Слободни приближно 8.000 работни места, најбарани продавачите

Приближно осум илјади работни места им се нудат на невработените лица во земјава во претпријатија кои работници бараат преку Агенцијата за вработување. И покрај тоа стапката на невработеност во Македонија се уште е висока и според последните објавени податоци изнесува 22,6 проценти.

Од она што најмногу се бара на пазарот на труд се продавачи и работници во преработувачката индустрија, но и градежни работници и во финансиската дејност.  Во евиденцијата на Агенцијата за вработување работа бараат вкупно 96.728 лица, од кои поголемиот дел се машка популација. Работодавачите, сепак, се жалат дека не можат да најдат работници.

Најмногу работници се бараат во скопскиот регион

Скопскиот регион, како најголем, нуди и најголем број слободни работни места. Повеќе од половина или 4.919 се во Скопско. Следуваат  Тетово со 444 слободни работни места, Штип 314, Битола 275, Куманово 272, Струмица 195, Виница 168, Гевгелија 160, Прилеп 142, Охрид 129, Велес 105, Кочани 105, Делчево 104, Кичево 69, Струга 59, Гостивар 53, Кавадарци 45, Радовиш 42, Неготино 35, Македонски Брод 33, Крива Паланка 20, Ресен 14, Демир Хисар 12, Берово девет, Дебар шест, Кратово шест, Крушево и Пробиштип по пет, Валандово четири и Свети Николе три слободни работни места.

Во трговијата на мало и големо се нудат 2.615 работни места, во преработувачката индустрија има потреба од 2.302 работника, градежништвото 578, транспорт и складирање 514, објекти за сместување и сервисни дејности со храна 489, стручни, научни и технички дејности 203, финансиска дејност и дејности на осигурување 195, информации и комуникации 190, административни и помошни услужни дејности 158, уметност, забава и рекреација 99, дејности на здравствена и социјална заштита 97, земјоделство, шумарство и рибарство 78, обрзование 63, други услужни дејности 39, дејности во врска со недвижен имот 34, непознат сектор 27, рударство и вадење камен 24, снабдување со вода, отстранување отпадни води 21, јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување 13 и во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа има слободни четри работни позици. Ниту едно работно место нема во дејностите на домаќинствата како работодавачи, дејности на екстратериторијални организации.

Работодавачите бараат 797 продавачи, 634 хигиеничари на станбен и деловен простор, 363 шивачи, 218 келнери, хемиски техничар оператор 210, шивачи на текстил 172, возачи на товарно возило 155, општи работници 149, возачи на такси 148, градежни работници 148, магационери 147, возачи на камиони 146, работници за едноставни работи на производствена линија 126, обезбедувачи (заштита на лица и имот) 123, чевларски работници 103, ракувачи со машина за рамно шиење 101, готвачи 97, касиери 96, администратори 95, работници за едноставни работи, нераспределен на друго место 95, хигиеничари на производствени – рботни простории 92, програмери 82, фармацевтски техничари 77, обликувачи, дистрибутери во малопродажба 75 и ракувачи со машина за пакување 74.

Евидентирани се 96.728 невработени лица

Според евиденцијата на Агенцијата за вработување невработени се 96.728 лица. Според полот меѓу невработените повеќе се мажи 51.179, а 39.549 се жени.

Најмногу невработени лица има во Скопје и Тетово, 15.097, односно 14.841 лица. Потоа следуваат Прилеп со 6.794, Гостивар 5.733, Битола со 5.025, Охрид 3.150, Велес 3.137, Кичево 3.093, Крива Паланка 2.779, Струмица 2.762, Струга 2.721, Штип со 1.911, кавадарци 1.822, Ресен 1.346, Дебар 1.571, Радовиш 1.440, Берово 1.179, Пробиштип 1.174, Крушево 1.113, Неготино 1.105, Свети Николе 1.044, Демир Хисар 949, Гевгелија 868, Кратово 693, Валандово 588 и во Виница 550 невработени лица.

Најбројни се невработените лица кои се без образование 41.884, следат 28.043 со средно образование, 12.323 со непотполно средно образование, а работа бараат и 12.054 лица со завршен факултет, како и 863 магристри и 38 доктори на науки.

Последните податоци за стапката на невработеност во земјава  е 22,6 проценти

Според последните објавени статистички податоци стапката на невработеност во Македонија во второто тримесечје од годинава изнесува 22,6 проценти и во однос на претходниот квартал бележи намалување од 0,3 проценти. Невработеноста во првиот квартал изнесувала 22,9 проценти, а во последниот квартал од 2016 година 24 проценти.

Од Агенцијата за вработување истакнуваат дека стапката на невработеност од 22,6 отсто укажува на тоа дека Македонија се уште има мошне висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.

– Изборот на образование е индивидуално право на секој поединец и при носење на одлука каде да се продолжи со образование, секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршување на процесот на формално образование, односно да се има предвид реална потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот, посочуваат од Агенцијата.

Објавените податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека активното население во вториот квартал брои 955.699 лица од кои вработени се 739.892, а 215.807 лица се невработени.  Стапката на активност во овој период е 56,9, а стапката на вработеност 44,1 отсто.

Работодавачите и во наредниот период ќе имаат потреба од вработувања, најголем вработувач ќе бидат малите претпријатија

Работодавачите и во наредниот период ќе имаат потреба од нови врабоувања. Анализата спроведена од Агенцијата за вработуваање покажува дека бројот на работници што ќе го побаруваат работодавачите е 8.207.

Најмногу вработувања се очекуваат кај малите работодавачи и тоа 39,8 отсто од очекуваните вработувања, кај средните 33,9 отсто, и 26,2 отсто кај големите работодавачи.

