Мукоски земал две илјади евра за патни трошоци за еден месец

Вкупно 16 пратеници од актуелниот пратенички состав во Собранието за патни трошоци земаат над сто илјади денари месечно.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, Алија Камбероски од ПЕИ и Агим Шаќири од ДУИ се тројцата пратеници на кои им се исплаќаат најмногу патни трошоци, покажува прегледот за исплатен надоместок за март и април до кој дојде Плусинфо. Секој од нив тројца зел над 150 илјади денари, а прв на листата е Мукоски.

Во март пратениците не работеа цел месец, додека поголемиот дел од април беа на работа. Станува збор за периодот кога во Собранието се одржуваше конститутивната седница, а на 27 април беше и упадот во законодавниот дом од демонстрантите од „За заедничка Македонија“.

На Крсто Мукоски кој патува од Вевчани, му се исплатени точно 156.356 денари (околу 2.500 евра). Најголемиот дел во април, 117.766 (речиси две илјади евра). По него на листата е стружанецот Агим Шаќири кој зел 154.755 денари, исто така најголем дел му се исплатени во април – 116.565. Единствениот пратеник на ПЕИ, Алија Камбероски кој е родум од струшко Лабуништа ја пополнува листата „ТОП 3“ со наплатени 150.300 денари кој како и неговите колеги, повеќе зел во април, 119.100 денари.

Ако месечниот просек за патни трошоци се движи околу две илјади евра, тогаш овие пратеници од наредната година, ако Собранието заседава постојано освен за годишниот одмор, би зеле најмалку околу 22 илјади евра. Слично, како и просекот што го имаше поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

Покрај Мукоски, Шаќири и Камбероски, во април надоместоци за патни трошоци повисоки од сто илјади денари зеле уште 13 други пратеници.

Подеднакво ги има и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Покрај Мукоски, тука се и неговите сопартијци: Лилјана Затуроска (103.617 денари), Лилјана Кузмановска (100.638), Зоран Илиоски (100.636), Нола Исмајлоска (103.617), Сашо Василевски (106.752).

Од владејачката партија, пак, надоместоци од над сто илјади денари во април имале координаторот на пратеничката група Томислав Тутев (106.752), Мира Стојчевска (103.074), Васко Ковачевски (103.681), Јован Митрески (103.617), Сашо Поцков (108.980), Александар Кирацовски (103.681), Жаклина Лазаревска (103.617).

Од албанските партии, покрај Шаќири од ДУИ, единствено во оваа група е пратеникот Сурија Рашици од Алијанса за Албанците, кој во април зел надоместок за патни трошоци од 107.782 денари.

На спротивната страна на листата односно меѓу оние со најмали пати трошоци, од околу 11 илјади денари, во април биле пратеничите Соња Мираковска од СДСМ и Зеќир Рамчиловиќ од Здружението за културно обединување на Бошњаците.

Превземено од: ПлусИнфо

Додади коментар

Би те интересирало и

Центарот на Тетово раскопан половина година

Центарот на Тетово половина година се дави во прашина, поради запрените активности за реконструкција на ...

Од попладне врнежи во западните делови

Во попладневните часови облачноста ќе се зголемува, во западните делови ќе има локален дожд, кој ...

Close