Со 54 гласа за и осум против, Комитетот за надворешни работи на ЕП ја усвои Резолуцијата за Македонија

Со 54 гласoви за и само осум против, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска ја усвои предлог-Резолуцијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции во 2016 година – информира агенцијата МИА.

Европратениците во т.н. АФЕТ-комитет претходно усогласија 28 компромисни амандмани (во однос на вкупно 318-те поднесени) и денеска сите ги усвоија, а во нив се содржани и термини „Македонија“, „македонски“ и сл., но исто така и предвидување дека македонската држава ќе добие нова Влада, па се бара „транспарентна транзиција“.

Европарламентот, со оваа Резолуција ја потврдува осмата позитивна препорака на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, но со услов исполнување во целост на договорот од Пржино и Итните реформски приоритети на Европската комисија. Се наведува и дека „ЕП ја потврдува својата недвосмислена и силна посветеност на процесот на пристапување на земјата во ЕУ“, како и дека „по две одложувања да се одржат предвремени парламентарни избори во Македонија, на 11 декември 2016 тие беа одржани во уредна и мирна атмосфера, во согласност со меѓународните стандарди и во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и поминаа без поголеми инциденти, генерално беа добро спроведени а одѕивот на гласачите беше висок“.

Во однос на очекуваните реформи на ЕУ во однос на правосудството, јавната администрација, основните права, добрососедски односи, медиумите и вработувањето на младите, се инсистира и „на преглед на Охридскиот рамковен договор“. А, за отворање на пристапните преговори за Македонија со Европската унија, наместо „безусловно“, како што се бараше претходно, сега со компромисен амандман на Резолуцијата „отворањето на преговорите за членство треба да се гарантира по исполнувањето на потребните услови“.

– Додека регионалната соработка и добрососедските односи се суштински елементи на процесот на проширување, Процесот за стабилизација и асоцијација и процесот на пристапување на земјата, билатералните спорови не треба да се користат за да се попречи процесот на пристапување во ЕУ, ниту за отворањето на преговорите за членство, но да бидат соодветно опфатени во конструктивен дух и во согласност со стандардите на ЕУ и на ОН, а сите напори треба да водат кон одржување на добрососедските и меѓуетничките односи – бараат европратениците.

Се чини, најчуден е осмиот компромисен амандман, кој денеска беше усвоен, а со кој европратениците очекуваат „формирање на нова, стабилна и одговорна Влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и законските барања и постапки“. Тоа значи дека Европарламентот однапред знае со оваа Резолуција дека во Македонија ќе има промена на власта, па бара транспарентна транзиција. А, исто така, во овој компромисен амандман се повикуваат сите страни во Македонија „да се воздржат од какво било попречување во однос на ефективното функционирање на парламентот“.

Се повикуваат и сите партии целосно да ги имплементираат Итните реформски приоритети на Европската комисија за земјата и договорот од Пржино, чие спроведување, според европратениците – е од витално значење и пошироко од изборите, а со цел да се обезбеди политичка стабилност и одржливост во иднина. Во овој контекст се бара и реактивирање на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) на Еврокомисијата и Македонија, а ЕП ја повикува Комисијата и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и „да се зголеми видливоста на проектите финансирани од ЕУ во земјата, со цел Унијата да се доближи до граѓаните на земјата“.

ЕП ја повикува новата влада на Македонија да воспостави транспарентни и ефикасни линии на одговорност меѓу и во рамки на институциите и препорачува правична застапеност на сите заедници во сите нивоа на јавната администрација. Неколку компромисни амандмани се усвоени за безусловна и непречена работа на Специјалното обвинителство, на кое требало, според Резолуцијата „да му се даде време и сите ресурси и без опструкции“ да ја врши својата работа, која, според компромисниот амандман 15, треба да доведе до „правна и политичка одговорност“.

– Европарламентот е загрижен за сигналите што доаѓаат од граѓанските организации, а кои се однесуваат на влошување на климата во која тие работат и останува загрижен за радикалните јавни напади на граѓанските организации и странски претставници од страна на политичарите и медиумите. ЕП ја признава и ја охрабрува важната улога на граѓанските организации за мониторинг, поддршка и унапредување на демократските процеси, вклучувајќи го и изборниот процес, како и обезбедувањето на проверка и рамнотежа, се вели во Резолуцијата.

Во однос на заштита на правата на ЛГБТ-групите во земјата, со амандман се бара ЕП да ја потсети Владата и политичките партии за нивната одговорност во обликувањето, со закон и во пракса, на култура на вклучување и толеранција, а се бара и промоција на родова еднаквост и поголемо учество на жените во политичкиот живот и во вработувањата.

Исто така, Европскиот парламент смета дека се потребни конкретни мерки со цел да се постигне општествена кохезија меѓу различните етнички, национални и верски заедници во Македонија.

– ЕП ги потсетува владините и партиските лидери на своите заложби за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор на инклузивен и транспарентен начин, да се заврши задоцнетиот преглед без натамошно одлагање, вклучувајќи ги и политичките препораки и да се обезбеди доволен буџет за негово спроведување. Се осудува секој облик на иредентизам и секој обид да се распаднат различни социјални групи и се нагласува важноста да се започне долгоочекуваниот попис без натамошно одлагање, се бара во Резолуцијата за Македонија во ЕП.

Пратениците во Комитетот за надворешни рбаоти на Европскиот парламент, денеска го усвоија амандманот 213 на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој претходно во Реозлуцијата за Албанија протурка дека „Македонците од Голо Брдо, Преспа и Гора се Бугари“, па сега се бара „властите во Македонија да преземат мерки за постигнување на историско помирување за да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучувајќи ги и граѓаните со бугарски идентитет“. Но, беше одбиен амандманот 304 на Ковачев, а во него од властите во Македонија се бараше „да усвојат историја базирана на факти и да подели едукативни материјали ослободени од идеолошка интерпретација и говор на омраза против соседните земји, а што е произлезено од комунистичката ера“.

Како последен, европратениците го одбија амандманот 315 на Гркинката Софија Сакорафа, со кој таа бараше „решавање на отворени прашања што е можно порано во пристапниот процес на конструктивен начин и во добрососедски дух, а пред отворањето на пристапните преговори“.

Инаку, на 14-ти овој месец во ЕП во Стразбур, целиот состав на Европарламентот ќе ја донесе официјално Резолуцијата на пленарна седница.

Резолуциите на Еворпарламентот за сите држави немаат правно дејство, туку се само советодавни и може, но не мора да се земат предвид од другите ЕУ-институции и од земјите-членки на Европската унија.

Додади коментар

Би те интересирало и

Костов: ГОБ „8 Септември“ оставена со долг од околу 5 милиони евра

Долгови на болницата од околу 5 милиони евра или 243 милиони денари кон разни фирми, ...

Гори депонијата во Тетово

Од утринава нешто по 8:30 часот гори депонијата на влезот во Тетово кај железничката пруга ...

Close