Најмногу работници ќе побарува преработувачката индустрија

Преработувачката индустрија и во иднина ќе бара најмногу нови работници. Од вкупно потребниот број работници дури 33,9 проценти се за оваа индустрија, во трговијата на големо и мало ќе бидат 18,9 отсто, во градежништвото  се очекуваат 7,9 проценти, во дејноста транспорт и складирање 7,3 проценти и во финансиската дејност се очекуваат 554 вработувања или 6,7 проценти од очекуваните.

Во скопскиот регион се предвидува да се вработат 3.144 или 38,3 проценти од вкупниот број очекувани вработувања, во источниот 1.496 или 17,9 отсто, во југоисточниот регион 11,9 или 949 лица, во пелагонискиот регион 9,1 или 745 лица, во југозападниот регион 7,4 проценти или 605, во вардарскиот регион 7,2 проценти или 590 лица, во североисточниот регион 5,1 или 417 лица и во полошкиот регион 3,5 проценти или 288 од очекуваните вработувања.

Среднистите ќе бидат најбарани

Најмногу ќе се побаруваат лица со завршено средно и вишо образование 51,9 проценти, со средно образование 28,9 отсто и со високо образование 6,6 проценти.

Најбарани ќе бидат програмерите, машинските инженери, градежените инженери, економистите, докторите по општа медицина, информатички инженери, инженери за организација на работа, економисти за банкарство, архитекти, инженери за компјутерски науки, сметководители, инженери за техничка сигурност, инженери металурзи за обработка на метал, правници, електроинженери – контролори, менаџери за производство и продажба, инженери – агрономи, фармацевти, маркетинг агенти, информатичари, графички дезајнери, администратори на бази на податоци и друго.

Со средно образование најбарани ќе бидат комерцијалисти, техничари за помош на корисници, фармацевтски техничари, електротехничари, инструментални оптичари, референти за продажба, оператори на медицинско-скенерска опрема, оператори за машинско одржување, главни готвачи, медицински сестри, компјутерски техничари, техничари-технолози, електротехничари за инсталација и опрема, машински техничари, администратори, книговодители, сообраќајни техничари, текстилнни техничар…

Со средно образование исто така ќе се бараат шивачи, продавачи, оператори на полуавтоматска машина, градежни работници, возачи на камиони, келнери, касиери, обезбедувачи, бравари, кројачи, заварувачи, готвачи, шанкери, возачи на автобуси, возачи на такси, пекари, возачи на товарно возило, ѕидари, столари, електричари за одржување, монтери на градежни елементи, бармени, месари, магационери….

Ќе има потреба и од вработувања на лица со завршено основно образование, а најбарани ќе бидат општи работници, хигиеничари на производствени работни простории, магационерски работници, пеглачи на алишта, доставувачи, дистрибутери, земјоделски работници, чевларски работници, градинарски работници, лозарски работници, курири, работници за едноставни работи во производство на текстил, собарки, овоштарски работници, …..

Работодавачите тешко доаѓаат до работници

Анализата на Агенцијата за вработување покажала дека работодовачите,сепак, се соочуваат со одредени тешкотии при пополнување на работни места, односно не можат да обезбедат работници со соодветно занимање, заради немање доволно работно искуство, немање знаење и вештини за извршување на работните задачи кои ги побарува работното место.

Работодавачите многу често имаат тесно дефинирани листи на компетенции кои кандидатите треба да ги поседуваат при пополнување на слободните работни места. Па оттука лицата по завршување на формалното образование, уште при првиот контакт со пазарот на трудот се соочуваат со одредени потешкотии како на пример ограничена понуда на слободни работни места соодветно на нивниот степен и профил на образование, недостаток од работно искуство кој е задолжителен критериум во сите огласи, недостатокот од практични знаења во конкретната област во која го завршиле своето образование, недостаток на знаења и вештини кои  ги побаруваат работодавачите при  пополнување на слободните работните места и слично, велат од Агенцијата за вработување.

Според нив новите техничко – технолошки промени  и динамичниот развој на пазарот на труд, креираат работни места за кои се потребни нови знаења и вештини, кои не секогаш можат да се стекнат во процесот на формалното образование. Затоа, порачуваат, е неопходно поврзување на процесот на формално и неформално образование се со цел задоволување на потребите на пазарот на трудот.

Работодавачите покрај тоа што законски се обврзани да го објават слободното работно место, за да може да го пријават потоа работникот, може во Агенцијата и да побараат вработување.

– Една од клучните услуги на АВРМ е посредувањето при вработување по барање на работодавач. Оваа услуга се спроведува под услови и на начин утврдени со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, при што секогаш се имаат предвид условите што се бараат за работното место наведено во пријавата за потреба од работник, со цел обезбедување соодветна работна сила. При посредувањето за вработување се повикуваат невработените лица – активни баратели на работа, кои се изјасниле дека се подготвени веднаш да прифатат вработување. Сепак, конечниот избор при вработувањето останува на самиот работодавач, истакнуваат од Агенцијата за вработување.

Невработените лица – потенцијални кандидати за вработување пак се насочуваат да се вклучат во обуки за стекнување на дополнителни знаења и вештини, а работодавачите се мотивираат  да организираат обуки, во своите работни простори, со нивна опрема и технологија како би ги обучиле потенцијалните кандидати за вработување согласно своите потреби.

Би те интересирало и

Царовска:ММФ не бара зголемување на старосната граница за пензионирање

Владата се зазема сериозно за стабилизација на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување и веднаш ...

Договорите за јавни набавки од декември стануваат достапни на јавноста

Договорите за јавните набавки од следниот месец ќе и бидат достапни на јавноста. Договорниот орган ...