Основен суд Скопје 1: Нема притвор за Јанкулоска

Основниот суд Скопје 1 го објави решението на Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, со кое се одбива жалбата на Специјалнот обвинителство по одлуката на судија на претходна постапка за барањето за определување притвор за Гордана Јанкулоска.

Соопштението, во продолжение во интегрална верзија:

19.02.2016 РЕШЕНИЕ КИОК-КС.бр.15/16
КИОК-КС.бр.15/16

КРИВИЧНИОТ СОВЕТ НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА НА ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ I СКОПЈЕ, составен од Претседателот на советот судија Љубинка Башеска и членовите на советот судиите Сандра Крстиќ и Јани Нича, со судски соработник Биљана Наумоска, како записничар, постапувајки по жалбaта на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, по одржаната јавна седница на 19.02.2016 година, согласно чл.294 ст.1 в.в. чл.169 ст.5 од ЗКП, го донесе следното:

Р Е Ш Е Н И Е

ЖАЛБАТА на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

РЕШЕНИЕТО на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, СЕ ПОТВРДУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Постапувајки по предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, за определување на мерка притвор против осомничената Г. Ј., поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело Повреда на избирачкото право од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, судијата на претходна постапка на овој суд донесе решение КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, со кое предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, го одбил како неоснован.

Незадоволно од ваквото решение, во законски предвидениот рок, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при овој суд достави жалба заведена под НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година. Во жалбата е наведено дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите спроведува истражна постапка против осомничената Г.Ј. и други, поради постоење на основано сомневање дека сториле кривични дела и тоа дека осомничениот Г.Ј. сторила кривично дело од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, како и тоа дека по оцена на Јавниот обвинител, а заради непречено водење на постапката, против осомниченената во оваа фаза на постапката потребно е да биде определена мерка притвор, поради што до судот и бил доставен предлог за определување на мерка притвор спрема осомниченената, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Постапувајќи по предлогот, судијата на претходна постапка донел решение со кое истиот го одбил. Се наведува дека по наоѓање на обвинителството, судијата на претходна постапка погрешно ја утврдил фактичката состојба по однос на постоење на причините за изрекување на ваквата мерка. Имено, ако судијата на претходна постапка ги анализирал записниците кои му се приложени како околност дека веќе можноста за влијание врз сведоците е измината поради проток на некаков рок од шест месеци, истиот ќе утврдел огромен број на околности дека влијанието на Г.Ј. не може да се потцени ниту спрема обвинителите кои го водат предметот, ниту спрема сведоците. Осомничената Г.Ј. со нејзиниот бранител прв пат се појавила во ОЈО Скопје на 27.08.2015 година, по предметот РО бр.777/15 при што испитувањето започнало во 11,04 часот, на истата предочени и биле сите поуки и прочитана и била содржината на кривичната пријава, при што од страна на јавниот обвинител дадено и било својство на осомничена и покрај фактот што со истото се стекнува определено лице за кои има основи на сомнени или основано сомнение за сторено кривично дело, а видно од записникот разговарано е само за кривичната пријава. Осомничената била испитана и по предметите РО бр.770/15 и РО бр.768/15. Специјалното обвинителство смета дека на вака водени постапки осомничената не може да влијае на сведоци и да ги уништи трагите од причина што ниту е поведена формална кривична постапка, ниту му е предочен некаков опис на дејствија од кои може истиот да извлече заклучок дека треба да влија на сведоци или ги уништи доказите. Се наведува дека наведените предмети се заведени по РО броеви, во којшто уписник се заведуваат најразлични акти или писмена, а не предмети против осомничено лице за конкретно кривично дело.

