Синдикалците на протест пред Владата во среда – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Синдикалците на протест пред Владата во среда

Синдикалци од цела Македонија во среда ќе протестираат пред зградата на Владата. Оваа информација денеска и официјално ја потврди Конфедерацијата на слободни синдикати.

Да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор, но и да започнат преговори за зголемување на нивните плати – ова се дел од барањата кои синдикалците ќе ги испорачаат на протестот којќе се одржи на 17 јануари. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски денеска најави дека протестот ќе почне пет минути пред пладне:

„Бараме веднаш да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата од октомври 2017 година, веднаш да започнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор без дискриминација на одредени дејности, да започнат преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со цел подигнување на работничките права во делот на минат труд, правото на регрес за годишен одмор и породилното отуство, задолжително да се усогласуваат барањата за платите во јавниот сектор помеѓу репрезентативните синдикати и Владата, пред секое планирање на Буџетот на Р.Македонија“.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на денешната прес конференција рече дека очекуваат притисоци од претставници на власта за евентуално спречување на најавениот протест.

Синдикалците најавија дека се спремни и на порадикални чекори и дополнија дека протестот ќе биде под мониторинг на Европската односно Светската конфедерација на слободни синдикати.

Би те интересирало и

Столтенберг: Има место за уште знамиња пред седиштето на НАТО

Петнаесетина минути траеше денешното обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Собранието, од ...

Забрана за камиони на патот Лисец – Попова Шапка поради наноси од снег

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози на повисоките места, со остатоци од ...