Одбележување на 13-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Денеска навршуваат 13 години од смртта на поранешниот македонски претседател, Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар. Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загина претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. За несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.

И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

На барање на Македонија,  со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.

Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.

-Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот – стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ.

Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.

Сотир Костов, македонски претставник во Комисијата, изрази задоволство како е сработен извештајот во воздухопловниот дел, но рече дека во целост не се согласува со обесчестувањето на РМ во 2004 година на која и е скриена вистината за падот на „кингерот“.

Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Би те интересирало и

Случајот „Монструм“ се враќа на почеток

Предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година ќе биде вратен во ...

Маж се заканил дека ќе ја запали зградата на Општина Арачиново

Вчера попладне, во канцеларијата на градоначалникот на Општина Арачиново влегол маж и се заканил дека ...