Македонија да ја искористи втората шанса за влез во ЕУ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Македонија да ја искористи втората шанса за влез во ЕУ

Фото: МИА

 

Препораката за преговори на Македонија со Европската унија е условена од политичките реформи и од решавањето на спорот со името. Владата мора да направи некој исчекор во однос на политичките реформи бидејќи тоа и самата декларативно го вети, а доколку не се испорачаат реформите, тогаш не можеме да говориме за второто – ова го истакнаа денеска од Институтот за европска политика, во чија организација се одржа дебата за евроинтеграциите на Македонија и нејзината втора шанса.

„Доколку испорачаме реформи опипливи и видливи во однос на владеењето на правото и департизацијата, тогаш ќе може да и’ одземеме некои од аргументите на Грција за спорот со името“, смета директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска.

Во однос на препораката на Македонија за влез во ЕУ, Кацарска вели дека таа меѓудругото, е условена и од изборите:

„Видовме дека имавме пукање завчера во Кичево, така што треба веројатно да посветиме повеќе внимание на ова. Извештајот за којшто знаеме дека ќе се случи наредната година во април е редовниот извештај за Македонија. Се’ уште немаме потврда дали ЕУ ќе излезе со вонреден извештај до крај на годината, но она што е пореалистично за очекување во оваа фаза е добивање препорака која повторно ќе биде условена со името, како што и оргинално беше седум години“.

Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска оценува дека целта на Македонија не е да шпекулира до датуми, туку да се претстави во сериозно и одговорно светло.

„Да обезбедиме уставните контролни механизми да функционираат, да обезбедиме контрола врз извршната власт, крај на сите злоупотреби во делот на прислушувањето, корупцијата и криминалот и да обезбедиме владеење на правото. Тоа се крупните политички чекори предвидени во Планот 3 – 6 – 9 кои од страна на ЕУ и и НАТО се сметаат како патокзаз како Македонија може да се врати на меѓународната сцена“, додаде Шекеринска.

Според странските експерти кои говореа на денешната дебата во Скопје, блокадата од Грција не е ненадмидлива ако Европската унија навистина сака да почне преговори со Македонија.

На дебатата говореше и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас за ревидирање на учебниците, тој истакна дека доколку тенденцијата е да се создаде еднострана основа за ревидирање на македонски учебници од надвор тогаш излегуваме од концептот на реципроцитет и во тој случај наметнуваме потреба Македонија да биде одбележана како страна која креира проблеми.

Би те интересирало и

Заев убеден дека ќе има правна разрешница за насилниот протест во Собранието

Премиерот Зоран Заев вели дека е убеден оти ќе има правна разрешница за настаните во ...

Прилепски Комуналец е најуспешен во Македонија во селекција на отпад

Според официјалните податоци на Пакомак, Прилеп, е далеку пред другите градови во селектирањето на отпадот. ...