Правна анализа за видот и одмерувањето на казните

Законот за одмерување на видот и висината на казната сериозно го нарушува начелото на поделба на власта предвидено со Устав дозволувајќи влијание од законодавецот и доведе до невообичаени контрадикторности во Кривичниот законик, како и формализирање на слободното судско убедување сведувајќи го на бодирање и пресметување разлики меѓу олеснителни и отежнителни околности.

Ова се заклучоците од правната Анализа за примената на Законот за одмерување на видот и висината на казната, работена во рамки на „Мрежа 23+“ на целата територија на Македонија со анализа на 200 пресуди таргетирани по случаен избор. Анализата е презентирана денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Според еден од авторите на анализата Лазар Нанев, заклучоците покажуваат дека се работи за закон што ја отежнал целокупната работа на судиите во Македонија.

„Закон што е противуставен, меѓутоа и закон што изврши директен упад во надлежностите на Врховниот суд на РМ, затоа што е спротивен на член 101 од Уставот. Судиите наместо да ги применуваат законите се доведоа во една ситуација на математичари, преку множење, делење, собирање и на крајот утврдување на кривичната санкција“, изјави Нанев. Тој посочи дека овој закон ја променил целокупната слика за судскиот систем во Македонија и анализата покажала дека наместо усогласување на казнената политика на ниво на сите судови законот довел до повреда на основните човекови слободи и права, поради што заклучоците изведени од анализата се упатени во насока на потребата од целосно укинување на овој Закон.

Гордана Лажетиќ – Бужаровска, еден од авторите на истражувањето, рече дека првите иницијативи биле воопшто и да не се донесе овој закон бидејќи е спротивен на Уставот и на европските стандарди, принципи и правила:

„За жал граѓаните ги почувстуваа последиците од донесувањето на ваквиот закон, а судиите беа целосно ограничени, односно станаа уста на законот. Судијата не ни треба да анализира кога ги имате сите тие шеми и знаете каков ќе биде конечниот исход. Каде е тука индивидуализацијата на санкцијата, субјективностите, факти на случаи“.

Таа нагласи дека САД уште во 2005 година ги напуштиле ваквите бодовни правила, а ние десет години потоа ги прифативме како задолжителни.

На новинарско прашање за тоа дека судиите се повикаа на овој закон при изрекувањето на условните казни за влегувањето во Собранието на 27 април, Лажетиќ–Бужаровска, рече дека овој закон довде до тоа за тешки кривични дела да имате поблаги санкции, а за полесни кривични дела построги санкции.

Прашана за неодредувањето мерка притвор и одземањето пасош за случаите на СЈО, Лажетиќ–Бужаровска, рече дека претходно притворот беше прв и единствен, а мерки за претпазливост јавноста дозна дека постојат откако почна со работа СЈО.

Нанев, на истото прашање, одговори дека изрекувањето на мерките за обезбедување присуство на лица за успешно водење на кривичната постапка се дефинирани согласно Законот за кривична постапка и дека тука нема дилеми.

 

Додади коментар

Би те интересирало и

Семејствата на киднапираните Македонци од 2001 година, бараат повторно да отвори истрага за овој случај

Семејствата на киднапираните Македонци од 2001 година, бараат македонскиот правосуден систем повторно да отвори истрага ...

Мерките за реформи во правосудството најбројни во Планот 3-6-9

  Министерството за правда веќе има формирано Совет за следење на реформите во правосудството. Истовремено, ...

Close