МОН предвидува наставниот час за основците да трае 55 минути – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

МОН предвидува наставниот час за основците да трае 55 минути

Министерството за образование и наука предвидува за учениците од прво до петто одделение еден наставен час да трае 55 минути, во кој е вклучен и одмор во траење од 15 минути по секој наставен час.

Наставникот одлучува кога ќе го даде одморот и како ќе го реализира. Се препорачува еден од одморите да биде предвиден за слободни активности надвор од училницата. Според наставните планови и програми на МОН, учениците од прво до трето одделение нема да имаат повеќе од четири часови дневно, со што ќе се намали времето што учениците ќе го поминат во настава, на сметка на зголемување на времето за одмор и игра.

Исто така по предлог на МОН ќе се намалат и тестирањата на учениците со што според нив, ќе се создаде ефикасен систем на следење, вреднување и проверување на постигнувањата на учениците.

Домашните работи ќе се заменаат со вежби на час, под контрола на наставникот, а ќе се воведе и служба за поддршка на талентираните ученици, но и за учениците кои бележат послаби резултати во напредувањето.

Учениците од прво до трето одделение севкупно ќе имаат пет предмети, Мајчин јазик, Математика, Светот околу нас, Уметност, Физичка култура.

Природните и општествените предмети се заменуваат со предметот Светот околу нас, додека предметите Ликовно и Музичко, ќе се заменат со предметот Уметност.

„Фокусот е ставен на првите три одделенија од основното образование, гледано поединечно и како целина, а притоа водејќи се од прашањето со какви знаења и вештини очекуваме да се стекнат децата по завршувањето на третото одделение. Ревизијата води сметка не само за образовната компонента, туку и за воспитната, односно дава посебен акцент на формирањето на карактерот на децата“, рече министерката Рената Дескоска.

Овие измени на наставните планови и програми за Основно образование ќе се стават на јавна дебата и доколку има различни мислења за нив, овие измени ќе бидат пилот проекти во неколку училишта со што ќе се согледа нивната ефикасност.

Извор: А1он

Би те интересирало и

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука – 22 ноември. Ова го предвидуваат ...

Прифатени измените на Изборниот законик, ќе се бира привремен состав на ДИК

Собранието денеска во продолжение на 46. седница го донесе Предлог на закон за изменување на ...