Новиот објект на Македонската филхармонија се отвора в недела со ексклузивен концерт

Новиот објект на Македонската филхармонија со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики според сите светски стандарди, ќе биде отворен в недела во 19 часот со ексклузивен концерт на Филхармонијата со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески.

Македонската филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, новиот објект го добива по 73 години од постоењето.

Концертот ќе биде под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев – суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“, Сергеј Прокофјев – концерт за клавир и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26 и од Петар Илич Чајковски – симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64.

„Во овие изминати денови присуствував на пробите и вчера кога беше присутен маестро Ашкенази и претходно кога диригираше Борјан Цанев заедно со оркестарот и навистина сум горда и воодушевена од самиот објект и од сето она што успеавме да го направиме со цел да го ставиме во функција објектот и во функција на Македонската филхармонија“, истакна министерката Елизабета Канческа – Милевска.

Акшенази рече дека е задоволен и инспириран што е во уште една земја која е славјанска и има кирилично писмо и потенцира дека е импресиониран од концертната сала која има добра акустика.

Трпчески истакна дека е почестен што е поканет да настапи на отворањето на новата концертна сала и што ќе има можност повторно да соработува со маестро Ашкенази.

„Овој човек е навистина реткост заради тоа што има исклучително добро срце и широка душа и освен талентот тоа значи многу. Тимската работа со маестрото вроди со плод и заедно со залагањето на посебно инспирираните музичари на Македонската филхармонија ќе придонесат за убав впечаток кај публиката. Програмата е прекрасно конципирана и можат да се покажат најразличните квалитети на сите инволвирани уметници во неа“, додаде Трпчески.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ рече дека се воодушевени од начинот на работата на Ашкенази и од неговата величина.

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.

Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за нив.

Додади коментар

Би те интересирало и

„Златна петорка“ премиерно во Њу Џерси, а во Мумбај прогласен за најдобар странски филм

Филмот „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски ја имаше својата американска премиера на Интернационалниот филмски ...

Почна 38. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“

Под мотото „Допри ја светлината“ и со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ ...

Close