Одложено рочиштето на Монструм: Родителите бараат претрес во седиштето на СДСМ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Одложено рочиштето на Монструм: Родителите бараат претрес во седиштето на СДСМ

Се одложи денешното рочиште за Монструм, предметот кој неодамна го презеде Специјалното јавно обвинителство. Иако обвинителката Фатиме Фетаи рече дека се подготвени за судењето, рочиштето се одложи поради отсуство на еден од обвинетите, Фејзи Азири.

Неговиот адвокат Насер Рауфи прикажа документ како потврда дека тој од вчера е хоспитализиран на Клиниката за пулмологија. Од СЈО сепак оценија дека е несериозно да се достави само еден документ како поткрепа на ова тврдење. ,,Ова е пресериозен предмет и се’ што е приватно треба да се остави на страна”, посочи Фетаи.

Семејствата на убиените побараа Судот да ги соочи со премиерот Зоран Заев кој веќе им има дадено транскрипти од разговори кои се однесуваат на убиството. Таткото на убиениот Александар Накевски, Горан побара јавно да бидат објавени петте телефонски разговори кои се водат како државна тајна, а од кои се комуницирало со сега обвинетите во овој предмет.

,,Кога беше политички противник на ДУИ, Заев ни покажа транскрипти. Ни покажа транскрипт од разговор на Невзат Бејта со Фејзи Азири. Заев не го исполни ветувањето. Бараме да се изврши претрес во седиштето на СДСМ, бидејќи мислиме дека Заев со нив манипулира”, рече Горан Накевски. Иако Заев им посочил дека возилото Опел омега со кое според обвинението, се возеле сторителите, е на МВР, Накевски тврди дека ‘алфите’ немаат такво возило.

-Еден припадник на алфите ако потврди дека ја возел ‘омегата’, нека се прекине судењето-додаде Накевски. Неговата сопруга, Зорица побара да им биде вратен мобилниот телефон на нивниот син:

,,Нашите деца беа со отворени очи. Додека да ги погребаме им течеа солзи. Тие што ги повредија нашите чувства нека се плашат од тие солзи”. Мајката на убиениот Кире Тричковски, Јулијана реагираше дека веќе шест години трае нивната голгота. ,,Што ако следен пат некој друг се разболи”, праша таа, на што судијата и’ одговори да бидат трпеливи.

Следното рочиште за Монструм е закажано за 15 мај. Овој предмет се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Маж тешко повреден во сообраќајка на локалниот пат село Грешница – Кичево

Четириесет и четиригодишен маж од селото Грешница се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајна ...

Приведен крадецот кој ограби аптека во Маџари

Пронајден и приведен е разбојникот кој со закана со пиштол на почетокот на овој месец ...