Работниците на Колска, два часа го блокираа патничкиот и товарниот железнички сообраќај – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Работниците на Колска, два часа го блокираа патничкиот и товарниот железнички сообраќај

Работниците на велешката фабрика за поправка на вагони Колска денеска повторно го прекинаа производството и два часа го блокираа железничкиот товарен и патнички сообраќај на станицата во Велес.

Од ЈП Македонски железници Транспорт бараат  втора половина на плата за месец март и покрај заостанати четири плати.

Со протест на Железничката станица во Велес во времетраење од околу два часа и со блокади на патничкиот воз за Битола, во времетраење од деведесет минути како и на товарниот воз за Скопје во времетраење од педесет минути, работниците на велелешка Колска повторно бараа исплата на плата. Протест го поттикна непочитувањето на договорот што ЈП Македонски железници Транспорт и Колска го постигнале на средбата кај вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече претседателот на синдикалната организација во Колска Слободан Димитриевски.

– На средбата беше договорено кога земаат работниците на ЈП Македонски железници – Транспорт плата да земеме и ние. Ние во моментов работиме на поправка на 34 товарни вагони и на еден патнички вагон. Првата половина јавното претпријатие ни ја исплати но, не и втората што ја зедоа пред неколку дена. Образложението на директорот Љубиша Ристиќ беше дека не ни префрлиле пари бидејќи сме немале доставено фактури, рече Димитриевски.

Тој тврди дека во суштина не станува збор за неиспорачани фактури од страна на Колска за сработеното туку за непочитување на договорот од страна на директорите на ЈП македонски железници. Затоа едно од барањата на денешниот протест е МЖ да им исплати втора половина на плата за месец март.

– Не бараме ништо друго освен почитување на договорот. Колска има две лански неисплатени плати, за месеците септември и октомври и три, за јануари, февруари и март од тековната година. Покрај тоа што не ги бараме заостанатите плати ние не можеме да земеме ни редовна плата до продажбата на фабриката, рече Димитриевски.

Инаку на последниот состанок одржан помеѓу вицепремиерот Анѓушев, директорите на ЈП Македонски железници и на Транспорт со преставниците на велешка Колска во Скопје било договорено дека фабриката за поправка и одржување на железнички вагони ќе се продава. /У.Ј

Би те интересирало и

Ирена Јакимоска е нов претседател на Стопанската комора за Прилеп

Управниот одбор на Регионалната Стопанската комора за Прилеп доби нов претседател – Ирена Јакимоска. Таа ...

Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица

Граѓаните веќе може да сообраќаат на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, која претставува последен ...