Седумнаесет години од соборувањето на Слободан Милошевиќ од власт

Пред 17 години заврши владеењето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, а одбележувањето на петто-октомвриските демонстрации веќе речиси и да не постои. Според српските медиуми, 5 октомври помалку претставува некаков празник, а многу повеќе симбол на прокоцкана доверба и неисполнети очекувања.

За помладите генерации тој датум нема некаква вредност, додека за повозрасните 5 октомври е можност да се потсетат каде се наоѓале, што правеле и на што се радувале во таа 2000 година, но и што очекувале а што добиле на крајот од масовните собири против Милошевиќ.

Многумина признаваат дека една тешка и болна ера навистина е завршена на тој ден и макар мал дел слобода е освоен, но очекувањата од она што требало да следува биле далеку поголеми од тоа што навистина се оствари.

Од друга страна, за политичарите 5 октомври претставува идеална сцена. Всушност во изминатите години некои од нив ги замениле улогите, па наместо учесниците во протестите и „победниците“ на тој датум, за овој ден повеќе зборуваат оние, кои тогаш сметале дека се „поразени“ страни.

Актуелен претседател на Србија и лидер на најмоќната партија во земјата СНС е Александар Вучиќ, некогашен министер во владата на СПС-СРС-ЈУЛ, а денес на власт е и портпаролот на Милошевиќ – Ивица Дачиќ, потоа Александар Вулин, но и еден од лидерите на ДОС – Расим Љајиќ.

Во 2016 година сегашниот министер за одбрана Александар Вулин и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ зборуваа за петто-октомвриските демонстрации како за нешто кое на српскиот народ „не му донело ништо добро“, додека лидерите на сегашната опозиција главно молчеле и биле тивки.

Протестите на 5 октомври почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признаe резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите пристигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од терасата на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а следниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна избориниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеца подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде му беше судено за геноцид во Босна и Херцеговина, како и за воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.

Би те интересирало и

На први јануари почнува пописот на сите Албанци во светот

Од први јануари идната година амбасадите на Република Албанија во светот ќе започнат со реализацијата ...

Единаесетта ротација на словачки полицајци во Македонија

Од Амбасадата на Република Словачка во Скопје информираат дека на 15 ноември, врз основа на ...