Овоштари од Делчево на предупредувачки протест, бараат обесштетување од пролетниот мраз

Група овоштари од Делчево денеска излегоа на предупредувачки протест и побараа обесштетување од пролетниот мраз по теркот на обесштетувањата од поплавите кои се исплатија во другите региони.

Овоштарот, Славчо Гоцевски потенцираше дека ова е предупредување и доколку до крајот на овој месец не се обесштетат овоштарите ќе организираат поголеми протести со поддршка на овоштарите од Малешевијата.

„Се собравме за да предупредиме за исплатата на штетите од пролетните мразеви. Комисиите беа на терен, но никој не не известува дали ќе има обесштетување или не. Се работи за штетите од измрзнување на овошните насади, проценката е направена. И лани беше исто, се правеа проценки, а никој не не обесштети. Не можеме да издржиме две години и да инвестираме во производството, а да немаме берба. Кај нас е тешко, ако не ги уништи дрвцата мразот, тогаш ќе има град или суша. Оваа година се ни се насобра и мраз и град. Јас очекував 140 тони сливи, а сега дали ќе има два тона, не знам. Истото беше и кај вишните, наместо 60 тони, набрав само 12“, истакна Гоцевски.

Од Министерството за земјоделство информираат дека се’ уште не се притигнати податоците за извршената проценка на штетите. Откако ќе се соберат сите податоци од сите подрачни едници, информацијата ќе се најде на седница на Владата која треба да одлучи дали и колкаво обесштетување ќе има.

Според неодамна објавените податоци, само од Делчево и Македонска Каменица штети пријавиле околу 700 земјоделци, а најголеми штети и до 100 отсто има кај насадите со сливи во Пијанец.

Проценките од ланските штети од пролетните мразеви само за Делчево и Македонска Каменица се 63 милиони денари.

Додади коментар

Би те интересирало и

Анѓушев: Субвенциите за инвеститорите ќе зависат од висината на нето платата

Финансиските олеснувања кои од државата ќе ги добиваат како домашните, така и странските инвеститори ќе ...

Ќе се декласифицираат договорите со странските инвеститори

Владата на Република Македонија смета дека е од особен јавен интерес да биде јавна информацијата ...

Close