„Монструм“: Обвинителството бара да се укинат пресудите за доживотен затвор

Јавната обвинителка, Лилјана Спасовска на денешната седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд побара да се уважат жалбите на шестмината обвинети. Тие поднесоа жалби за пресудата за доживотен затвор, која ја донесе Основниот суд, а потоа Апелација ја потврди.

Неутврдена фактичка состојба и евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката, се причините поради кои обвинителката, Спасовска денеска побара да бидат укинати како првостепената, така и второстепената пресуда.

Според одбраната, без да постојат доволно факти и докази, донесени се пристрасни и неправични одлуки. Шестмината обвинети кои се осудени на доживотен затвор пак, во завршниот збор изјавија дека не се чувствуваат виновни.

„Ми рекоа дека имам право и да молчам и да зборувам, но на првото рочиште ми рекоа дека со молкот го потврдувам делото. Јас сепак се согласувам со одбраната. Јас сум невин“, изјави еден од обвинетите, Агим Исмаиловиќ.

Адвокатот  на дел од обвинетите, Сашо Дуковски на седницата порача дека ги разбира припадниците на МВР оти како што рече тој, биле под голем притисок да го решат овој случај, но додаде, дека нема ништо пострашно од тоа да се осуди невин човек.

„За да постои кривично дело тероризам потребна е директна умисла. Каде е умислата тука? Како може обвинетите на почетокот на 2012 година да се договориле да убијат лица од македонска националност? Тоа е исто како да ме обвините дека сакам да го убијам Доналд Трамп“, истакна Дуковски.

„Според обвинението тие го разгледувале теренот за да видат кои луѓе од која националност се. Зарем луѓето носат банери со натпис јас сум Македонец, јас сум Албанец, јас сум Ром…“, додаде адвокатот.

Според него, направен е селективен увид на возилото (автомобил марка опел омега со темно црвена боја) со кое според обвинението, шестмината обвинети побегнале од местото на злосторот.

„Она што денеска вие нарекувате дека е пресврт всушност треба да биде пракса во постапувањето на Јавното обвинителство во сите жалбени постапки. Иако предлогот да се укинат пресудите е необврзувачки, сметаме дека судот својата пресуда мора да ја заснова само според докази. Овие пресуди мора да се укинат, затоа што нема какви било докази дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат“, потенцираше Дуковски во изјава за медиумите.

Адвокатката на оштетените демејства, Дафинка Ивановска рече дека треба да се пронајдат вистинските сторители, за да може граѓаните да имаат сигурност.

„Досега имаше различна примена и толкување по однос на законот. Согласно член 166 од Закон за облигациони односи, државата одговара во случај на тероризам, без оглед на вината. Овде судовите не го применуваа овој член. Повеќе од семејствата веќе ја завршија постапката, но други се уште ја немаат завршено. Треба во Република Македонија законот да постои и да се почитува“, посочи таа.

Инаку, претходно седницата требаше да се одржи на 12 септември, но беше одложена поради тоа што полицијата не донела еден од петмината осудени за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ и Езим и Хаќи Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, веднаш пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени четири момчиња и еден четириесет и петгодишен рибар.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Гевгеличанец претепан до смрт по расправија за мобилен телефон

Две лица се уапсени за убиството на 41-годишниот гевгеличанец кој вчера беше пронајден мртов. Според ...

Самоубиствен напад во џамија во Нигерија

Најмалку 15 лица загинаа во самоубиствен напад извршен во џамија во североисточниот нигериски град Муби. ...