на сиромаштијата

Со минимален загарантиран доход до намалување на сиромаштијата во земјава – ова е решението кое ...