Синот на Никовски за советување на Груевски заработувал по 3000 евра месечно

По три илјади евра месечно за хонорар и’ наплатувал на претходната влада Александар Никовски, еден од надворешните соработници на поранешниот премиер, Никола Груевски. Од Владата денеска соопштија дека до Државното правобранителство доставиле барање за мислење во врска со договорот за ангажман не само на Никовски, туку и на Џорџ Р. Пери и Јехшуа Шуки Глајтман, кои биле надворешни соработници.

Вкупно 217 490 евра од државниот буџет му биле исплатени на надворешниот соработник на Груевски, Александар Никовски.

Стручњакот, кој е син на политичкиот аналитичар, Ристо Никовски наплатил над 70 000 евра за хонорар, а добил и 147 000 евра на име други трошоци. Во оваа сума влегуваат и неговите гоштевања по угостителски објекти, каде тој со државни пари јадел филе од патка за 6800 денари, но и див лаерак за кој платил 3000 денари. Со државни пари е платена и сумата од 5400 денари за шише ела вода – соопшти владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

„Потписник на овие договори е тогашниот Шеф на Канцеларијата на Груевски, Мартин Протугер. Постојат индиции дека потписот на Протугер е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање на Канцеларија на претседателот на Влада на Република Македонија, со што овие договори би биле ништовни. Исто така очекуваме и мислење од Правобранителството дали трошоците кои тогашната Влада му ги одобрила на соработникот Никовски може да се сметаат како трошоци за службени активности“, изјави Бошњаковски.

Според него, постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел компанијата Атриум да биде најдобро рангирана во тендерска постапка и да се доведе во повластена позиција. Во реалноста, Атриум извршувала занатски услуги по единечни цени кои се повеќепати повисоки од пазарните.

„Во тендерската спецификација се барале услуги и добра за кои однапред се знаело дека нема да се набавуваат и за истите се понудувале единечни цени кои се неразумни ниски“,  информираше Бошњаковски, додавајќи дека Владата бара од МВР да истражи како е можно фирмата Атриум да знае точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред.

Освен тоа, од МВР е побарано да спроведе истрага и за начинот и процедурата за набавка на авио билети од страна на Службата за општи и заеднички работи од 2014 до 2017 година.

„По распишан тендер з јавни набавки со цел ангажирање фирми кои ќе вршат резервации на авиобилети биле склучени рамковните спогодби со повеќе компании со цел да се избере најповолната понуда. Тоа што е утврдено е дека одговорните лица во Службата по тендерот и рамковните договори доставувале барање за понуди за авио билети само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани со рамковните договори, потенцираше портпаролот Бошњаковски.“

Одговарајќи на новинарско прашање за колкава сума точно се работи, тој истакна дека немаат збирна информација.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Биткоинот е речиси 8.000 долари, но инвеститорите со недоверба гледаат кон него

Иако вредноста на биткоинот порасна за неверојатни 700 проценти од почетокот на оваа година, поголемиот ...

Пад на цените на нафтата на светските пазари

Цените на нафтата на светските пазари минатата недела паднаа од највисокото ниво што го достигнаа ...