Се враќаат за да инвестираат во родниот крај – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Се враќаат за да инвестираат во родниот крај

Додека некои заминуваат во странство, други се одлучуваат да се вратат назад од Западноевропските држави и да инвестираат во Македонија. Иако бројот на оние кои си одат е многу поголем, сепак има и такви кои дел од својот капитал кој го создале надвор почнале да го реинвестираат во родниот крај.
Сторија на Мики Трајковски

Bokop-izgradna na potporen zid na kukata na Robevci vo Ohrid-5

Иселеници од струшко Боровец се вратија во Струга и отворија сопствен бизнис
Фикрет Селимоски од струшкото село Боровец по речиси две децении живот и работа во Словенија а потоа и во Италија, се одлучува да се врати назад во родниот крај со една единствена цел, да отвори свој бизнис овде. Заедно со уште двајца блиски роднини стануваат сопственици на градежна компанија во која денес има седумдесет вработени. И додека охридско струшкиот регион со се поголемо темпо се празни поради заминување, особено во Западна Европа на илјадници млади луѓе, Селимоски вели дека одлуката за враќање назад во Македонија не била воопшто едноставна.

„Го научивме јазикот и влеговме во системот на живеење во таа земја.Имавме зацртано некоја цел и планиравме да започнеме нешто овде во нашата држава. Целта  ни се оствари. Заминавме од Италија во убавите години кога имаше работа и приход.Работевме таму со дваесет работници како компанија.Мислевме дека ја остваривме целта и рековме доста е, ајде да започнеме бизнис во нашата држава.Зедовме од таму машини и други материјали  и останавме на истата дејност со градежништво“, вели Селимоски од градежната компанија Бокоп од Боровец.

Бизнис иселениците се борат со нелојалната конкуренција во Македонија
Овој бизнисмен од струшко се пожали дека нелојалната конкуренција многу често им создавала проблеми но оти и покрај тоа успешно опстојувале на пазарот. Иселениците бараат домашните бизнисмени да имаат рамноправен третман со странските инвеститори од страна на државата.

Bokop - gradba na avtobuska stanica vo Ohrid 1

„Тешко е да се работи тука во нашата држава но треба упорност. За жал ние се соочуваме со нелојална конкуренција на пазарот .Можам да кажам дека има фантом фирми и без вработени и тие ти ја земаат работата.Можеби еден ден ќе се преземат мерки да не може секој да конкурира, да се знае кој може да ја изведе таа работа“, вели Селимоски.

Неопходно  е донесување на одредени мерки со цел создавање на повеќе можности за иселениците
Универзитетскиот професор по економија на Државниот универзитет во Битола, Анастас Џуровски вели дека инвестициите кои би доаѓале од дијаспората се многу важни за функционирањето на домашната економија и оти локалните самопоуправи имаат примарно значење кои треба да ги водат иселениците низ овој процес.

„Се уште не можеме да зборуваме за некој организиран систем за прифаќање на нивните потреби.Во контекст на ова може да се преземат повеќе иницијативи и повеќе мерки кои би биле во насока на подобрување на процесот на информации од и кон иселениците, а во насока на одредени законски измени и ставање во функција на поквалитетна инфраструктура со цел задоволување на нивните потреби“, вели Џуровски.

Локалните самоуправи да бидат главните контакт врски со иселениците
Џуровски вели дека на локална ниво во општините треба да има лица кое би служеле како контакт врска со иселениците за обезбедување на неопходните информации, а со цел реализирање на  инвестиции од нивна страна.

„Доколку дојде до некое менување на законот за локална самоуправа мислам дека една од коренитите измени за кои сите би биле за, би било воведување обврска на градоначалниците на месечно ниво да рапортираат за остварени контакти со иселениците и странските инвеститори, а сето тоа да го одобрува советот, а ваквите информации да се објавуваат и на веб страниците. Во однос на инфраструктурата која би им послужила би било и формирањето на еден тип на технолошки развојни зони кои примарно нема да бидат насочени кон производството туку повеќе би биле насочени кон услугите“, вели Џуровски.

Според професорот во државата недостасува соодветен информативен систем за информирање на иселениците. Затоа е потребно вели создавање на интерактивни водичи кои ќе ги насочат инвеститорите кои се слободни локации за инвестирање, колкава е работната сила во регионот и многу други неопходни информации.

Селимоски со порака до иселениците-Дојдете и инвестирајте во Македонија
Бизнисменот Селимоски вели дека во Македонија постои широк простор за инвестирање поради потребата од нови инфраструктурни проекти и токму тоа вели е добра можност за иселениците да дојдат и да вложат дел од својот капитал.Тој со порака до нив.


„Би им препорачал ако имаат смелост да дојдат и да пробаат нема да грешат.Секој што може да инвестира еден дел, сигурно би просперирал да оди напред .Ние гледаме иднина во државата.Би им препорачал на нашите иселеници во странство да пробаат бидејки дома си е дома.Ние гледаме перспектива бидејки Македонија е во развој.Ние инфраструктурно не сме решени во однос на Западните држави и затоа има перспектива и има простор за работа и може да се успее“, вели Селимоски.

Неколку иселеници од струшко се вратија назад и отворија свои бизниси
Во изминатите години неколку иселеници од струшкиот регион особено во Италија поради финансиската криза во оваа држава одлучија да се вратат назад во Струга и да отворат свои бизниси во најголем дел станува збор за мали и средни претпријатија најмногу во сферата на градежништвото но има и такви кои се занимаваат со туризам. Многу од нив се семејни бизниси што се одразува позитивно на целата ситуација.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.

logo-ned

 

Би те интересирало и

Дефицитот на млади стручни кадри ќе ја „згасне“ текстилната индустрија

Иако е една од водечките во земјава, текстилната индустрија ја губи својата атрактивност пред младите ...

Податоците низ историјата велат повеќе Македонци живеат низ светот, отколку во Македонија

„Татковино те љубам како стари чевли“ – вели една мисла на Сервантес. Младите од Македонија ...