Сивата економија – непријател на државната каса и работничките права – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Сивата економија – непријател на државната каса и работничките права

Долгорочен непријател на државната каса, работничките права и економскиот развој, е сликата со која експертите накусо ја опишуваат сивата економија со која институциите се во постојана војна, а само повремено добиваат некоја од битките – анализа Македонската информативна агенција.

Непријавената работа е една од главните манифестации на скриената економија, а високата стапка на невработеност е една од најзначајните индикации кои влијаат на скриените економски активности и практики.

Во анкетата на Центарот за истражување и креирање политики, спроведена како дел од мониторингот за скриена економија во регионот, 22,1 процент од испитаниците во Македонија рекле дека подобро би биле непријавени работници со повисока плата отколку пријавени работници со пониска плата.

Последните официјални податоци покажуваат дека платата на 44 проценти од вработените во Македонија целосно или делумно не се пријавува,  при што  девет проценти се без писмен договор за работа и не им се исплатени  социјални придонеси за вработување. Истовремено се почесто до Управата за јавни приходи (УЈП) пристигнуваат поплаки дека не се издаваат фискални сметки, што е регистрирано повеќе кај  услугите отколку кај стоките.

Надлежните институции евидентираат пријавување помали приходи од реалните, пријавување понизок обрт, регистрирање фиктивни компании за да се создадат фиктивни документи, а потоа фирмите се затвораат за да се прикрие трагата, користење фиктивни фактури и лажирање документи посебно во однос на ДДВ, извлекување готовина од компанијата преку заеми за да се избегне данок…

– Најголем дел од сивата економија е сконцентрирана во микро и малите бизнис и голем број на потенцијални учесници во неа. Не е возможно даночната администрација да ја користи само контролата како единствен механизам за подобрување на усогласеноста, односно треба  да развие  соодветни стратегии како одговор на најсеризоните типови на однесување преку  балансиран сет мерки насочени кон намалување на толеранцијата на сивата економија од страна на општеството, обезбедување помош насочена кон целни групи за да се подобри доброволната усогласеност и охрабрување на саморегулацијата,  вели  директорката на Управата за јавни приходи Соња Лукаревска.

Корупцијата ја урива довербата на бизнисите

Корупцијата е најважниот фактор за постоење на скриената економија според анкетираните 47,5 проценти од бизнисите во Македонија, во рамки на активностите од мониторингот на Центарот за истражување и креирање политики.  Подмитувањето како алатка за корупција е  една од 11-те практики на скриена економија потврдена преку бизнис анкетите, а 8,6 проценти од анкетираните бизнисмени рекле дека оваа пракса се користи постојано или во повеќето случаи.

Високиот даночен товар се смета за најважен фактор одговорен за постоење на скриената економија, избран од 42,9 проценти од  претставнците на бизнисот, а трет фактор, со 40 проценти, е стрежемот за брзо богатење.

Покрај на корупцијата, според препораките на бизнисмените во анкетата, треба да се работи и на намалување на даноците, да се применат поефективни бизнис стимулации, да се воведат построги закони и ефикасно судство.

Експертите сметаат дека во справувањето со овој проблем не треба да се пристапува само со непопуларни репресивни мерки, туку и со враќање на довербата на поединецот и на целиот бизнис во институциите на системот.  На краток и среден рок скриената економија им помага на општествата да заздрават од тешки економски кризи и транзиции, но на среден до долг рок ја загрозува социјалната заштита на работниците, ја зголемува нееднаквоста, нелојалната конкуренција и економската нестабилност.

Според Зоран Витанов, претседател на Асоцијацијата на менаџери,  Македонија има добри рeзултати во однос на непостоењето на т.н евазија на ДДВ, но за другите приходи се уште има простор за борба.   – Иако во однос на ДДВ  е над просекот во Европа,  и има попозитивни бројки во однос на Бугарија и Романија, предничи со сивата економија со вработувањата на црно и непријавувањето на дополнителните прiходи на персоналниот данок., што е нешто што се уште загрижува, вели Витанов.

