Стотина работници од МГИ оставени на улица со две неисплатени плати, раководството молчи – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Стотина работници од МГИ оставени на улица со две неисплатени плати, раководството молчи

Работеле по повеќе од 12 часа, за време на викенди, но и на празници – за својот труд сепак, стотината работници од конфекцијата Македонија Гармент Индустри се’ уште не се исплатени. Без да им биде посочена причината, тие биле информирани дека остануваат без работа.

Фото: Opserver.mk

 

Над 135 текстилни работници се во неизвесност кога ќе си ги добијат платите за март и април. Од раководството, ни трага ни глас.

Една од вработените, Бети Величковска за Канал 77 раскажува дека во оваа конфекција се вработила пред скоро десет години, но вакво нешто никогаш се немало случено. Од Нова Година па наваму, до неа и нејзините колешки пристигнувале гласини дека фирмата се затвора, но раководството тоа го одрекувало. Работничките биле убедувани дека фирмата не оди во стечај и дека нема потреба да бараат нова работа, за по извесно време да бидат сведоци на изнесување на машините од конфекцијата и сега како што велат, да трпат за леб.

Сопственикот не ни даде плати за два месеца, а работевме до 19 или 20 часот навечер да ја завршиме нормата за извоз и да можеме да земеме плата. Тој испари преку ноќ. На крај, на колегите кои останаа последни им се обратил со зборовите: „Ма каква плата!“. Сме седеле од 07 сабајле дури и до 9 ноќе бидејќи имавме извоз. Каде се тие пари?  Нон стоп работевме и за празници. Во ред, претходно плаќаше, но последните месеци не’ лажеше. 135 луѓе сме оставени на улица и никој нема плата. Машините ги изнесуваа, а ние му верувавме. Работев девет и пол години, ова досега не ми се случило. Добивме 500 денари за К-15, жени се повредуваа на работа и молчеа за да не го оштетиме него, но ова сега што го прави е срамота – посочува Величковска.

Работничките во знак на револт организираа и протест пред конфекцијата во скопска „Кисела вода“. Иако раководството не се одважило да разговара со нив, им повикало полиција.

„Не остави толку безобразно, да трпиме за леб. Два месеца плата да не земете. Немаме здравствено осигурување. Вчера го повикавме да дојде да ни каже кога ќе не’ исплати, а тој ни повика полиција иако ние ништо не правевме. Доаѓаат луѓе од страна, ни кажуваат дека ни викнал полиција за да ја пуштиме службеничката, а ние нејзе не ја затворивме. Таа не ни беше заложник.  И’ се обративме за да го повика господинот Марсел, да ни каже кога ќе не исплати зашто ги ветуваше тие плати. Ни ветуваше дека ќе не’ даде како технолошки вишок,  дека до први јуни ќе бидеме пријавени и да не бараме работа, дека не е ставена под стечај, а сето тоа било завршено од  Нова Година. Фирмата е негова и може да ја затвори кога сака, но нека не исплати“, истакнува Величковска. Таа раскажа дека една од нејзините колешки за време на протестот паднала и имала крварење на ногата, но одбила да прифати да повикаат Брза Помош бидејќи немала здравствено осигурување.

Инаку, конфекцијата МГИ е сопственост на Холанџанецот, Марсел Мелес, кој е сопруг на актерката Синоличка Трпкова. Канал 77 се обиде да добие и негов став за целата ситуација, но тој не одговараше на нашите телефонски повици, па се’ уште нема официјални информации за причините кои довеле до прекин на производството во МГИ. На работничките пак, додека протестирале им било кажано дека сопственикот и’ должи пари на некоја банка, но тие сепак се сомневаат во вистинитоста на оваа информација.

Меѓу вработените на кои не им се исплатени платите се и сопруг и сопруга кои сега остануваат без примања, а неодамна на дел од вработените им биле потпишувани документи за подигање кредит, кој сега немаат како да го отплаќаат.

Сопругата на сопственикот Мелес, Трпкова неодамна објави колумна во која пишува дека борбата за да се преживее во текстилот е безмилосна.

Научив колку е тешко да создаваш во приватниот сектор, особено во текстилот кај нас, да бидеш и креативен и одговорен за вработените, за клиентите, за инвеститорите, за квалитетот и квантитетот на производот. Да бидам искрена – комотноста што ја имаме во државниот и невладниот сектор, со бесмислени и измислени партиски вработувања, со високи државни плати/хонорари – што не создаваат ништо, го уништува и она здравото во приватниот сектор, на чиј грб и од чии придонеси се егзистира. Дури и оние што здушно ги штитат и се борат за правата на работниците не ја знаат другата страна на медалот. Ги разбирам и нивниот активизам и идеологија, но, за жал, тоа нема да ја подобри многу позицијата на работникот, без соочување со суштинските проблеми за коишто не се зборува – нагласува Трпкова во колумната.

Во меѓувреме, српските медиуми објавуваат дека Мелес планира да инвестира над 1 милион евра во Врање.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

ВМРО-ДПМНЕ: Дуото Тевдовски-Анѓушев конечно признаа дека се неспособни да ја водат економијата на државата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево со писмено соопштение реагираше на денешните изјави на вицепремиерот, ёКочо Анѓушев и ...

Анѓушев и Тевдовски оптимисти дека ќе се реализираат капиталните инвестиции

  Со изградба на крупни инсфраструктурни проекти и одржливост на јавниост долг до зголемена ефикасност ...