Отворени 1.517 избирачки места, граѓаните гласаат за 35 градоначалници

Во Македонија денеска се одржува вториот круг од шестите локални избори по независноста на земјата. Граѓаните избираат градоначалници во 35 општини, на 1.517 избирачки места, каде право на глас имаат 833.710 граѓани

Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места. Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1130 избирачки места. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници. Во Скопје ќе се гласа за градоначалник во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир, Шуто Оризари и Сарај. Во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел ќе се гласа меѓу кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, во Чаир и во Сарај меѓу кандидатите на ДУИ и БЕСА, а во Шуто Оризари меѓу кандидатот на СДСМ и кандидатот на Сојузот на Роми.

Од останатите општини втор круг ќе има во Штип, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Виница, Демир Капија, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кавдарци, Пробиштип, Градско, Јегуновце, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Могила, Зрновци, Новаци, Брвениа, Чешиново- Обелешево, Боговиње, Врапчиште, Долнени, Желино, Липково, Теарце, Студеничани и Карбинци.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа. За вториот круг од Локалните избори во Македонија Државната изборна комисија акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии. ОИК од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот изборен материјал.

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. ОИК првичните резултати од изборите за градоначалник ги објавува во рок од седум часа по завршувањето на изборите.

Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога беа избрани членовите на советите во општините, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини.

Ова се шести локални избори во Македонија по независноста. Првите се одржаа во 1996, а следуваа во 2000, 2005, 2009 и 2013 година. /МИА

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...