„Матурска парада 2017“ в петок на плоштадот Македонија

На плоштадот „Македонија“ в петок на пладне ќе се одржи 11. „Матурска парада“ на која традиционално учениците кои го завршуваат средното образование танцуваат квадрил. Годинава ќе танцуваат и матурантите од Струга, Охрид, Струмица и Гевгелија.

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, која го организира настанот, очекува да се вклучат околу 1.000 матуранти од 16 средни училишта од Скопје и нивните врсници од Струга, Охрид, Струмица и Гевгелија или околу 2.000 ученици. Moмчињата ќе носат сини, а девојките жолти маички.  Покровители на „Матурската парада“ се Град Скопје и Делегацијата на Европската унија во Скопје.

Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност на денешната прес-конференција информира дека македонските матуранти ќе танцуваат на иста музика и во исто време заедно со своите врсници од десетина држави од Централна и Југоисточна Европа.

Официјалниот дел на програмата ќе почне во 11:40 часот со обраќање на претставник од Град Скопје, а потоа матурантите ќе ја кажат заклетвата за ненасилство. Точно на пладне со посредство на Македонското радио – Радио Скопје ќе биде преземен сигналот од Радио Словенија од каде доаѓа музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, на која матурантите ќе го танцуваат квадрилот. По завршувањето на парадата ќе има честитка од Делегацијата на ЕУ во Скопје и кратка забавна програма со дел од учесниците во мјузиклот „Тајно моја“ во продукција на Македонската опера и балет.

Годинава матурантите ќе танцуваат и салса на музиката „Shape of you“.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје.

Додади коментар

Би те интересирало и

Започнува ликовната колонија „Вевчански видувања“

Во Вевчани вечерва започнува осмата традиционална меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, на која годинава ќе ...

Концерт на хорот и оркестарот на МОБ на Скопско лето

На Скопско лето вечер концерт ќе одржи хорот и оркестарот на Македонската опера и балет. ...

Close