Студена атмосфера на самитот на НАТО

Скаменети лица и непријатна атмосфера, е првата слика од самитот на лидерите на НАТО во Брисел на кој за првпат учествува претседателот на САД, Доналд Трамп.

Иако Европјаните се потрудија да внесат многу сентименталност и симболика на самитот, да го потсетат Трамп колку била и е важна Алијансата за колективната безбедност, колку не се колебаа земјите членки кога требаше сите да застанат зад САД по 11 септември и да го активираат членот 5, сето тоа не ја смени драматично реториката на претседателот на САД.

Иако самитот сè уште трае и резултатите се очекуваат по 21 часот, околу клучните пораки Трамп веќе навести дека останува на свое, а таму каде што го сменил ставот не сака тоа јасно да го каже на јавноста.

Сите уши во НАТО беа свртени кон неговиот говор на церемонијата на откривање на остатоците од нападот од 11 септември, но освен пораката дека 23 од 28 земји членки не си ги исполнуваат обврските што ги презеле и тоа не е фер кон даночните гласачи на САД, не им испрати помирливи тонови на сојузниците околу ниту едно друго прашање.

„Два проценти од буџетот е минимумот за да се справиме со денешните многу реални и многу поврзани закани“, рече Трамп додавајќи дека „ако земјите членки целосно ги исполнат контрибуциите тогаш НАТО ќе биде посилен од тоа што е сега, особено во борбата против тероризмот“.

Наедно тој им упати забелешка за цената на новото седиште на Алијансата, именувано Агора, што чини над милијарда евра, со самото тоа што нагласи дека „никогаш досега не прашал колку потрошиле за негова изградба“.

Според американските новинари Трамп не ги разбира баш обврските на земјите членки кон НАТО со забелешката дека тие должат огромна сума пари за изминатите години, бидејќи станува збор за трошоци што треба да ги остварат земјите членки во јакнењето на нивните армии, а не да ги уплаќаат во Алијансата.

Иако државниот секретар Рекс Тилерсон брифирајќи ги новинарите тука изјави дека САД не се повлекуваат од обврската предвидена со Членот 5 во случај на напад на некоја држава да се стават во нејзина одбрана сите останати, Трамп тоа не го кажа експлицитно во говорот. Место тоа тој даде нејасно ветување дека „никогаш нема да ги остави пријателите што стојат на страната на САД“. Тоа беше реакција на постојаните потсетувања тука дека над 1000 војници не-Амеиканци од земјите членки досега ги загубија животите во Авганистан, како резултат токму на активирањето на Членот 5 по нападите во САД и интервенцијата во Авганистан потоа.

Затоа германската канцеларка, на истата церемонија „порача дека сојузниците во НАТО треба да останат обединети во довербата, а не во изолацијата“.

Трамп, според неофицијалните информации, не кажал ништо критично и за Русија иако јавно изјави дека околу Украина по се изгледа има исти позиции како тие на ЕУ и НАТО. Единствена тема околу која очигледно се согласија е засилувањето на борбата против тероризмот, со најава од НАТО дека ќе се вклучи во анти-ИСИС коалицијата, иако не воено, туку во друга улога.

Со оглед на тоа дека лидерите се оделени физички од новинарите, многу детали од самитот сè уште нема, но судејќи по фотографиите и снимките, нема лидер во Европа што Трамп го чувствува како свој сојузник и вистински партнер во Алијансата, при што Меркел се држи од него на безбедна далечина.

Посетата на Трамп на Брисел во САД се гледа како негова шанса да си го поправи рејтингот нарушен од истрагата околу контактите со Русија на изборите, но очекувањата на европските лидери дека оваа невоља ќе го омекне по сè изгледа нема да се остварат.

Најголема промена од ставовите досега Трамп демонстрираше со средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, за кој порача дека остварил огромен успех на изборите, иако претходно ја поддржуваше Марин Ле Пен. Засега не е најавено дали Трамп ке ја искористи приликата и ќе одржи прес конференција по самитот.

Извор: Макфакс

Додади коментар

Би те интересирало и

Група млади пратеници во првите редови на протестите во Венецуела

Група млади пратеници се во првите редови на насилните антивалдини протести во Венецуела, кои траат ...

Путин не е највлијателна личност во Русија

„Левада центар“ направи истражување за тоа кого Русите го сметаат за највлијателна личност во историјата. ...

Close