Министерствата по барање на Хан ќе изготвуваат мини прашалници за сработеното

Министрите во Владата на Република Македонија треба да изготват мини прашалници, кои ќе и’ послужат на Европската комисија како информативен материјал во изготвувањето на најновиот извештај за напредокот на Македонија – ова е еден од заклучоците на вчерашната владина седница.

Фото: Архива

 

До седумнаесетти месецов, треба да бидат готови информативните материјали од министерствата, кои ќе и’ послужат на Европската комисија во формирањето на најновиот извештај за напредокот на Република Македонија во процесот за остварување на целта – враќање на препораката за отпочнување на преговорите со Европската Унија.

Барањето за изготвувањето на ваквите мини прашалници, Владата го добила на 28 септември, а истото е испратено од кабинетот на еврокомесарот Јоханес Хан – прецизираше денеска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

„Во минатото вакви мини прашалници биле редовни. Во 2005 сме имале последен пат ваков мини прашалник. Во моментов ова не е обврска само за нас, туку за сите земји од Западен Балкан“, додаде Бошњаковски.

Според него, се наметнува потребата да се направи анализа за дополнителните работни ангажмани на службениците вработени во министерствата. Дали, зошто и како земале дополнителни пари доколку биле ангажирани во совети, комисии и управни одбори надвор од нивното работно место ќе покажат извештаите кои министерствата треба да ги изготват за две недели. Ваквите извештаи ќе ги разгледува комисија во Министерството за информатичко општество и администрација.

На својата 30-та седница исто така, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од набавка на униформи за припадниците на полицијата на Министерството за внатрешни работи, и го задолжи министерството да поднесе барања за добивање согласност до Советот за јавни набавки за спроведување на јавни набавки за повеќе делови од униформата за припадниците на полицијата. Во врска со оваа точка, владата донесе одлука да му се укаже на Советот за јавни набавки, поднесените барања од Министерството за внатрешни работи во однос на униформата за Полицијата, согласно закон да ги разгледа во пропишаниот рок и да донесе одлуки во рамките на утврдените законски надлежности.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...