Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица

Граѓаните веќе може да сообраќаат на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, која претставува последен дел од Коридорот 10 низ Македонија.

Делницата беше пуштена во употреба на свечена церемонија со претставници на државниот врв и со претставници на делегацијата на ЕУ. Премиерот Зоран Заев потсети дека проектот за изградба на оваа делница со пари од ЕУ, го започна претходната влада предводена од Никола Груевски.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која не’ водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ! Оваа делница од автопатот Пријателство во себе ја има вградено приказната за поддршка и соработка”, нагласи Заев.

Генералниот директор за соседски политики и проширување во ЕК, Кристијан Даниелсон оцени дека изградбата на делницата била комплескна, но се очекува истата да го поттикне економскиот развој и да обезбеди одржливо и побезбедно патување.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека се работи за модерна и безбедна делница, прва од ваков тип на Балканот.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Од нив, 107 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се грант од ЕУ, а шест милиони евра преку буџетот.

Во меѓувреме, поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски се огласи на социјалната мрежа Фејсбук каде напиша: СДСМ во овој нивни мандат нема да изгради, не 600 км како што тврдеше Заев, туку ниту 1 км автопат по меѓународни стандарди.

Зоран Заев во емисија на ТВ 21 во мај или јуни 2017-та јавно вети дека ќе изгради 600 километри автопат во Македонија, во неговиот 4 годишен мандат. Внимавајте: 600 километри автопат во 4 години. И додаде: ќе ја заокружиме Македонија со автопати – истакна Груевски.

-Од владата на ВМРО-ДПМНЕ наследија во длабока фаза на градба два автопата кои заедно се околу 100 километри автопат, едниот, Скопје – Штип завршен 70 осто, вториот Кичево – Охрид, завршен 50 осто. И двата со обезбеден кредит и финансирање и потпишани договори. Се надевам нема да си препишат некој километар од автопатот Демир Капија – Смоквица 29 км, кој целосно се заврши во мај 2017-та, а еве цела година СДСМ преместува еден далновод и ја завршува контролната соба. Значи соба. Не пат. Една година. Автопат е пат кој има најмалку 6 коловозни ленти и се разбира други карактеристики за автопат според меѓународните стандарди, во смисла колку е дозволено степени да се кривините, нагорнините и удолниците и други стандарди. Освен овие два автопати во градба, и оној кој го завршивме во мај 2017-та, а тие дури сега по една година го пуштија во употреба Демир Капија – Смоквица, јас знам дека СДСМ во овој нивни мандат нема да изгради, не 600 километри, туку нема да изгради ниту 1 (и со букви „еден”) километар автопат по меѓународни стандарди како што се споменатите во овој текст. Подготвен сум јавно да се кладам дека надвор од овие два автопати кои владата на ВМРО-ДПМНЕ им ги остави во завршна или многу длабока фаза и еден завршен каде требаше да поместат далновод, нема да изградат ниту еден километар автопат со 6 коловозни ленти надвор од тоа – напиша Груевски.

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Анита Ангеловска Бежоска избрана за гуверенер на НБРМ

Собранието на Република Македонија на 46. седница ја именуваше д-р Анита Ангеловска Бежоска за гувернер ...

Работниците од Фени ја прашуваат Слаѓана Тасева чии интереси застапува по наводите за стечајот во фабриката

По денешната прес конференција на Транспаренси Интернешнел Македонија, каде директорката Слаѓана Тасева ги повика надлежните ...