„Македонскиот мерцедес на Тито“ во кој Тито никогаш не се возел (фото)

Приказната за мерцедесите на нашиот поранешен маршал нѐ одведе до гаражите на владината Служба за општи и заеднички работи во МТВ, односно тврдењата дека еден од мерцедесите 600 гросер на Тито е скриен длабоко во темнината на подрумите на телевизиската зграда, дека е запуштен, не се употребува, и покрај неговата огромна вредност како колекционерски примерок.

Автомобилите на Мерцедес отсекогаш со себе носеле почит, статус и луксуз, барем до почетокот на 90-тите години од минатиот век и појавата на „народните“ модели со сребрената ѕвезда. Сепак, и тука имаше јасно разграничување – на мерцедеси за „рајата“ со пари (кај нас гастарбајтерите што се враќаа од Западот), и оние од највисоката класа, моделите во ограничени серии и продолжено меѓуоскино растојание, кои беа резервирани за диктатори, претседатели, шеици, високи дипломати, и кои беа начичкани со сите можни помагала за олеснување на животот на големците за чија удобност беа направени.

Правиме муабет за моделите на германската компанија по завршувањето на Втората светска војна, па сѐ до крајот на 80-тите години, кои беа легендарни по беспрекорната изведба, вниманието на деталите, револуционерните решенија за возачките карактеристики, удобноста и безбедноста, опременоста, квалитетот, за кои се зборуваше дека германските инженери до толку претерувале што компанијата непотребно губела пари.

Сепак, токму поради тоа овој период се смета за златната доба на Мерцедес (таа претходната е малку контроверзна), а моделите од тоа време ја однесоа компанијата на самиот врв на автомобилската хиерархија. Едноставно не можевте да се сметате за асален државник, а не пак за респектабилен диктатор, без луксузен мерцедес во гаражата.

Токму приказната за мерцедесите на нашиот поранешен претседател, маршал, диктатор (кој како мисли) нѐ одведе до гаражите на Службата за општи и заеднички работи во МТВ, односно тврдењата дека еден од мерцедесите 600 гросер на Тито е скриен длабоко во темнината на подрумите на телевизиската зграда, дека е запуштен, не се употребува, и покрај неговата огромна вредност како колекционерски примерок.

Кога почнавме да се распрашуваме, ни кажаа дека „да, мерцедесот на Тито е вистински, но далеку од запуштен и надвор од употреба“.

„Може ли да го видиме?“

„Секако, повелете“.

(Посебна благодарност до Катерина, која нè пречека како свои луѓе).

Кога се отвори гаражата и се појави силуетата по прекривката, ми се виде некако помала од што очекував за „мерцедесот на Тито“. Се појавија предната решетка со напрчената ѕвезда, познатите вертикални фарови и сфатив дека станува збор за моделот W115, кој на времето прилично често го имаше на нашите патишта, чедо на легендарниот дизајнер Пол Брак, но во поексклузивна изведба со продолжено меѓуоскино растојание.

Не дека не бев малку разочаран, но тоа беше само во првата минута. Иако не стануваше збор за еден од „вистинските“ мерцедеси на Маршалот, големите диктаторски ѕверови, од кои два се чуваат во Белград, најмалку еден во Љубљана, а еден се продава на аукција во Лондон за 3 милиони евра, сепак стоев пред еден голем, стар, државнички мерцедес, беспрекорно сочуван во својата оригинална форма, гордо парче од автомобилската историја, редок симбол на надмоќта на германската автомобилска индустрија, „спакувана“ во „наша“ гаража.

Важен дел од приказната на „Титовиот“ мерцедес е неговиот возач, Ангеле Стојановски, кој го чува и го вози како да е дел од него. Автомобилот е произведен во 1974 (што е малку чудно бидејќи Мерцедес-бенц овој модел со 2,3-литарски бензински мотор со шест цилиндри во линија го произведувал до 1973 година, но најверојатно станува збор за ненамерна грешка, и на него сѐ е како кога излегол од производствената хала.

Со само 60.000 поминати километри, мерцедесот е временска капсула за тоа како изгледал врвниот германски луксуз во тоа време, а чичко Ангеле открива дека, иако Јосип Броз никогаш не се возел во него, не му недостига педигре, а во последно време се користи за важни гости од странски земји и настани со посебна важност (како предавањето на акредитивите на новите странски амбасадори во МНР). Единствено нешто што визуелно „боде очи“ се несоодветните, премногу модерни гуми, кои најверојатно ќе бидат брзо сменети.

„Титовиот“ мерцедес во нашите владини гаражи е исклучително вреден автомобил, не само според пазарната вредност, туку и поради сета историја што ја носи со себе. Тој е безвременски симбол на квалитет, луксуз и статус, иако нема екрани на задните седишта, и слични модерни „играчки“. Има нешто во целата таа комбинација на старински шарм, гранитност и воздржаност, без непотребни претерувања, што на формата ѝ дава подлабока содржина, карактер.

Кои во последно време ретко кој автомобил ги има, па дури и оние од по неколку стотици илјади евра.

Извор: МКД

 

Би те интересирало и

Болт ќе го отвори ГП на Америка

Атлетската суперѕвезда Јусеин Болт ќе има чест да го отвори формирачкиот круг на американското ГП ...

Вештачката интелигенција стана дел од новинарството

Вештачката интелигенција веќе влезе во светот на новинарството, а натаму би можела да стане и ...