Судењето за „Таргет-Тврдина“ одложено за 27 март, со нов судија – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Судењето за „Таргет-Тврдина“ одложено за 27 март, со нов судија

За 27 март е одложено судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, пренесува МАкедонската информативна агенција.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

На денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје беше кажано дека со новиот распоред за работа на судиите од овој суд предметот и’ се доделува на судијата Џенета Бектовиќ. Таа, до 27 март треба да го проучи предметот и доказниот материјал.

Во Кривичниот суд денеска присуствуваа Јанкулоска и Мијалков, а наспроти нив застана обвинителката Ленче Ристовска од СЈО.

За „Таргет – Тврдина“ досега беше одржано само едно рочиште, на 22 декември. Судијката Ленка Давиткова тогаш го одложи судењето бидејќи, како што кажа, не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Би те интересирало и

18 годишна девојка украла пари и злато од својот дом

18 годишна девојка од тетовското село Туденце е осомничена за кражба која ја извршила в ...

Синот осомничен за убиство на 62 годишниот штипјанец

Синот заедно со негов пријател го убиле 62 годишниот штипјанец Т.Б, велат првичните сознанија од ...