Нема откажување додека срцето чука: Сторија за жената борец Билјана Цветановска

storija-biljana-cvetanovska

Уникатни, креативни, шарени – рачните изработки на педесетгодишната, Билјана Цветановска се симбол за ентузијазмот на оваа жена – борец, која успешно се справила со ракот на дојка. Родена во Штип, омажена во Охрид, животната приказна на оваа мајка на две деца, за жал бележи страници на кои е испишана голготата  предизвикана од најчестиот вид на рак кај жените на светско ниво. Операцијата направена пред три години и’ создала илјадници прашања во главата, но ведрите мисли сепак надвладеале. Билјана успеала да ја открие во себе уметичката нишка и да го побие ставот од претходно – дека таа не може да се занимава со уметност.

biljana-dekupazh

Исклучително внимателна и трпелива, оваа позитивна жена веќе извесно време ја користи техниката декупаж, за изработка на креативни предмети:

„Пробав да се занимавам со мебел со пелети, но тоа имаше негативни ефекти, па случајно го најдов ова. Ме заинтересира бидејќи изгледаше многу убаво, а се работи за техника со салфетки. Тоа е еден вид уметност и на почеток беше катастрофа, така што треба трпеливост и концентрација. Јас тоа го имам доволно бидејќи сум невработена. Почнав од забава за да го пополнам слободното време и да не мислам на сите трауми, но за Осми март имав тезга во Охрид, на луѓето многу им се бендиса. Не продадов се’ но ми беше мотивација да продолжам да се занимавам со ова. Ова е рачна изработка, па дозволени се и мали киксови бидејќи не е фабричко производство, а во моите идни планови е и да си отворам продавница“.

Пред камерата на Канал 77, Билјана порача дека оваа болест не секогаш има видливи и очигледни симптоми, па апелира до сите жени, во нивниот календар мамографот да биде зацртан барем еднаш годишно:

„Како и обично , нема никакво предупредување за да откриеме рано дали имаме некаква болест. Јас открив сосема случајно и кога ќе почнеш да одиш по тие врати мислиш дека не си дел од тие луѓе, но испадна дека јас сум. Би апелирала до сите за превенција, редовни контроли (најмалку еднаш  годишно) и се’ ќе биде во ред“.

Според неа, иако прегледите на Одделението за онкологија за бесплатни, на заболените жени од рак на дојка би требало да им се обезбеди и бесплатна постоперативна стручна помош.

„Прегледите се бесплатни, но за тие што сме надвор од Скопје тоа се трошоци. Јас сепак сум задоволна од начинот на работа таму, само што мислам дека по провинциите би требало да има постоперативно некаква помош. По операцијата се снаоѓаме во новиот живот, па би сакала да се организира стручна помош од психијатри и психолози. Јас доста се мачев да си го најдам својот пат, затоа треба да има помош од стручњаци кои ќе ги упатат жените како понатаму во животот, за да не паднат во депресија“, вели Билјана.

Самото будење секој ден, изгрејсонцето, прошетката на плажа па дури и пиењето кафе – овие, како што вели Билјана, ситници, се впрочем работите кои ја даваат смислата на животот. Протагонистката во нашата сторија имала многу падови, но потенцира таа, не знаеш колку си јак, додека не ти преостанува само тоа -да се бориш. Токму поради нејзините подеми и порази таа го користи мотото – „Паѓам, станувам, ја местам круната и продолжувам напред“. Билјана Цветановска е пример за тоа дека секој има сила во себе, само треба да ја пронајде. Нејзините рачни изработки може да се нарачаат преку фејсбук страницата Креатива, но таа исто така споделува дека има амбиции во иднина да отвори и своја продавница.

slika-samopregled
Фото: Архива

Ракот на дојката е втора по честота, причина за смрт од малигни заболувања кај жените. Експертите препорачуваат самопреглед еднаш месечно, но доколку се забележат промени во структурата, конзистенцијата или симетричноста на градата потребна е итна консултација со лекар без одлагање и залажување дека промената сама ќе се повлече.

Би те интересирало и

Бубевски: Гласот на Груевски ќе посведочи во „Труст“

Поранешниот премиер, Никола Груевски нема да биде повикан како сведок во случајот Труст, но ќе ...

Ќе се реши ли конечно сообраќајниот хаос во Кавадарци

На јавна расправа се раговараше токму на оваа тема која е сериозен проблем за градот,посочија ...