Соопштение на НБРМ: Вложување во виртуелни или крипто валути е незаконско

Народната банка на Република Македонија денеска преку соопштение укажува дека според домашната важечка регулатива вложувањето од правни и физички лица резиденти на Македонија во виртуелни или крипто валути не е дозволено, исто како што не е дозволено ниту отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

Укажувањето од НБРМ следи по објавата за бесплатен онлајн курс за биткоин и начинот на тргување со оваа дигитална (крипто) валута. Централната банка досега неколку пати укажува на внимателност во однос на понудите кои доаѓаат преку електронските медиуми за купување и тргување со дигиталните (крипто) валути.

Дигиталните валути, како што наведува НБРМ, земаат сѐ поширок замав во светски рамки и интересот за нив сѐ повеќе расте, водено од високите и растечки приноси, без да се има јасна слика што значат точно вложувањата во крипто валутите и кои се ризиците коишто ги носат тие. Некои дигитални валути имаат елементи на пирамидални шеми, како што е случајот со Уанкоин (OneCoin), при што во неколку земји од Европа беа објавени предупредувања или беа започнати истраги во однос на вложувањата во Уанкоин. Од друга страна, некои криптовалути, како на пример биткоинот, се прифатени и се во примена во одредени земји.

– Народната банка повторно укажува на ризиците кои произлегуваат од ваквите вложувања, бидејќи средството кое овозможува многу високи приноси, вообичаено носи и големи ризици за загуба. Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните (крипто) валути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне, се вели во соопштението НБРМ.

Според информациите од интернет, посочува централната банка, на почетокот на 2010 година цената на еден биткоин изнесувала 0,003 долари, а денес изнесува преку 2.500 долари, или само за неколку месеци од 2017 година цената на еден биткоин се зголемила за близу 300 проценти. Вредноста на крипто валутите се менува главно врз основа на побарувачката за нив, така што и пазарот за нив е нестабилен. Доколку опадне популарноста на крипто валутата, соодветно ќе се намали и нејзината вредност.

НБРМ ги повторува и останатите ризици во трансакциите поврзани со купувањето, чувањето и разменувањето  крипто валути. – Тргувањето со дигиталните валути се врши преку платформи кои најчесто не се регулирани и чиишто правила за работење се предмет на чести измени, па дури и запирање со работа без најава ниту објаснување. Не постои никаква правна заштита за средствата кои се вложени преку овие софтверски платформи, ниту пак постои механизам за обесштетување на клиентите, како што е тоа случај со депозитите вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка. Купените крипто валути се чуваат на виртуелна сметка или т.н. дигитален паричник, кој е и најчеста мета на хакерските напади, што може да предизвика директна загуба за вложувачите, објаснува НБРМ.

Учесниците во трансакциите со виртуeлните валути, укажува НБРМ, најчесто се анонимни и трансакциите не може да се следат, што вообичаено создава сомнеж дека може да бидат поврзани со криминални активности, перење пари, финансирање тероризам.. Доколку се појават вакви сомневања, надлежните органи според своите законски овластувања, можат да ја блокираат платформата и да ги замрзнат средствата, што покрај финансиската загуба, може да влијае и врз интегритетот на вложувачите.

Кабинет на гувернерот

Додади коментар

Би те интересирало и

Извршители влегле во Фени, му се заканува ли стечај на кавадаречкиот комбинат за никел

Извршителите тропнале на вратите на кавадаречкиот комбинат за никел Фени Индустри, a како што дознаваме, ...

Институциите спроведуваат 70 отсто од препораките на ревизорите

Околу 70 проценти од препораките кои Заводот за ревизија им ги дал на државните институции ...

Close