Одбележани 112 години од раѓањето на етномузикологот Васил Хаџиманов – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Одбележани 112 години од раѓањето на етномузикологот Васил Хаџиманов

Васил Хаџиманов е еден од најголемите и најупорните македонски истражувачи од областа на етномузикологијата, мелографијата и фолклорот и еден од врвните интерпретатори на изворните македонски народни песни. Во неговиот роден град, Кавадарци, беа одбележани 112 години од неговото раѓање.

Професорот по историја во кавадаречката гимназија Мики Камчевски потенцира дека Васил Хаџиманов е човекот кој ги сочува македонските песни од заборав.

Васил Хаџиманов бил роден во Кавадарци во 1906 година во угледно граѓанско и револуционерно семејство. Неговиот татко Лазар бил еден од големите соработници на македонската револуционерна организација и поради таа негова активност бил уапсен и осуден на долгогодишна затворска казна во Анадолија. Неговата мајка била сестра на познатите македонски револуционери Лазар и Илија Боцеви, долгогодишни борци во четите на тиквешките војводи Петар Јуруков, Добри Даскалов и Пешо Самарџиев.

Завршил основно образование во Кавадарци, а гимназија во Велес и во Скопје. Свирел на скоро сите жичени инструменти, а тоа му овозможило уште како ученик во Велес да им дава часови на поимотните велешки деца и со тоа да обезбедува дополнителни средства за своето образование.

Во Загреб се запишал на Фармацевтскиот факултет, на кој и дипломирал, а во 1935 година станал и магистер по фармација. Во Кавадарци работел како наставник по музичко воспитување, а во 1937 година се вработил како аптекарски помошник кај Бошко Марковиќ, сопственик на првата аптека во Кавадарци, сместена во хотелот „Југославија“ на Петре Американецот.

Васил Хаџиманов заедно со Славчо Темков биле идејните водачи на културното живеење во Кавадарци во периодот меѓу двете светски војни. Во Кавадарци Васил раководел со оркестарот на гимназијата, а формирал и „Тиквешка фолклорна група“, во која освен играорци имало и врвни инструменталисти. Истата година во договор и со поддршка на една група богати кавадаречки трговци и занаетчии кои работеле во Белград, организирал учество на неговата група на Фолклорниот фестивал во Белград.

– Во оваа фолклорна група настапувале Коло Баснарков, Коло Бохулски, Глигор и Боро Шопови, Тодор Нашов, Тасо Плетварски, Форка Карова, Родна Малинкова, Родна Јанкова и други. На фестивалот во Белград неговата група го освоила првото место и со тоа се стекнала да учествува на Меѓународниот фестивал за фолклор во Њујорк, САД. Покрај неколкуте настапи во Белград, Васил за радио Белград ги направил првите снимки на македонски народни песни, информираше Камчевски.

За време на својот живот Васил Хаџиманов успеал да собере повеќе од 6.000 македонски народни песни од сите краишта на Македонија, а само 500 од нив се објавени во четири зборника. Сите овие песни ги собирал со голема љубов и ентузијазам. Во 1944 година како борец се вклчучил во партизанскиот одред „Јане Сандански“, а по завршувањето на војната во 1947 година се вработил како уредник во редакцијата за народна музика на Радио Скопје. Таму имал можност не само да ја собира и проучува, туку и да ја популаризира македонската народна музика, како дел од македонското национално и културно наследство.

Васил Хаџиманов бил член на Друштвото на композиторите на Македонија, на фолклористите на Македонија, на Интернационалното здружение на музичките фолклористи во Лондон, на Здружението на етномузиколозите во Њујорк… Благодарение на неговата макотрпна работа, како што нагласи Камчевски, многу македонски народни песни се сочувани до денес и се уште се наоѓаат на репертоарот на голем број исполнители.

Васил Хаџиманов почина во Скопје во 1969 година на 63-годишна возраст.

 

Извор: Македонска информативна агенција

Би те интересирало и

Денеска започнува манифестацијата „Снежен град“ на Попова Шапка

Традиционалната детска манифестација „Снежен град“ почнува денеска на Попова Шапка во организација на Детскиот културен ...

Прилепскиот театар подготвува втор дел на култната детска претстава ,,Волшебникот од Оз“-,,Враќањето на Дороти“

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“  интензивно ја подготвува првата премиера во новата 2018-тта година и тоа ...