На повидок промени кај министрите во Владата по изборите

По резултатите од локалните избори, неизвесно е кои ќе бидат следните чекори на коалициските партнери и како ќе влијаат врз составот на Владата синоќешните најави за непризнавање на локалните избори од првиот човек на Алијансата на Албанците, партија која е дел од владината коалицијата.

Промена во владиниот состав се очекува пред сè на челната позиција во Министерството за здравство, бидејќи, Арбен Таравари, од Алијансата на Албанците, стана градоначалник на Гостивар. Ново персонално решение во Владата треба да дојде и на местото министер без ресор за странски инвестиции, откако синоќа Рамиз Мерко од ДУИ го победи Зијадин Села од Алијансата на Албанците во Струга. Градоначалник на Чаир стана Висар Ганиу од ДУИ кој беше заменик министер за образование.

Неделава се очекува Парламентот да ја продолжи работата по вчерашниот втор круг од локалните избори. Неофицијално, спикерот Талат Џафери на првата седница ќе бидат констатирани оставките на двајца пратеници од албанскиот блок поднесени пред изборите, ќе биде проследена и информацијата за неколкумината пратеници кои освоија градоначалнички мандати, како и верификација на новите.

На местото на Биљал Касами од БЕСА, кој не успеа да ја освои градоначалничката фотелја во Тетово, доаѓа Неџбедин Каремани. Оставка поднесе и Бардуљ Даути од ДПА кој беше кандидат за градоначалник на Тетово, но сè уште не e познато кој ќе го змаени. Следна на листата на ДПА во ИЕ 6 од каде доаѓа тој е Мерал Узаири Ферати, а зад неа Имер Алиу.

Пратеничката група на СДСМ исто така ќе претрпи персонални промени откако градоначалници станаа на Скопје Петре Шилегов, на Карпош Стефан Богоев, на Шуто Оризари Курто Дудуш, на Куманово Максим Димитриевски, на Гевгелија Сашко Поцков, на Струмица Коста Јаневски и на Штип Благој Бочварски. Нивните пратенички места се очекува да ги заземат Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов и Костадин Ацевски. Промени во парламентарните соодноси се очекуваат и откако Чедомир Саздовски од ГРОМ го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе делува како независен пратеник, а не како дел од пратеничка група.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...