Путин повика: Доста со воинствената реторика

Рускиот претседател Владимир Путин говореше на отворањето на меѓународниот форум „Еден појас – еден пат“ во Пекинг денес и се изрази за создавање на големо евроазиско партнерство, повикувајќи за откажување од воинствената реторика, за да се надмине застојот во глобалниот развој, пренесоа агенциите, повикувајќи се на ТАСС.

Тој изрази мислење дека таложењето на потенцијалот на таквите интегративни формати како евроазиската економска соработка, „Еден појас – еден пат“, Шангајската организација за соработка, Здружението на земјите од Југоисточна Азија, може да стане основа за формирање на големо евроазиско партнерство.

„Ние би го поздравиле учеството и на земјите од Европската унија во такво партнерство, и тогаш тоа навистина би било хармонично, урамнотежено и универзално“, додаде Путин.

Тој ја поздрави големата иницијатива на Кина „Еден појас – еден пат“, преку која според него, кинескиот претседател Си Џинпин покажал „пример за креативен пристап кон развојот на интеграцијата во енергетиката, инфраструктурата, транспортот, индустријата, како и во хуманитарната соработка“.

Зборувајќи за создавањето на големо евроазиско партнерство со широко учество, рускиот лидер изрази мислење дека тоа „ќе овозможи да се реализира уникатна шанса за создавање на единствен простор за соработка од Атлантикот до Пацификот за прв пат во историјата“. Евроазиското партнерство „треба да го промени политичкиот и економскиот пејзаж на континентот, да и донесе на Евроазија мир, стабилност, просперитет и принципиелно нов квалитет на живот“.

Во исто време Путин предупреди за опасноста од протекционизмот.

„Сè поочигледни се ризиците од фрагментација на глобалниот економски и технолошки простор. Протекционизмот станува норма, а негова скриена форма се едностраните незаконски ограничувања, вклучувајќи врз снабдувањето и дистрибуцијата на технологија“, рече тој.

Според него, формираните економски модели во изминатиот 20 век, денес доживуваат криза.

„Многу досегашни модели и фактори на економскиот развој се практично исцрпени. Во многу земји се забележува криза и во концептот на социјалната држава, кој настана во 20 век. Денес таа не само што не е способна да обезбеди одржлив раст на благосостојбата, но често дури и не може да го задржи на претходното ниво“, истакна рускиот претседател. Потребни се „свежи, ослободени од стереотипи, идеи“, додаде Путин.

„Нерамнотежата во социо-економскиот развој, кризата на досегашниот модел на глобализацијата водат до негативни последици за односите меѓу државите, за меѓународната безбедност. Сиромаштијата, социјалниот недостаток, колосалниот расцеп во нивото на развој на земјите и регионите, предизвикуваат средина за потхранување на меѓународниот тероризам, за екстремизмот и за нелегалната миграција“, истакна рускиот претседател. „Нема да се справиме со овие предизвици, ако не ја надминеме стагнацијата, застојот во глобалниот економски развој. Да не заборавиме и за оние закани кои ги носат регионалните конфликти, зоните на стари противречности, какви остануваат на многу места во Евроазија“, рече тој.

Зборувајќи за патиштата за нов тип интеграција, преку која ќе се надминат овие проблеми, Путин предложи да се оптимизираат транспортните коридори, за да се создаде нова транспортна конфигурација на Евроазискиот континент.

„Така ќе можеме да си поставиме амбициозна цел да го направиме движењето на стоки низ евроазискиот простор што е можно побрзо, поудобно и непречено“, рече тој. Путин повика и за подготовка на евроазиски договор за поедноставување на трговските процедури.

Русија нуди исто така да се оди кон унификација и обединети норми за техничка регулатива, кон развој на унифицирани стандарди како за традиционалните индустриски и земјоделски стоки, така и за новата, хај-тек продукција. Тој предложи и креирање во Евроазија на големи меѓународни истражувачки центри и лаборатории за заедничко користење. Според него „квалитативната интеграција на земјите од регионот е можна само со потпора на моќен човечки капитал, на квалификувани кадри, на технолошки и научни достигнувања“.

За такви големи проекти, рече претседателот, ќе бидат потребни и сериозни приватни инвестиции.

„Русија со нејзината уникатна географска положба е подготвена за таква соработка“, која ќе ги отстрани инфраструктурните бариери пред евроазиската интеграција, истакна тој.

Преземено од: Стандард

Додади коментар

Би те интересирало и

Макрон ќе предложи реформи за ЕУ и јакнење на монетарната унија

Францускиот претседател, Емануел Макрон утре ќе ги промовира своите предлози за реформи на Европската унија ...

Референдум за независност на Ирачки Курдистан

Граѓаните на ирачки Курдистан денеска ќе се изјаснат на референдум за независност на регионот од ...

Close