Сиромашна држава – богати пратеници – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Сиромашна држава – богати пратеници

Сиромашни држави, богати пратеници. Ова правило се чини важи за целиот регион не само за Македонија кога се во прашање платите и патните трошоци што секој месец се издвојуваат за народните избраници, пишува Макфакс.

Речиси сите балкански држави скапо ги чинат пратеничките гласови во Собранието. Иако собраниските сали често се полупразни, пред благајните секогаш има долг ред кога треба да се исплаќаат патните трошоци за пратениците. Ова воопшто не е чудно ако се има предвид дека најскапите пратеници на Балканот земаат по десетици илјади евра само за патни трошоци секоја година. Хотелски сместувања, скапи патувања во странство, авионски карти, намирени трошоци за јавниот превоз, се само дел од привилегиите што ги имаат најплатените балкански пратеници.

Стотици евра секојдневно издвојуваат парламентите на Република Србија, Хрватска, Црна Гора и на Косово за секој пратеник што ќе го запали сопственото возило за да дојде на пленарна седница. Најголеми трошачи се српските пратеници, иако по издатоците за бензин и за хотелско сместување рекорди водат и другите земји од регионот, меѓу кои е и Македонија.

Иако битката за намалување на патните трошоци трае со години, а пратениците трошачи се изложени на константни критики и притисок од јавноста, сепак ниту една мерка досега не вроди со плод. Напротив, и покрај декларативните заложби и иницијативи за изнаоѓање решение и намалување на трошоците кои ја цедат собраниската каса, деновиве јавноста во земјата повторно е разбранувана со објавувањето на проекциите за буџетските трошоци за идната година.

Во нив за патни трошоци во 2018 година се планирани 1,3 милион евра, ставка што е дури и поголема од претходната буџетска година, иако СДСМ се залагаше за намалување на непродуктивните трошења за што редовно ја напаѓаа владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Томислав Тунтев, во август годинава предложи четири алтернативи за регулирање на патните трошоци на пратениците. Ваквиот предлог произлезе кога токму Тунтев беше цел на критиките дека за три месеци зел 2.588 евра за патни трошоци до родниот град Охрид.

Моментно, од 120 пратеници, 71 го задоволуваат условот да наплаќаат за доаѓање на работa.

„Едно е постојното, меѓутоа да се регулира така како што е потребно за да не се злоупотребува. Најголемиот проблем во сегашниот начин во исплата на патните трошоци е злоупотребата на системот. Имало и има пратеници што не патуваат секој ден, а кои наплаќаат патни трошоци. Со алатки, механизми и активности што би го спречиле тоа драстично ќе се намали сумата на патни трошоци што се исплаќаат на месечно ниво. Втората алтернатива е давање станови за користење – службени, државни станови. Третата алтернатива што ја нудиме е со давање надомест за одвоен живот и за изнајмување стан под кирија. Четвртата алтернатива што ја нудиме е хотелско сместување на тендер“, изјави тогаш Тунтев.

Неколку месеци подоцна сè уште владее молк во Собрането за оваа иницијатива. Податоците што го објави СКУП Македонија говорат дека Собранието исплатило 7,4 милиони евра за патни трошоци за користење сопствено возило за службени потреби на пратениците во изминатите 10 години. Со овие пари можеле да се изградат 5 нови училишта со капацитет од 2.600 деца или 30 градинки со капацитет да згрижат речиси 3.000 деца.

Какви се искуствата во регионот?

Хрватските пратеници трошат вистинско богатство за автомобили и станови. Тие земаат по 12.100 евра годишно за патни трошоци, а најмногу пари се издвојуваат за службени патувања, авионски билети, патарини, хотелско сместување. Собранието им ги плаќа и трошоците за воз, траект и автобус. Пратениците се поштедени да плаќаат и за такси, паркинг, за користење гаража и слично.

Проблеми со злоупотребите на патните налози има и Црна Гора. Работата отиде дотаму што тамошното обвинителство на почетокот на годинава започна истрага за речиси 239 фиктивни патувања за кои биле потрошени 120.785 евра. Случајот го открил државниот ревизор, кој дал негативно мислење за работењето на собранието, што, според нив, не било во согласност со прописите. Ревизијата утврдила дека на патните налози нема датуми , а на некои од нив имало и лажни потписи, што било доволна причина за да се отвори истрага.

Според сознанијата на црногорските медиуми, најмал надомест за дневници и патни трошоци добиваат пратениците од Подгорица – 11 евра, а највисока е тарифата за пратениците што доаѓаат од Плављани, кои добиваат по 115 евра за секое доаѓање на пленарната седница. Исплатата на овие средства за пратениците е регулирано со уредба што е донесена во Црна Гора на 25 април 2012 година. Во согласност со уредбата, пратениците од Никшиќ добиваат 48 евра за секое доаѓање на седница, од Котор – 61 евро, од Улцињ – 65 евра, а од Будва 50 евра.

Кога станува збор за патните трошоци на пратениците, не се скржави ниту во собранието на Косово. Покрај плата и дневници, косовските пратеници добиваат компензација од речиси 4 илјади евра годишно за патни трошоци, иако повеќето од нив живеат во Приштина. Според документите што ги објавуваат косовските медиуми, изминатите години патните трошоци за 75 косовски пратеници достигнувале износ и од 170 илјади евра. Освен месечната плата од 1.500 евра, 240 евра месечно тие добиваат за учество на пленарните седници, а пратениците земаат и дополнителни 300 евра за патни трошоци.

Прашањето за патните трошоци на пратениците е уредено со одлука на собранието на Косово, со кое е предвидена надомест за патни трошоци за присуствување на седница и на комисиите во висина од 10 евра до поминати 30 километри, 20 евра до 60 километри и 30 евра за повеќе од 60 километри. Прва на листата е пратеничка што потрошила 4.720 евра во текот на една година.

Проблеми со исплата на патните трошоци изминативе години често имаше и српскиот парламент. Поради празната каса, во прашање биле доведени и редовните седници на собранието оти стотината пратеници одбивале да допатуваат до Белград доколку навреме не добиваат пари за потрошениот бензин. Во Србија годишно се предвидени околу 1,5 евро за патни трошоци и за преноќевање во хотели на годишно ниво, иако таа сума според медиумите често и се надминува. Она што ги збунува српските медиуми е тоа што финасиската служба во тамошното собрание од пратениците не бара да прикажат никакви сметки за да докажат дека средствата ги потрошиле за бензин. Но, пресметките покажуваат дека секој пратеник одделно потрошил по 2.000 до 2.500 литри бензин за само шест месеци.

„Некои од пратениците закупуваат стан во Белград на црно, а прикажуваат дека патуваат на работа. Пратениците имаат право и да изнајмат стан до 500 евра, но во тој случај собранието не им ги исплаќа патните трошоци. Други, пак, патуваат по тројца со ист автомобил, а прикажуваат дека патуваат секој со своето возило. Трети во своите возила имаат вградено гас, кој е многу поевтин, а пријавуваат дека се возат на бензин. Четврти, пак, патуваат со автобус бидејќи се ослободени од плаќање превоз. Секако, тврдат дека патуваат со автомобил и земаат пари за трошоци што не ги направиле“, ги откриваат српските новинари шемите што најчесто ги користат стотината пратеници во српскиот парламент.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

Економскиот раст и развој во стапицата на медиокритетската средина

доц. д-р Марјан Николов Загрижува што и новата Влада продолжува со програма за економски раст ...

Што е аерозагадување и кои се најголемите причинители?

Денес, сѐ почесто во јавноста го сретнуваме терминот „аерозагадување”. Но не само во јавноста, туку ...