Дилема за  добиената вредност од платеното на државата

Претпримачите, укажува, сметаат дека за тоа што го даваат не ја добиваат вредноста, немаат волја да плаќаат данок и секогаш кога можат на т.н. сив скриен начин се обидуваат  да не го платат.

– Тоа е така затоа што се уверени дека парите кои ги даваат во општеството не  завршуваат  каде што треба и не ги добиваат вредностите. На пример, плаќаат придонес за здравство на крај се принудени  да се лекуваат на приватно, плаќаат  придонес за пензиско, а на крај државата зема кредит за да го дополнува Фондот за пензиско. Стапот има два краја, и едните и другите се во право. Затоа треба да се воспостави дијалог  помеѓу  оние кои го полнат и оние кои го користат буџетот, вели Витанов.

Со оценка дека граѓаните не веруваат оти ќе добијат нешто корисно за своите пари е и експертот за проучување на сива економија од Хрватска Јосип Фрањиќ.

– Од влезот во ЕУ Владата презеде низа мерки за да ги намали можностите за сива економија и оние кои се во тој сегмент да се префрлат во формалната економија. За жал,  тие мерки не носат  резултати затоа што не задираaт во суштината на проблемот, а суштината  на проблемот е огромната недоверба на граѓаните. Тие не веруваат дека нивните пари кои и ги плаќаат на државата ќе резултираат со нешто корисно, посочува Фрањиќ.

Пренесувајќи ги искуствата во Хрватска раскажува дека воведените фискални каси во 2013  година,  на почетокот навистина дале резултати бидејќи луѓето биле присилени на тоа.  Но, како што оценува, со тек на време луѓето тука на Балканот се прилагодуваат на состојбата и веќе во 2015 година министерот за финансии бил доведен во ситуација да одлучи сам да оди со инспекторите  да провери како граѓаните нашле начин  да го изманулираат целиот систем. Во одбегнување на давачките кон државата, како што покажува неговото истражување,  учествуваат и високобразовани работодавачи, како адвокати и стоматолози.

Како што потенцира Витанов, во целиот регион на многу ниско ниво е колективната свесност, општествената и социјалната одговорност. Треба да се работи на едукација не само на претприемачите и на даночните обврзници, туку и на институциите кои ги креираат политиките. Двете страни имаат своја  вистина и се во право, но и двете страни имаат свои грешки, смета  Витанов.

Токму јакнењето на свеста на даночните обврзници, пак, се покажало како корисно во намалувањето на сивата економија во Албанија. Никола Лера, генерален директор за макроекономски и  фискални политики и вработувања од албанското Министерство за финансии,  акциите и кампањите на државата резултирале со зголемување на вкупните приходи од 24,2 проценти од БДП во 2013 на  28,1 процент од вкупниот БДП во 2017 година.

– Преземени се активности за јакнење на свеста и информирање на граѓаните, создавање притисок кон работодавачите дека треба да се плаќат социјалните  придонеси за да може на тој начин да се обезбеди даночната дисциплина и во другите области и да се добијат определени квалитетни услуги кои ќе стимулираат  доверба во институциите и намалување на сивата економија. Како резултат на тоа за една година е постигнат раст на приходите од четири проценти, објаснува Лера.

Како што препорачува, борбата против сивата економија  не е само да  се формализираат малите бизниси да ги плаќаат обврските, во најголем дел  придонесите за социјално  осигурување, туку и  да се обезбеди контрола на ланецот трансакции од најголемите кон помалите даночни обврзници.

 

Извор: МИА

Би те интересирало и

Загадениот воздух убива седум милиони луѓе годишно

Светот не напредува во борбата против загадувањето на воздухот, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена ...

Модерната технологија корисна но и штетна

Просветните работници се почесто алармираат дека децата прекумерно користат модерни технологии до граница на зависност. ...