Продолжен рокот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип: Нема „пенали“ за доцнењето

Ниту Владата ниту кинеската фирма Синохидро, која ги изведува градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип нема да плаќаат обештетување, иако рокот за изградбата е пробиен за половина година. Ова го предвидува анексот кој Владата го потпиша со кинеската фирма.

Септември 2018 е новиот рок за изградба на автопатот Миладиновци – Штип кој првично требаше да биде готов до 1 мај годинава. Од Владата соопштија дека потпишале анекс договор со кинеската фирма Синохидро за продолжување на временската рамка.

„Во однос на автопатот Кичево Охрид, во тек се преговорите со изведувачот“, вели владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

„Пресметката за сите дополнителни работи кои некој заборавил да ги направи, повторно ќе се направи за да биде прецизна и точна“, додаде тој.

Инаку договорот за изградба на овој автопат, со кинеската страна го потпиша претходната влада на Никола Груевски. Според првичните информации, овој автопат требаше да чини 373 милиони евра, но откако министерот за транспорт и врски Горан Сугарески објави дека вештањето на сработеното укажало на грешки, се проценува дека цената на автопатот ќе стигне околу 500 000 000 евра за 57 километри.

Специјалното јавно обвинителство пак, врз основа на информациите од таканаречените бомби, во мај годинава го отвори случајот Тракеторија, кој се однесува токму на изградбата на овие два автопати. Имено, СЈО сомничи поранешни високи функционери дека земале провизии, но и дека незаконски ја одбрале кинеската компанија за изведување на градежните работи. Со ова, тие го оштетиле буџетот за 155 000 000 евра.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Заинтересираните инвеститори денес влегоа во кавадаречки Фени за да направат увид за состојбите во фабриката

Вработените очекуваат што поскоро да се заврши нивната агонија и да продолжат со работа. Целата ...

Заинтересираните инвеститори ќе вршат увид во состојбата на Фени

Заинтересираните потенцијални инвеститори за Фени Индустри, придружувани од претставници од трите банки најголеми доверители, од ...