Промовирана македонска поштенска марка во САД – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Промовирана македонска поштенска марка во САД

Во Сан Диего, Калифорнија, е промовирана поштенската марка со ликот на американскиот научник Клод Елвуд Шенон (1916-2001), која минатата година ја издаде Македонска пошта. Поштенската марка минатата седмица е промовирана пред американската јавност на конгрес на Друштвото на теоријата на комуникации, како дел од Американскиот институт на инженери од областа на електрониката, на чија покана присуствувал и Нинослав Марина, ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“-Охрид.

Марина изјавил дека како еден од авторите на иницијативата се радува што на ваков начин се чествува 100-годишнината од раѓањето на прославениот американски научник и татко на математичката теорија на комуникации и теорија на информации.

„Се радувам и ја делам радоста на членовите на Друштвото на теоријата на комуникации, кои изразуваат искрена благодарност и восхит кон начинот на кој Република Македонија ја изразува својата почит кон делото на Клод Шенон. Македонија е единствената земја во светот што издаде марка во чест на Шенон, што ме прави особено горд и би сакал да изразам голема благодарност до сите кои придонесоа за реализација на иницијативата“, истакнал Марина.

Клод Шенон е светски признат научник заслужен за основите за создавањето на некои од најзначајните телекомуникациски методи на денешницата, што се користат во интернетот, мобилните телефони, компјутерите, уредите за меморирање и при електронската заштита на податоците.

Би те интересирало и

Почнува Велигденскиот пост – еве како се празнува

 Време на соединување со Бога Имиња на постот Тоа е пост со повеќе имиња – ...

Прилеп го оправда епитетот карневалски град-над 1.000 домашни и странски учесници на дефилето (галерија)

Со забава под маски и доделување на парични награди и дипломи на најуспешните учесници по ...