Според обвинителството, не е спорно дека од извршувањето на делата поминал одреден временски период и доколку осомничената сакала можела да изврши влијание врз сведоците и соучесниците или да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите од кривичните дела, истото можела да го стори, но во времето кога осомничената дала исказ не била поведена формална кривична постапка, ниту и бил предочен некаков опис на дејствија од кој истата можела да извлече заклучок дека треба да влијае на сведоци или да ги уништи доказите. Поинаква е ситуацијата на 12.02.2016 година, кога е донесена наредба за спроведување на истражна постапка за конкретни дејствија со конкретни соучесници, сведоци и идеја во која насока ќе оди истрагата, а со тоа осуетување на трагите на истата. На вака поставена истрага и вакви околности обвинителството смета дека постои основан страв дека осомничениот ќе се обиде да ги уништи трагите. Поради наведеното се предлага Кривичниот совет да ја уважи жалбата на обвинителството и решението на судијата на претходна постапка да го преиначи на начин што на осомничената Г.Ј. ќе и определи мерка притвор, поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Врз основа на чл. 169 ст.5 од ЗКП, Јавниот обвинител од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите побара да биде известен за седницата на советот.

Осомничената Г.Ј. преку нејзините бранители Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, адвокати од Скопје и адвокат Љупчо К.Наумовски од Охрид, до Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корпција при овој суд доставија одговор на жалба. Во одговорот на жалба е наведено дека жалбата на Специјалното обвинителство е поднесена поради тоа што судот погрешно ја утврдил фактичката состојба поради што донел и погрешна одлука, иако од образложението на решението се гледа дека судот јасно утврдил дека за лицето Г.Ј., не постои основот од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, посебно укажувајќи на фактот дека согласно чл.159 од КЗ, осомничената немала својство на службено лице, ниту вршела служба во врска со избори или гласање, па согласно тоа и неможела да биде можен извршител на кривичното дело кое и се става на товар. По наоѓање на одбраната, судот сосема точно и целосно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил правото. Поради наведеното се предлага Кривичниот совет жалбата да ја одбие како неоснована, а решението на судијата на претходна постапка да го потврди. Од страна на одбраната побарано е бранителите да бидат известени за седницата на советот.

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при овој суд постапувајки по предлозите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и бранителите на осомничената Г.Ј., Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, адвокати од Скопје и адвокат Љупчо К.Наумовски од Охрид, содржани во жалбата и одговорот на истата, во смисла на чл.169 ст.5 од ЗКП, одржа јавна седница во присуство на Јавните обвинители од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – Скопје, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубески и бранителите на оосомничената Г.Ј., Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, сите адвокати од Скопје и Љубчо К.Наумовски, адвокат од Охрид. На одржаната седница на советот не беше присутна осомничената Г.Ј. за која од страна на советот констатирано беше дека со оглед на краткиот рок за одлучување по жалбата, советот немаше технички можности истата да биде повикана со покана, туку да биде известена преку нејзините бранители, кои потврдија дека уредно ја известиле, а присутните странки на седницата беа согласни истата да биде одржана без нејзино присуство.

На одржаната седница Јавниот обвинител Гаврил Бубески од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека во целост останува на жалбените наводи дадени претходно во предогот за определување на мерка притвор против осомничената Г.Ј., дека во предлогот и во жалбените наводи детално се наведени досегашните дејствија на Г.J. во насока на застрашување на сведоци од нивните давања искази во ЈО, дека тие докази биле доставени и до судијата на претходна постапка и до советот, затоа му предлага на советот да ги разгледа жалбените наводи, да ги види сите докази и да донесе одлука со која нема да ја попречува правдата.

Јавниот обвинител Фатиме Фетаи од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека на судијата на претходна постапка му бил приложен доказ од кој произлегува опасноста од попречување на кривичната постпка од страна на осомничената, меѓутоа овој доказ судијата на претходна постапка воопшто не се потрудил да го аналзира. Имено, од страна на осомничената е направен обид да се врши влијание врз еден од соучесниците во предметниот настан и тоа не еднаш туку повеќе пати. Конкретно, преку друг осомничен во оваа постапка и преку друго лице на еден од соучесниците било упатено директно барање да друга осомничена во постапката се воздржи од било каков инкриминирачки исказ против осомничената Г.Ј. се до 24-ти април, како датум на кој што би биле одржани избори и на кој што би победила владејачката партија ВМРО-ДПНЕ, при што после тој датум тие лица кои не би биле на страна на осомничната Г…..би се третирале како предавници, во спротивно истите би биле херои. Од страна на осомничената Г.Ј. посредно бил вршен притисок и психичко малтретирање на соучесниците, со директно барање вистината за предметниот настан опишан во наредбата за спроведување истражна постапка да не биде кажано.

