МОСТ: Кандидати за градоначалници злоупотребиле јавни ресурси

Првиот дел од изборната кампања главно помина релаксирано меѓу граѓаните, со интензивни активности од страна на учесниците во изборите – од кампања врата до врата до поголеми партиски митинзи. Забележани се заеднички настани на кандидатите за градоначалници во некои општини: чистење ѓубре, кафе-средби, потпишување декларации и средби со граѓани.

Ова е оценката на Граѓанската асоцијација МОСТ од набљудувањето на кампањата во периодот 25 септември – 4 октомври 2017.

МОСТ детектира злоупотреби на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите, а забележан е, како што наведува, и притисок за присуство на партиски настан во една општина, организирање партиски настани во текот на работното време во две општини од страна на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и еден случај на уценување за гласање за независен кандидат.

„Сведоци бевме и на демолирање десет изборни штабови на четирите најголеми политички партии во осум општини и уништување на пропаганден материјал во шест општини“, наведува МОСТ.

Според Граѓанската асоцијација, дел од одлуките на Државната изборна комисија беа донесени на седници за кои набљудувачите не беа информирани. Исто така, ДИК не ги усвојува своите записници навремено, што оневозможува целосен увид во нејзината работа, а дел од усвоените одлуки и извештаи не се објавени на нејзината веб-страница.

„МОСТ го набљудуваше формирањето избирачки одбори од страна на 48 општински изборни комисии (ОИК) и констатира дека за разлика од претходните изборни процеси кога беа забележани повеќе нерегуларности, сега, во најголем дел постапката е согласно Изборниот законик. – Поради погрешна инструкција од страна на надлежните лица три ОИК избираа членови со понизок степен на образование од потребниот, а три ОИК во одредени моменти од постапката избираа членови на ИО без потребниот кворум од најмалку тројца членови“, наведува МОСТ.

Во врска со инцидентот кога градоначалник и кандидат на изборите беше повреден во физичка пресметка меѓу две групи, Граѓанската асоцијација МОСТ напоменува дека најостро осудува насилство од каков било вид и апелира учесниците во изборите да се воздржат од злоупотреба на вакви и слични настани за изборни цели.

„Воедно, апелираме надлежните институции темелно да ги истражат овие настани“, додава МОСТ.

Граѓанската асоцијација се осврнува и на измената на Изборниот законик во текот на изборниот процес. Тоа, нагласува, е нешто што не смее да се случува.

Од почетокот на изборната кампања Граѓанската асоцијација МОСТ има ангажирано 80 долгорочни набљудувачи кои ги покриваат сите општини во Република Македонија. Овие набљудувачи ја набљудуваат работата на изборната администрација и текот на изборната кампања.

Од набљудувачите беа добиени и анализирани 1.108 извештаи за изборна кампања и 357 извештаи за активности во општините.

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...