Македонската филхармонија по 73 години постоење во сопствен објект

Македонската филхармонија по 73 години од постоењето доби сопствен објект и е првата Филхармонија во регионот, по Софиската, која има сопствена концертна сала.  Новиот објект располага со сите потребни акустични карактеристики, а концертната сала има околу илјада седишта. Објектот е граден седум години, а за него се инвестирани 37 милиони евра.

Објектот ќе биде свечено отворен утревечер во 19 часот со ексклузивен концерт на Филхармонијата со која како солист ќе настапи македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески. Концертот ќе биде под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија.

За раководниот кадар на Филхармонија и пијанистот Трпчески, новиот објект е еден од најубавите мигови за македонската музичка култура.

„Ова е нашиот нов дом. Не можам да опишам колкава е радоста кај музичарите. Новиот објект многу значи за понатамошните услови во кои ќе творат музичарите“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ при денешната посета на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Министерката за култура посочи дека се работи за комплексен проект за кој е консултиран и германски експерт.

„Се работи за комплексен објект. Во Комисијата кога го биравме идејното решение имавме архитект од Германија. За акустиката се водеше многу сметка“, рече Канческа – Милевска.

 

Новиот објект на Македонската филхармонија има добиено и меѓународна награда за идејно решение.

Додади коментар

Би те интересирало и

Започнува ликовната колонија „Вевчански видувања“

Во Вевчани вечерва започнува осмата традиционална меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, на која годинава ќе ...

Концерт на хорот и оркестарот на МОБ на Скопско лето

На Скопско лето вечер концерт ќе одржи хорот и оркестарот на Македонската опера и балет. ...

Close