Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува текст за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права – соопшти денеска ресорниот министер, Роберт Алаѓозовски. Тој информира дека измените се подготвуваат, поради како што рече, незавидната состојба што ја затекнале во областа на авторското право и сродните права.

Предлог-законот за авторското и сродните права во септември ќе биде предмет на јавна расправа, а воедно ќе бидат ангажирани и експерти да дадат мислење за текстот на измените. Ова денеска го најави министерот Алаѓозовски, кој вели дека со измените од 2013 година, Законот воопшто не коренспондира со европската регулатива. Дел од сегашните законски одредби создаваат правна небулоза, смета Алаѓозовски, потенцирајќи дека текстот на Предлог-законот ќе го испрати и до експерти од Европската унија надлежни за оваа област.

Денеска на јавна расправа за оваа тема, Алаѓозовски потенцираше дека во моментов во Република Македонија постојат две организации за заштита на авторски музички права, ЗАМП и СОКОМ МАП.

Според Управителот на Канал 77, Горан Гаврилов, ЗАМП има улога на монопол:

„Ќе посочам ситуација којашто беше апсурдна и која можеше многу да ни се одрази на нашите лиценци, односно на нашата дејност. Сите ние имаме некакви договори со ЗАМП или немаме, и се случи Законот од една страна да ни бара да емитуваме 50%  македонска музика со енормни казни, а од друга страна се случи ЗАМП да ни бара да не емитуваме македонска музика бидејќи немаме договор. Баравме решение преку регулаторното тело, но и регулаторното тело не знаеше како да постапи и не постапи. Мојот избор беше или да платам казна на ЗАМП или да ја изгубам лиценцата. Тоа и до ден денес не е решено“.

Директорот на ЗАМП, Зоран Васковски реплицираше дека ЗАМП постапува согласно Законите:

„Согласно форматите на медиумите, се доставуваат договори за извид на корисници под истите услови. Според тоа, доколку доставуваат договори што се разликуваат од извид на корисници ќе биде подреден под Комисијата за заштита на конкурентност. Затоа, процентите на македонска музика се предвидени за Законот за аудио визуелни медиумски услуги и ЗАМП ги распределува парите на авторите што биле емитувани во програмите на медиумите во Република Македонија“.

На денешната јавна расправа, министерот Алаѓозовски истакна дека во Министерството се размислува за подготовка на стратегија или за комплетно нов закон со кој ќе биде заштитено домашното творештво.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Оптимистички најави од новата локална власт во Неготино дека проблемот со недостиг на вода ќе отиде во заборав

Ќе се реши ли конечно проблемот со недостигот на водата за пиење во Неготино – ...

Граѓаните на Штип и надлежните в петок ќе расправаат за квалитетот на водата за пиење

Водоснабдување, квалитет на водата за пиење, одвод и канализација – ова се темите за кои ...