Продолжен рокот за пријавување за бесплатен одмор за работници со ниски приходи

Министерството за економија денеска го продолжи рокот за аплицирање за владината мерка за бесплатен одмор за работници со ниски приходи до 20 ноември годинава. Продолжувањето на рокот, посочуваат од Министерството, е со цел да им се овозможи на што повеќе граѓани кои ги исполнуваат условите да ги достават потребните документи предвидени со јавниот повик.

– Досега над 650 граѓани изразиле интерес за користење на владината мерка, а според средствата што се обезбедени за оваа намена, во износ од 60 милиони денари, се проценува дека бесплатен одмор ќе може да користат 4.000 семејства, во вредност од по 15 илјади денари, во еден од 60-те категоризирани угостителски објекти за сместување во Република Македонија кои се пријавија во Министерството за економија, велат од Министерството.

Јавниот повик е објавен на 1 септември годинава, а право на учество имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 22.000 денари.

За учество на јавниот повик барателите до Министерството за економија треба да достават: пополнето барање (готов формулар кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството: www.economy.gov.mk), потврда од работодавецот за висината на исплатена нето плата од последните три месеци и извод од банка за последните три месеци за подносителот на барањето како и на членовите на семејството (сопруг, сопруга и деца) кои заедно со него ќе го користат одморот, фотокопија од лична карта или патна исправа за него и членовите на семејството кои заедно со него ќе го користат одморот и изјава дека барателот лично или со членовите на семејството кои се наведени во барањето ќе го користат одморот (готов формулар).

Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање за пријавување интерес за користење на средства за организиран одмор, а потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.

Барањето треба да се достави до архивата на Министерството за економија лично или преку пошта на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15 Скопје, а листата на баратели кои доставиле уредна и комплетна документација се објавува на веб-страницата на Министерството за економија најдоцна седум дена од денот на утврдувањето на листата.

Корисниците кои ќе ги достават потребните документи и ќе ги исполнат условите за користење на оваа мерка, ќе добијат потврда од Министерството за економија за користење средства за организиран одмор за работници со ниски приходи, поточно ќе им биде издадена потврда за користење на средства за организиран одмор за работници со ниски приходи во споменатата вредност.

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...