Русија ликува

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при средбата со американскиот претседател Доналд Трамп имаше широка насмевка: политичкиот хаос во Вашингтон во моментов ѝ оди во прилог на Москва, смета Миодраг Шориќ.

Последно што сега може да му треба на американскиот претседател Доналд Трамп е преговарачки успех со Русија. Не треба ни да се помислува што ќе се случи ако Москва и Вашингтон во моментов постигнат согласност за примирје во Сирија или најдат некакво решение за иднината на Украина. Секој договор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин само натамошно би ја зголемил огромната недоверба кај Демократите и многумина Републиканци во Конгресот кон нивниот претседател. Значи, Трамп мора да ја моли Москва и натаму да се стрпува, пред да може да започне процес на некој вид топење на мразот во односите.

Тоа никој не го разбира подобро од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. 67-годишниот политичар веќе пречекал и испратил бројни американски политичари, но ваков хаос во американската престолнина веројатно никогаш не доживеал. Американските политичари се речиси исклучиво преокупирани самите со себе, дилемата гласи: дали и во колкави димензии Кремљ извршил вијание врз исходот на претседателските избори во САД. Истрагата ќе продолжи и по отпуштањето на директорот на ФБИ, Џејмс Коми, можеби ќе се пролонгира со години.

Ако намерата на руската влада во 2016 година била да ја ограничи способноста за дејствување на последната суперсила, тогаш таа е постигната. Демократите имаат помала доверба во Трамп од било кога, што го елиминира потребното мнозинство за донесување на бројни закони, на пример за даночната реформа. Се чини дека ни кај Републиканците во Вашингтон нема едногласност. Тие го контролираат Конгресот и Белата куќа, но сепак им недостига сила за политички нов старт по ерата на Обама. Недовербата е надвисната како магла над институциите во Вашингтон.

Од аспект на Кремљ, ова се добри вести. Да го ослабее противникот, да го парализира: што повеќе би можел да посака Путин? На рускиот министер за надворешни работи во Вашингтон му беше тешко да ја скрие радоста. За време на неговата прес-конференција тој повеќепати мораше да се насмее при прашањата за руската улога во американската изборна кампања. Лавров зборуваше слободно, се чувствуваше сигурно, ја презентираше Русија како држава која на рамна нога со САД ги дискутира меѓународните проблем:ситуацијата во Сирија, во Авганистан, во Украина.

Сергеј Лавров е шеф на руската дипломатија од 2004. година, претходно десет години ја претставуваше својата земја во ОН. Сега искусниот дипломат во Белата куќа се среќава со политичките новајлии. Враќајќи се во Москва, тој ќе соопшти дека Трамп во догледно време не може да ги укине санкциите на Западот кон Русија – од внатрешнополитички причини. Но, Трамп ќе спречи натамошни, построги санкции.

Се чини, сегашниот момент во политичката динамика оди во прилог на Кремљ. Русија организира мировен процес за Блискиот Исток, канејќи ги притоа САД, а не обратно. Русија преговара со талибанците во Авганистан околу иднината на земјата. Коалицијата во Кабул, поддржувана од САД, е во дефанзива. Дури и да продолжат борбите на Блискиот Исток, Русија профитира од тоа. Околу 7.000 руски државјани, претежно од Кавказ, ги поддржуваат исламистите во Сирија и на други боишта. Москва нема никаков интерес тие да се вратат во татковината и таму да вршат терористички напади. Тоа важи дотолку повеќе пред претседателкските избори во Русија во 2018 година.

Извор: DW

Би те интересирало и

САД предвидуваат Ѕидот на плачот да остане во Израел

САД предвидуваат Ѕидот на плачот во Источен Ерусалим да остане во Израел во согласност со ...

Палестинска ракета наместо во Израел заврши на Газа

Ракета истрелана врз Израел од Појасот Газа погоди станбена зграда во тој палестински регион –  ...