Русија – земја на остри контрасти – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Русија – земја на остри контрасти

Кратко пред претседателските избори во Русија, победата на Владимир Путин се чини сигурна. Притоа, не сите луѓе низ земјата се задоволни од претседателот.

„Да се седи на каучот и да се чека, е судбина својствена на инсектите“, вели Јулија Федотова. „Јас, напротив, сум човек и спремна сум да застанам и на барикади, ако мора“. А потоа извикува заедно со масата луѓе: „На-вал-ни!“ Правничката со јарко црвен кармин на усните, заедно со неколку илјади млади активисти, протестира на улиците на Екатеринбург за да го изрази своето незадоволство.

Но, оној за кој станува збор, воопшто не е тука. Ниту на демонстрациите на неговите приврзеници на овој студен викенд во Екатеринбург, ни на претседателските избори в недела. Најголемиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, не смее да се кандидира, затоа што е осудуван. Опозицијата во тоа гледа само симулирање и повикува на изборен бојкот.

Путин и седумте противкандидати

„Од чисто правен аспект, неучеството на Навални секако е правилно. Но, од политички аспект, овие избори без него се нецелосни“, резимира претприемачот Борис Титов, кој за разлика од Навални, смее да се кандидира. Титов е еден од седумте кандидати покрај Владимир Путин. „На секого му е целосно јасно: најдобри шанси има актуелниот претседател. Јас се кандидирам за да покажам дека постојат луѓе кои не се согласуваат со политиката на Путин“, вели тој дипломатски во интервју за Дојче веле.

Оваа реченица, или слична, ја повторуваат и неговите двајца конкуренти: либералниот политичар Григори Јавлински и десничарскиот популист Владимир Шириновски. Двајцата се познати во Русија од 1990-те години и од страна на нивните критичари се нарекувани „беззаба системска опозиција“, која не претставува никаква опасност за шефот на Кремљ, без оглед на нивните маркантни зборови во очи на изборите.

Јавлински на пример предупредува: „Русија води многу опасна политика, која на внатрешнополитички план води кон сиромаштија, а на надворешнополитички план може да одведе кон воен конфликт.“

Шириновски пак самиот му се заканува на Западот со војна: „Ако победам, 150 милиони Руси ќе се разбудат со насмевка на лицето. Западот меѓутоа ќе мора да трепери ако не престане да ги поучува Русите како треба да се живее.“

Живот во блескави метрополи и во куќи без греење

А како живеат Русите? Многумина, кои го поддржуваат Путин, живеат добро, дури и одлично. На пример, во блесакавата метропола Москва, каде имаат добро платена работа, како Марија Катасонова, соработник во Думата и страсна поддржувачка на актуелниот шеф на државата: „Путин е симбол за стабилност. Нему треба да му заблагодарам за сѐ: за мојата работа, моето образование, едноставно за сѐ.“

Други пак се принудени да стравуваат дека кровот ќе им падне врз главата, како Дарија Даар од едно предградие на метрополата на Урал, Екатеринбург. На куќата во која таа живее, некогаш во државна сопственост, итно ѝ е потребна санација. Но, властите изненадувачки откриваат дека таа пред 25 години била изградена илегално, од страна на самата држава. Оттогаш, никој не се чувствува надлежен. „Избори? Кои избори?“, прашува Дарија Даар реторички. „Уште одамна е веќе одлучено во наше име.“ Станот на Дарја е студен, парното греење не функционира, во куќата се шири мувла. „Вака државата ги остава своите граѓани на цедило“, се жали таа, пиејќи чај – за да се стопли.

Трети пак стравуваат за својата слобода, ако се одважат да ја критикуваат надворешната политика на Путин, како Павел Никулин. Независниот новинар пред неколку недели објави интервју со поранешен борец на Исламска држава од Русија и вчас доби посета од тајната служба. Сега Никулин, кој известува и за други осетливи теми, го надгледуваат. „Дојдоа едно утро вооружени и го претресоа мојот стан. Ако во Русија се одлучиш на новинарска работа, мора да сметаше на тоа дека еден ден можеш да бидеш убиен.“

Репресалии и заплашувања

Во Русија, барем официјално, не постои цензура, меѓутоа многу новинари стравуваат од репресалии и заплашувања доколку критички известуваат. Дмитри Скоробутов претходно работел 15 години како уредник во државната телевизија Русија- 24, кога еден ден бил претепан од свој пијан колега на работното место. Скоробутов го тужел колегата. Но, моќната телевизија сакала да го заташка конфликтот, претпоставува Скорбутов, па оттогаш го става судот под притисок. Скорбутов го загубил работното место и морал да го продаде својот стан за да се одржи во живот, заедно со својата болна мајка. Тој планира наскоро да побегне од Русија.

Отпуштениот новинар се чувствува прелажан и преминува во контраофанзива: „Постојат т.н. стоп-листи за уредниците, на кои се имиња и теми за кои не смее да се пишува“, вели тој за Дојче веле. „Кога се одржуваа протести против Путин, нашата телевизија две недели молчеше. Потоа бевме задолжени протестите да ги претставиме како несериозна работа. Не смеевме ни да го споменеме името на Навални, кој ги организираше протестите. И тоа без оглед што протести имаше во 102 града во Русија.“

На тие протести, исто како и на оној на кој учествуваше Јулија Федотова во Екатеринбург, дотолку повеќе и погласно постојано се извикуваше името на големиот идол Навални, колку што тоа поконсеквентно беше премолчувано во државно контролираните медиуми. Или протестите против растечкото влијание на Руската православна црква во руското општество и политиката, кои преку една година се одржуваат во Санкт Петербург, против предавањето на една од најважните атракции на градот, катедралата Исаак, на црквата.

Ова влијание го променува општеството, критикуваат противниците на црквата. Тоа на таков начин може да стане сѐ поконзервативно, но се брани и спротиставува сѐ додека може.

Русија се наоѓа пред претседателски избори кои многумина ги сметаат за недемократски, а самата Ксенија Собчак, единствената жена во изборната трка за највисоката функција во државата, ги нарекува фејк-избори.

Извор: DW

Би те интересирало и

Американските знамиња на половина копје во чест на загинатите во Тексас

Претседателот на САД, Доналд Трамп нареди американските знамиња да бидат поставени на половина копје во ...

Русија планира да го забрани увозот на помфрит од САД

Русија планира да го забрани увозот на помфрит од САД и другите западни земји кои ...