Реакција од БЕГ на тема „Дали со амин на Регулаторна комисија за енергетика, БЕГ ги оштетила скопјани за 14 милиони евра“

БЕГ ги демантира тврдењата кои се изнесени во текстот со  наслов „Дали со амин на Регулаторна комисија за енергетика, БЕГ ги оштетила скопјани за 14 милиони евра“, објавен на Канал 77, а преземан од порталот Фактор.

Реакцијата во продолжение е пренесена во интегрална верзија:

Согласно членот 17 од Правилникот за цени на топлинска енергија и системски услуги одобрените, признаени технички загуби во дистрибутивната мрежа од страна на РКЕ изнесуваат до 12% од вкупната топлинска енергија испорачана од производителите во дистрибутивната мрежа. Односно, сакаме да истакнеме дека никогаш откако БЕГ (Балкан Енерџи Груп) е носител на лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија од страна на Регулаторната комисија за енергетика не се одобрени загуби во дистрибутивната мрежа поголеми од 12%.

Имено, од 2013 година кога групацијата БЕГ ги доби лиценците да управува со дејноста на централно греење во Скопје, до денес, вкупните инвестиции во сегментите на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, надминаа вредност од 10 милиони евра.

Како резултат на домаќинското работење од страна на менаџментот на БЕГ и вложувањата во целокупниот систем за централно греење, вкупната ефикасност на целиот системот е зголемена за 6 проценти, односно од 82% во 2012 година на 88% во 2016 година, со перспектива за понатамошно нејзино зголемување.

Откако БЕГ АД ги поседува лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, имплементирани се низа нови технологии и светски практики со што е зголемена ефикасноста, стабилноста и доверливоста во целокупното функционирање на системот за греење со кој управуваме. Односно, комплетно е заокружен процесот на гасификација на топланите, модернизиран е системот за подготовка на технолошка вода т.е. елиминирано додавањето на хемикалии при нејзината подготовка. Во дистрибутивниот систем, заради лошата состојба на дистрибутивната мрежа која што е затекната при преземањето во 2013 година, односно негрижата и не домаќинското работење на претходниот носител на лиценцата, се извршени најголемите инвестициски вложувања. Санирани се над 500 дефекти на дистрибутивната мрежа, што претставува десеткратно зголемување на бројот на годишни санации на дефекти во однос на просекот пред 2013 година. Изолирани се над 600 дистрибутивни шахти, извршена замена на 10 км дотраени цевководи од дистрибутивна мрежа при реконструкција на делници како и дополнителна замена на 7,5 км дотраени цевководи од дистрибутивна мрежа при санација на дефекти. Со инвестициите во дистрибутивната мрежа, нејзината модернизација и употребата на нови технологии за управување и мониторирање постигнато е намалување на загуба на топлиноносителот за три пати во однос на состојбата пред пет години, кога со дистрибутивниот систем управуваше Топлификација АД.

Сериозниот пристап при нашето работењето од 2013 година, резултира со намалување на цените на нашите услуги, за 31,32% кај домаќинствата, 50% кај деловните субјекти и 65% кај образовните институции според официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика.

Сите овие активности, но и домаќинското однесување во работењето во периодот 2013-2017 година, придонесоа повеќе од 4500 исклучени потрошувачи од времето кога со системот за централно греење управуваше Топлификација АД повторно да се приклучат на централниот систем на греење на Град Скопје со кој управува БЕГ. Зголемување на бројот на потрошувачи кои се приклучуваат, а кои од различни причини се исклучиле од системот за централно греење до 2013 година, се должи на подобрениот квалитет на услугата како и конкурентноста на услугата во однос на останатите извори на топлинска енергија. Имено, системот за централно греење со кој управува БЕГ АД е поконкурентен во однос на другите топлификациони системи во градот Скопје, односно е поевтин од топлификациониот систем на ЕЛЕМ Енергетика, а драстично ценовно поконкурентен од централниот систем за греење Скопје Север со кој управува Топлификација АД.

Сакаме да истакнеме дека доколку претходниот носител на лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија плански и навремено ги извршувал потребните инвестициски и реконструктивни зафати во системот за централно греење придобивките за нашите крајни потрошувачи ќе беа уште поголеми.

Балкан Енерџи Груп и во иднина со засилено темпо ќе продолжи да работи на модернизација и унапредување на системот за централно греење со кој што управува со цел зголемување на неговата ефикасност и конкурентност. Во таа насока, со соодветно и навремено одржување на дистрибутивната мрежа, односно нејзина реконструкција и санација ќе се настојува загубите на технолошка вода да се сведат на минимум, односно загубите на топлина во дистрибутивната мрежа од одобрените до 12% од страна на регулаторот да се намалат на максимум 8%.

Апелираме до таканаречените компетентни стручни лица да го покренат прашањето, како вредноста на дистрибутивната мрежа која е сопственост на граѓаните на Република Македонија, во периодот 1998-2012 година кога со нејзе управуваше Топлификација АД е намалена за 10 милиони евра, средства собрани од граѓаните врз основа на амортизација одобрена во цената за топлинска енергија.

Би те интересирало и

Заинтересираните инвеститори денес влегоа во кавадаречки Фени за да направат увид за состојбите во фабриката

Вработените очекуваат што поскоро да се заврши нивната агонија и да продолжат со работа. Целата ...

Заинтересираните инвеститори ќе вршат увид во состојбата на Фени

Заинтересираните потенцијални инвеститори за Фени Индустри, придружувани од претставници од трите банки најголеми доверители, од ...