Јавниот обвинител Лиле Стефанова од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека истрагата ја води јавниот обвинител и тој цени на кој начин најуспешно ќе може истата да ја заврши, па таквата оценка дека притворот е потребен за успешно водење на постапката ја дал во предлогот за определување на мерка притвор, како и тоа дека јавниот обвинител спроведувал пред истражна постапка во која повикувал сведоци, наведувајќи ги сите со име и презиме, а со појаснување дека адвокат Сања Алексиќ цело време чекала во просториите на СЈО, како и тоа дека сите тие лица дополнително против СЈО, против обвинители во СЈО и против истражителите поднеле кривични пријави, што е начин за делување врз сведоците. Исто така, Г.Ј. додека била м………..направила обид за уништување на трагите на кривичните дела кои и се ставаат на товар, на начин што потпишала одлука за уништување на предмети, со пописна комисија во управните служби во Скопје, а која наредба требало да ја спроведе осомничената Ј.Г., и истата ја спровела. Наведениот доказ се наоѓа во списите на предметот кој што го имал на увид и судијата на претходна постапка. Наведе дека од страна на бранителите доставен е одговор на жалба со наводи дека решението на судијата на претходна постапка е во целост законито, а истиот е даден со цел да се одбрани едно решение кое и одговра и на одбраната и на осомничената.

Бранителот на осомничената Г.Ј., Лилјана Василева Бундалевска, адвокат од Скопје, наведе дека предметната жалба се заснова на основ кој што не е допуштен согласно ЗКП, со оглед дека е поднесена поради погрешно утврдена фактичка состојба, што е предвидено во чл.417 во ЗКП, а се работи за жалба на решение, согласно чл.444 ст.1 од истиот закон, со напомена дека анализирањето на искази и оцена на докази се врши во контрадикторна постапка на главна расправа, па од тие причини сите наводи кои што се поврзани со изнесување на содржина на искази се целосно ирелевантни.

Бранителот Никола Додевски, наведе дека првиот впечаток од читањето на жалбата е дека од СЈО не е цитирана ниту една одредба од ЗКП, која што би ја давало процесно правна основа на жалбените наводи па дури ни за основот погрешно утврдена фактичка сотојба. Во таа насока наведе дека се цитира исказ на соучесник, а во предистражна постапка не може да се даде никому својство на странка во постапка како што тоа го чини СЈО. При тоа како аргумент за затварање некого наведува дека не бара да се притвори лице по име Г.Ј. затоа што била м….. туку истаа да се притвори затоа што е „Организатор и создател на организирна група“, укажувајќи дека за СЈО биле утврдени факти за наводно сведочење на соучесник дека Г.Ј. извршила влијание и направила некаква комуникација во која што се цитираат некои херојски улоги и слично. Преседан кој што би ја загрозил правната сигурност на сите граѓани не само за овој предмет туку и за сите други, судот ќе добива предлози за притвор со некакви изјави кој што подносителот на пријавата претходно разговарал со тие лица и ќе ги нарече сведоци. Исто така, во предистражна постапка нема сведок, не постои статус на сведок, статус на сведок се добива со отварање на кривична постапка укажа дека во списите кои што се однесуваат на Н.В. имало доказ покана во која ќе се види дека во предистражната постапка, од која било видно дека осомничената Н…. е повикана како сведок-лице кое може да даде исказ за осомничено лице, од која причина и луѓето повикуваат баранители кога ги повикуват со покана со измислено својство кое не постои во ЗКП

