Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да одлучи за Договорот со Бугарија

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија. Собранието, како што истакна на прес-конференција Илија Димовски, треба да го разгледа договорот и да донесе заклучоци дали треба или не да се потпише во ваква форма. Договорот, според ВМРО-ДПМНЕ, е штетен за Република Македонија и може на среден и долг рок да ги влоши односите меѓу двете земји.
– Парламентот мора јавно и транспарентно да го добие договорот. Владата може краткорочно да го крие затоа што договорот не е добар за Република Македонија. Порано или подоцна мора да го објави, рече Илија Димовски на прес-конференцијата во Собранието.
Договорот, според Димовски, ќе отвори стари историски рани, да нанесе болка кај многу семејства чии предци биле жртви и се бореле за автономија, за самобитност и за самостојност на Македонија и за културна и историска засебност на македонскиот народ.
– Уште повеќе примената на овој договор без конструктивните забелешки и предлози кои ние ги дадовме и споделивме со Заев на среден и долг рок ќе нанесе реални штети на иднината на Република Македонија. Договорот ќе дава јасна и легална основа соседна Бугарија да го стопира чекорењето на Република Македонија кон ЕУ на секој наш следен чекор на отворање или затворање поглавја од евентуалните преговори за членство во ЕУ, рече Димовски. Бугарија, според него, тоа ќе може да го направи во секој момент – кога нема да и се допаѓа некој историски учебник, некој наш документарен или историски филм, наш споменик или некое наше македонско одбележување на жртвите и борците за самобитноста на македонскиот народ и РМ.
– За жал, пооделни кругови во соседството веќе нескриено и триумфално го најавуваат тоа. На Македонија и на Бугарија им треба договор за иднината, а не договор за минатото, со кој целиот регион ден поскоро ќе се интегрира во ЕУ и во НАТО, а не договор кој ќе биде нова јамка за уцени и блокади во иднина, потенцира Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ќе поддржи договор кој ќе овозможи брз влез во ЕУ и во НАТО. – Нам не ни е потребна втора времена спогодба, изјави Димовски кој оцени дека овој договор на среден и долг рок ќе значи влошување на односите меѓу двете држави.
– Повикуваме на итна седница на Собранието на која договорот ќе биде разгледан и Собранието ќе донесе заклучок дали тој договор треба или не да биде потпишан во ваква форма, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Со најавата дека Владата веќе донела одлука да се потпише договорот, според Димовски, паѓаат во вода сите лажни сцени на вклученост на опозицијата и на Парламентот во стратешките и клучни процеси и одлуки за Република Македонија и се покажува дека нема инклузивност, транспарентност и одговорност.
– Нам ни беше претставен текст кој, според официјална Софија, не можеше да претрпи никакви измени, а спротивно на тоа господинот Заев даде збор дека текстот може да претрпи подобрувања и измени во насока на вклучување на нашите забелешки. За овој договор единствена одговорност ќе носат Владата и пратениците кои по наредба ќе мора да гласаат за неговото ратификување, рече Димовски.
Предупреди дека овие чекори на СДСМ, како што кажа, ќе нанесат непоправливи штети за Република Македонија.
– Бараме договорот да се потпише со забелешките кои нашите пратеници му ги укажаа на господинот Заев. Доколку СДСМ одлучи сама да оди во овој процес, без поддршка од мнозинството граѓани и без вклученост на опозицијата тоа може да биде на целосна штета на Република Македонија и нејзините интереси, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димовски.

Би те интересирало и

За една година СВР Тетово има дарувано двесте единици крв

Секторот за внатрешни работи Тетово, успешно ја организираше последната крводарителна акција планирана за годинава. Вработените ...

Љубе Бошковски: Во Македонија мора да се врати критичката свест

Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошковски вчера во Прилеп присуствуваше на отворањето на нови ...