Опозицијата обвинува за молк од Владата за лидерската средба, Заев тврди дека е спремен да ги каже деталите за преговорите – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Опозицијата обвинува за молк од Владата за лидерската средба, Заев тврди дека е спремен да ги каже деталите за преговорите

ВМРО-ДПМНЕ реагира дека Владата се’ уште молчи за нивниот повик за лидерска средба на која би добиле информации за тоа како течат преговорите за името. Премиерот, Зоран Заев пак, тврди дека е подготвен со опозицијата да сподели се’ што е во врска со ова прашање.

Премиерот, Зоран Заев тврди дека по повикот на опозициската ВМРО ДПМНЕ за лидерска средба, тој веднаш се обидел да го исконтактира партискиот лидер, Христијан Мицкоски.  Заев вели  дека е спремен уште денеска да сподели со опозицијата се’ што е поврзано со текот на преговорите за името. Најавува дека ако побара ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе најде време за средба и пред да замине на Самитот во Софија кој почнува задутре.

„Слушав вчера дека од опозицијата бараат средба и веднаш се обидов да го контактирам шефот на опозицијата Христијан Мицкоски. Веројатно поради зафатеност тој не можеше да ме исконтактира, но се договоривме денеска да направиме комуникација. Подготвен сум се’ што имам да споделам со шефот на опозицијата. Очекувам заедно да го решиме ова прашање, затоа што е од огромен национален интерес за сите граѓани. Ако тој побара ќе најдам време, ќе откажам и презакажам состаноци“.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев денеска  на прес конференција го повика Заев да излезе и јавно да каже што се преговара и што е она што следи:

„Целата оваа ситуација наликува на  процес во кој Македонија ја ставате пред свршен чин. Дали решението кое го договарате или веќе сте го договориле значи капитулација на Република Македонија? Нема ниту една причина да нема итна лидерска средба. Власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи искреирани за народот. Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а претседателот на државата  е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а  досега лидерите не се воопшто исконтактирани за можен термин. Обврска на владата е да бара консензус за вакви историски прашања, а не да се крие и да се дознаваат информации од грчки медиуми за она што грчката влада го сервира во медиумите. Од авион се гледа дека лошо поставената надворешна политика базирана на трговија со нешто што не е само на владата доживува колапс“.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во изјава за Канал 77, денеска го повтори ставот на партијата дека преговарачкиот процес не е транспарентен.

„Процесот го држат за себе и се создава впечатокот дека нешто сериозно се крие од очите на јавноста“, додаде Стоилковски.

Повик за лидерска средба вчера упати и Мицкоски според кој,  владата нема монопол над носењето на решение за како што смета, вакво чувствително прашање кое ги засега сите граѓани на Република Македонија.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Промовирана Стратегијата за образование: Целосна реформација на образовниот систем до 2025 година

Целосно реформирање на македонскиот образовен систем во следните седум години – ова е целта на ...

25 години ФООМ:Отвореното општество во Македонија исправено пред предизвици кои треба да ги надмине

  Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и ...