Бранителот Боро Тасевски, укажа на тенденциозно водење на постапката и тенденциозност во оневозможување на правото на одбрана и гледање на предметот исклучиво од еден обвинителски аспект иако согласно ЗКП обвинителството треба да се грижи за околности докази, сведоци, кои укажуваат и на исправноста на истакнати наводи во одбрана. Наведе дека ова не е нова постапка туку е постапка за која цела јавност знае цела една година, па во оваа смисла и осомничената доколку имала мотив и потреба можела одамна да влијае на сведоци или да уништува докази. Ова особено што членот 11 од Законот за СЈО е јасен и категоричен и посочува дека ова обвинителство предметите од редовното Јавно обвинителство ги превзема во фазата во која истите се наоѓаат. Поради наведеното смета дека основот по кој е побаран притвор не постои и дека судот тоа правилно го прифатил и оценил при донесувањето на нападнатото решение.

Кривичниот совет по извршениот увид во списите на предмет КОК-ПП бр.42/16, најде дека:

Жалбата е неоснована.

Постапувајки по повод жалбата, советот ја ценеше одлуката на судијата на претходна постапка на овој суд со која предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, за определување на мерка притвор против осомничената Г. Ј., поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело Повреда на избирачкото право од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, го одбил како неоснован, и смета дека истата е оправдано донесена.

Советот смета дека во конкретниот случај, судијата на претходна постапка при овој суд правилно постапил кога утврдил дека не постои основот за определување на мерката притвор предвиден во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, односно не постои оправдан страв дека осомничената Г.Ј. ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело и не постојат особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, поради што и предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 12.02.2016 година го одбил како неоснован.

Имено, по наоѓање на Кривичниот совет, судијата на претходна постапка правилно утврдил дека доколку осомничената имала намера да ги уништи трагите и материјалните докази во врска со кривичните дела, истото можела да го стори изминатиот период, бидејки осомничената за предметниот кривично правен настан била запознаена со поднесувањето на кривичните пријави против неа, а за кое нешто е видно од списите на предметот, сочинети биле четири записници на ОЈО Скопје, составени на 27.08.2015 година и на 31.08.2015 година, кога осомничената била испитана во својство на обвинета, а од кои што дати поминат е подолг временски период. Советот цени дека од списите приложени кон предметот КОК-ПП бр.42/16, ништо не укажува дека во конкретниот случај осомничената превземала било какво конкретно дејствие во насока на криење и уништување на трагите од кривичните дела или влијание врз сведоците и соучесниците. За одредувањето на мерката притвор по основот од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП не е доволно да се истакне само апстрактна можност на влијание врз сведоците или соучесниците, туку е потребно да се наведат конкретни особени околности кои го потврдуваат постоењето на оваа опасност, а такво нешто не е сторено со доставениот предлог на обвинителството, при што во предвид треба да се има и фактот што осомничената повеќе не е м……….., па не постои можност за уништување на трагите и доказите, кои се наоѓаат во министерството. Следствено на изнесеното, советот наоѓа дека неосновано е стравувањето дека осомничената може на било каков начин да ја попречува постапката.

Советот при одлучувањето во предвид ги имаше и жалбените наводи на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во однос на постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП во конкретниот случај, меѓутоа смета дека истите се неосновани, па во корелација со сето погоре наведено, во смисла на чл.294 ст.1 в.в. чл.169 ст.5 од ЗКП, одлучи како во изреката на ова решение.

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ I СКОПЈЕ-ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОРГАНИЗИРАН
КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА, КИОК-КС.бр.15/16 од 19.02.2016 година

Записничар, Председател на совет-судија,
Биљана Наумоска Љубинка Башеска

ПОУКА: Против решението не е дозволена жалба

 

 

Би те интересирало и

Случај Труст: На денешното рочиште дојде и вториот сведок

Во 12.30 треба да продолжи денешното судско рочиште за случајот ,,Труст“ на СЈО. Целата вест ...

Голема акција за чистење на Скопје

Со цел да се намали загаденоста во главниот град, градските власти од општина Бутел ја ...