Приказната за Раде Кончар и неговиот син Раде Кончар кој се венчал на улица „Раде Кончар“

 

Да се потсетиме ние на вистинската партизанштина на која подзаборавивме од онаа блеферската која последниве години ни ги потече јајцата (ене ги, моментално се ухлебуваат по државни институции). Усташите не само што го убиле прочуениот револуционер Раде Кончар, не само што ја фрлиле од прозор неговата жена туку за да ја сотрат цела лоза, понудиле неверојатна награда и за нивното бебе.

„На крај, ја поздравувам својата другарка и малото пролетерче, својот наследник кого, на жал, никогаш нема да го видам“.

Вака го завршува своето последно писмо Раде Кончар, тогашен претседател на КП Хрватска кој ја претчуствува својата смрт после долги нечовечки мачења кои ги трпи откако паѓа в затвор.

На судскиот процес против него ја кажува легендарната:

„Ниту барам милост, ниту јас би ви ја дал“

А на стрелиштето каде што е егзекутиран, на џелатите им дофрла:

„Зошто од грб, се плашите од нашите погледи?“

Два месеци подоцна, уапсена е и неговата сопруга, исто членка на Комунистичката партија. Во нејзиниот џеб е најдена слика од нивното бебе кое го носи татковото име. Во јули 1942 година, Драгица или сама скокнала или била фрлена од третиот спрат од затворот.

Но, на усташите тоа не им било доволно. Ја искористиле фотографијата од бебето, ја умножиле во безброј примероци и ја делеле наоколу. Загреб бил полн со постери од малиот Раде Кончар за чие наоѓање била понудена неверојатна награда од сто илјади златни куни. Не сме чуле за друго бебе во историјата кое било уценето на повисока сума.

За среќа, по партиска задача малиот бил доделен на досетлива жена, извесна Јосипа Саили. Таа му пушта долга коса на малиот Раде и го облекува во женски алишта. Агентите еден ден сепак дошле и во нејзината куќа, но, пред да влезат, таа успеала сите дечиња да ги штипне па овие не издржале долго во тој сеопшт плач и врева.

По ослободувањето, Раде Кончар прво бил морепловец па потоа завршил правен факултет во Белград. Сакал и да слика а ја наследува и физичката сила на својот татко кој своевремено со француски клуч претепувал вооружени усташки патроли по уличките на Загреб.

Се вљубува во една ријечанка со која добиваат две ќерки.

„Вчера се ожени Раде Кончар, син на славниот револуционер и комунист Раде Кончар. Венчавката се одржа во матичната служба на улица „Раде Кончар“, известил еден локален весник.

Не се експонирал многу, една од неговите ретки фотографии е кога црта дизниеви ликови во собата на своите ќерки во новиот стан во Нов Белград.

Би те интересирало и

Грчките новинари во 48-часовен штрајк

Синдикатите на грчките новинари за денеска и утре закажаа 48 – часовен штрајк. Тие протестираат ...

Вучиќ: Можни се предвремени парламенатарни избори

Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска пред новинарите изјави дека е можно одржување на вонредни парламентарни ...